Сите предности на „најмалите тестенини на светот“

Фото: Unsplash
198

Татковината на оваа интересна и по малку необична храна е Африка, а рецептите за начинот на неговото приготвување датираат уште од 10 век. Покрај тоа што е вкусен и лесен за подготовка, кускусот е богат со есенцијални хранливи материи кои помагаат да се одржи доброто здравје.

Кускусот (кус-кус) е храна која се добива од кршена тврда (дурум) пченица, слободно можеме да ја наречеме и каша, а ни доаѓа од Северна Африка и Блискиот Исток. Исто така е многу распространета во Италија, каде што може да се најде во слични варијанти под различни имиња.

Како и да го наречете, кускусот е исклучително хранлива намирница со неутрален вкус која одлично оди со многу други намирници и затоа сѐ почесто наоѓа место на трпезите ширум светот.

Интересно е и тоа што е многу честа појава во исхраната на луѓето кои сакаат да се хранат поздраво, но патем, и да ослабат. Имено, тој е богат со влакна, па овозможува чувство на ситост, а добар е и за намалување на холестеролот во крвта. Бидејќи има помалку калории од оризот, многу често се користи како замена за него.

Покрај тоа што е вкусен и лесен за подготовка, кускусот е богат со есенцијални хранливи материи кои помагаат да се одржи доброто здравје.

Тој е богат извор на витамини од Б-комплексот, кои меѓу другото се неопходни за виталност на мозочните функции, одржување на енергијата и имунитетот, за производство на крвни клетки и одредени хормони.

Минерали присутни во овој африкански гурмански деликатес се и селенот, калциумот, магнезиумот, железото, бакарот, цинкот, фосфорот и манганот, а содржи и тиамин, ниацин, рибофлавин и пантотенска киселина.

Кускусот е исклучително богат со протеини. Храната богата со протеини го стимулира разградувањето на ензимите, го стабилизира шеќерот во крвта, помага за зараснување на раните и е неопходна за правилен раст и развој.

Кускусот може да помогне во одржување на енергијата на телото, зајакнување на мускулите и подобрување на функцијата на цревата. Позитивно влијае на функциите на надбубрежните жлезди.

Заштитник на крвните садови

Минералот селен, изобилно присутен во оваа намирница, ќе се погрижи вашиот имунолошки систем да остане на совршено ниво и ќе го зачува здравјето на вашите крвни садови. Само една шолја кускус содржи дури 60% од препорачаната дневна количина на овој ценет минерал.

Познат е и како моќен антиоксидант, што го прави вистински добротвор на човечкиот организам  кој помага во одржување на виталноста.

Кускусот е добар извор на калиум – една шолја задоволува дури 40% од препорачаната дневна доза на овој есенцијален минерал. Улогата на калиумот во организмот е повеќекратна – го регулира крвниот притисок и отчукувањата на срцето, ја ублажува болката, се грижи за здравјето на мускулите и нервите.

Исто така, помага во обновувањето на клетките, поттикнува детоксикација на телото, го стимулира лачењето на инсулин од панкреасот, како и метаболизмот на јаглените хидрати.

Се покажа дека храната богата со калиум е од големо значење во превенцијата од мозочен удар, срцеви заболувања и атеросклероза.

 Сојузник во борбата против вишокот килограми

Ова е идеална храна за секој кој сака да го регулира вишокот килограми Една шолја вкусни зрна кускус има многу малку масти и само 175 калории.

Богат е со влакна кои овозможуваат продолжено чувство на ситост, а исто така се од големо значење за доброто функционирање на дигестивниот систем. Влакната помагаат во елиминирање на токсините од телото, го намалуваат холестеролот и го регулираат нивото на гликоза во крвта.

Тие имаат корисен ефект врз многу кожни проблеми. Редовното внесување на влакна делува превентивно на појавата на хемороиди и чир на желудникот.

Храна за чиста и сјајна кожа и коса

Благодарение на цинкот, консумирањето кускус благотворно влијае на изгледот и здравјето на кожата, косата и ноктите. Цинкот, кој влијае на производството на маснотии во кожата, е одговорен за убава и чиста кожа, без пеги, темни дамки и оштетувања и помага за побрзо заздравување.

Затоа, вклучете го кускусот во вашата исхрана не само за здравје, туку и за убавина.

Кус кус се прави со грубо мелена пченица (гриз), навлажнета со солена вода, се трие и се гмечи помеѓу дланките, со кружни движења, за да се добијат топчиња (со различни карактеристики и конзистентност), кои подоцна се сушат. За време на овој процес се користат големи, плитки садови и сита. Ако ја посетите Северна Африка, кадешто секојдневно се користи кус кус во исхраната, ќе видите дека, на овој традиционален начин, тоа го прават со нивните вредни раце жени собрани во поголеми групи. Правењето кус кус се смета за уметност, бидејќи добриот кус кус не смее да биде згрутчен.

Во Северна Африка, на есен се спремаат резервите од кус кус за цела година. Тоа е голема работа околу која се собираат цели семејства со своите соседи и пријатели. Исто така има и религиозно значење и со него се проследени сите важни настани во животот на луѓето во Северна Африка, од свадби до погреби. Симболично, со цел да се добие среќа и благосостојба за целото семејство, кус кусот им се дава на сиромашните.

Главната разлика помеѓу кус кусот и тестенините е тоа што тестенините се месат, додека кус кусот е, условно кажано, навлажнето, преобликувано и исушено брашно. Во исто време, ова е одличен, природен начин на конзервација, па кус кусот има многу долг рок на траење. Ова било од големо значење за луѓето кои живееле во дамнешно време, кога немало друг начин за одржување на намирниците.

Додека тестенините се служат со различни сосови, кус кусот е едно од традиционалните јадења што се целосен оброк. Обично се јаде на традиционален начин, со динстан зеленчук на кој, освен во вегетаријанските варијанти, му се додава месо или морска храна и риба. Од зеленчук се користат сите можни видови (тиква, тиквички, модри патлиџани, моркови, пиперки, домати, компири, кромид …), и од месо најчесто јагнешко, пилешко и говедско месо. Исто така, може да се додадат мешунки.

Во слатки варијанти, во кус кусот се додаваат суво и јаткасто овошје. Зачините (ѓумбир, каранфилче, цимет, црн пипер …) се составен дел од секој кус кус.

Гледано од нутриционистичка гледна точка, кус кусот се смета за целосен оброк бидејќи содржи житарки, протеини и зеленчук.

Подготовката на кус кус на традиционален начин бара натопување и варење на пареа. За тоа служи сад (тенџере) наречен „kus kusijera“. Овој сад има два дела: долен во кој се динста зеленчукот и горниот дел чие дно е дупчесто за да може да помине пареата (всушност, и модерните садови за готвење на пареа работат на истиот принцип, само се редизајнирани).

Така, кусот кус останува топол цело време и ги прима специфичните мириси и вкусови на јадењето кое се динста долу. Секако, треба да се води сметка зрната да бидат растресени.

Кус кусот се сервира такашто на средина на голема чинија се става динстаното јадење (зеленчук, месо и слично), а самиот кускус се става по краевите.

Кус кусот што имаме можност да го најдеме во продавниците е веќе термички обработен, такашто ќе го подготвиме многу брзо за неколку минути, со наведената количина зовриена вода и лесно мешање, следејќи ги упатствата на пакувањето.

Може да се купи во продавниците за здрава храна и во супермаркетите.