Спремајте се ако одите Битола: Slow wine 2022 ќе претстави над 40 млади винарии и 200 вински етикети

Фото: Concept Production
225

Винскиот салон во Битола ќе се одржи по четврти пат, веќе си го зазема своето место во културниот живот на градот. Исто како и со храната, луѓето сакаат да пробаат и вкусат домашни вина, различни етикети кои речиси и ги нема во маркетите, а паралелно и да ја чујат винската приказна на неуморните производители.

Организаторите на четвртиот по ред Slow wine 2022 Вински салон Битола, стасаа до крајот на одбројувањето, односно, до почетокот на овој настан кој веќе стана настан што се чека цела година.

А за да биде секогаш ново и интересно, организаторите, Слоу фуд Битола, повторно се на нова локација, не помалку интересна од минатогодишната, а тоа е фоајето и сцената на големата сала на Центарот за култура во овој град.

Во фоајето кое сѐ почесто станува локација на необични настани битолчани и сите други кои ќе бидат таму, ќе имаат можност да дегустираат вина од над 40 домашни, мали но врвни македонски винарии, и да вкусат храна од домашни производители. На сцената во Големата сала ќе се одвива и музичката програма која ќе ја изведуваат еминентни домашни музички уметници.

А ако нешто знаеме за Битола и за битолчани, тоа е дека се секогаш дотерани и елегантни, па ако доаѓате, дотерајте се за да не „штрчите“ или напијте се и не мислете на тоа.

„Љубов е Битола. Взаемна помеѓу градот и неговите жители. Нераскинлива врска исполнета со многу страст и почит. Љубов кон убавината, уметноста и животот. Битола, бабам Битола. Таму се живот живее, таму се јаде и пие“, порачуваат организаторите и најавуваат дека утре е денот кога градот несебично ќе го сподели сето тоа со секој гостин однадвор.

Проектот за Slow Wine e инспириран од борбата на малите семејни, традиционални македонски винарии, да си го промовираат сопственото производство. Винариите кои работат со грозјето со традиционални техники, го чуваат биодиверзитетот, секоја нивна сорта на вино има уникатен вкус. Во најголем дел имаат сопствени насади лозје и се со мал капацитет во просек од 10 тона.

„Токму тие се нашата мотивација да го организираме битолскиот Slow Wine“, велат организаторите.