Торта со розен кори, без печење и без шеќер

574

Дури и ако не сте многу искусни во кујна, можете да се пофалите дека сте направиле торта. Секако, розен кори купувајте готови, ги има во повеќе маркети и се вкусни како домашни.

Ако немате многу искуство со правење торти, а сакате сепак да ја направите сами за некој важен датум или онака, за да имате нешто благо во фрижидер, ова е рецептот што треба да го направите.

Одлично е што има да се купат готови розен кори, па вам ви останува да го направите само филот. Верувајте дека ќе имате супер вкусен десерт и торта како оние, комплицираните за кои инаку треба да потрошите голем дел од денот, а може и да не ви се погодат.

Оваа, нема опасност да не ви успее, а можете да си направите и своја верзија на кремот или да ги менувате, па секогаш ќе имате различен десерт кој нема да ви здодее.

Состојки:

1,5 пакување розен кори

1,5 литар млеко

5 јајца

100 г шеќер, а може и да не ставате воопшто

12 лажици брашно

400 г мармалад од тиква или квалитетно чоколадо за готвење

500 г мелени ореви

4 кесички ванилин шеќер

1 лимон – рендана кора

100 г чоколадо за готвење за глазурата или само мелени ореви

Приготвување:

Изматете ги белките посебно, па додадете шеќер ако ставате, а потоа и жолчките. Матете уште малку.

Во друг сад изматете 12 лажици брашно со малку млеко, а остатокот од млекото ставете го да зоврие.

Кога млекото ќе проврие тргнете од оган и со лажица вмешајте ја смесата од јајца и брашно, убаво соединете и вратете на тивок оган, па сварете густ крем со постојано мешање.

Во кремот додадете 400 г мармалад (или, ако додавате чоколадо, тогаш додадете додека е кремот уште жежок па мешајте убаво да се растопи).

Во изладениот крем додадете 500 г мелени ореви, 4 ванилин шеќерчиња и рендана кора од еден лимон.

Тенко филувајте ги корите, колку што е потребно за да се премачкаат преку целата површина, редете ги една врз друга лесно притискајте ги за да се спојат.

Прелијте со глазура од чоколадо, млеко и путер која треба да се растопи на пареа или само поросете со мелени ореви.

Тортата чувајте ја на ладно.