Ѓоре Захарчев ја откри тајната како се станува милионер со винарија

1.142

Речиси 16 години работи како информатичар, ама откако знае за себе, впрочем, како и сите кавадарчани, одел на лозје и со семејството правел вино, ракија и маџун. Од 2016.година, ова домашно производство Ѓоре Захарчев го кренал на професионално ниво, па неговите вина веќе им се познати на сите винољупци

Триесет и петгодишниот Ѓоре Захарчев од Кавадарци е дефинитивно најдобриот информатичар меѓу винарите, ама е и еден од најдобрите винари во Тиквешијата. Тој речиси 16 години работи како информатичар, ама затоа откако знае за себе, прави вино со семејството. Впрочем, како и секој кавадарчанец.

Или, што би рекол Ѓоре, „за нас, кавадарчаните, е нормално уште од мали нозе да одиме на лозје. Јас откако знам за себе сум одел на лозје, од 5 сабајле до 11. Никогаш не сум сакал да берам грозје, па секогаш бев задолжен за изнесување. Додека да се наберат првите гајби седев на страна и чекав, потоа ги товарав гајбите. Иако е тоа понапорна работа, мене ми беше поприфатлива од берењето“, признава Ѓоре.

Токму оваа негова аверзија кон берењето грозје го натерала, наспроти она што го учел дедо му, да насади едно лозје – Вранец кое сега може да се работи стоечки.

„Го насадивме и го направивме да биде  високо 130 цм, за да може да се работи стоечки, за разлика од сите други кои се ниски и треба да се наведнуваш кога го береш грозјето. Дедо ми велеше дека ако е ниско лозјето и ако измрзне, ќе го исечеш и пак ќе потера брзо, ама јас мислам дека ова нема никаква врска, ниту научна издржаност. Кога ќе видиш, кога е ниско долу, е поблизу до мразот, па и побрзо ќе измрзне. Како и да е, ова лозје кое го имаме веќе 4-5 години, е многу полесно за работење, а откако го насадивме немаше ладни зими па досега не ни измрзнало“, објаснува тој.

Ѓоре завршил факултет во Битола каде што се запишал на информатика откако го пропуштил автобусот за Скопје. Кога бил втора година на студии, во 2006.година, почнал да работи во една битолска фирма, потоа работел за некоја стартап компанија од Сан Франциско, а од 2015. до денес е во Сивус. Тој е спикер на конференции за софтвер тестинг за контрола на квалитет. Најчесто конференциите му се во септември-октомври, а се патува низ Европа, Москва, Литванија, Летонија. Најголема конференција на која учествувал му е една во Бугарија каде што зборувал пред 850 луѓе.

Кога почна кризата со ковидот, работел од дома, а и конференциите биле на ЗУМ, па вели дека наместо да патува, можел да си работи во Кавадарци и после работа да му се посвети на виното.

Инаку, кога оди на конференции секогаш им носи од вината на сите организатори, а тоа се очекува од него и секадекаде што оди.

„Со самото тоа што сум од Кавадарци, се очекува, каде и да одам, да донесам вино или ракија“, се смее Ѓоре.

Иако отсекогаш правеле дома вино и ракија, тој во 2016.година почнал да го прави ова на едно друго, професионално ниво. Сè почнало со грозјето од сортата Прокупец кое никој не сакал да го откупува и да прави вино од него.

„Имавме пет хектари лозје од сортата прокупец и бидејќи никој не сакаше да го откупува, јас решив да направам вино од него. Лозјето е во Ресава, на Тиквешко езеро, но иако е на езеро, нема вода, сè е суво. Скапо е пумпањето на водата и никој не се нафатил да направи систем за наводнување. Тука имаме автохтони сорти, пловдина, прокупец, вранец, станушина, доста смедеревка и трпезни сорти, но овие што ги набројав се карактеристични за ова поднебје, на пример, станушината е карактеристична баш за Ресава и Беглиште, а не за Сопот, за Дисан или некои други места. Е сега, бидејќи е тука суво, сите лозја во овој регион малку раѓаат, а се прскаат само еднаш“, објаснува Ѓоре.

Вели дека станушината го добила името оттаму што расте на страна, исклучиво на такви места каде што нема вода, а ја фаќа ветер, па така не ја фаќаат болести.

„Тука е слаба вегетацијата, не ги фаќаат болести и обично се третираат со препарати на бакарна основа кои не се воопшто отровни или штетни. Првото прскање е почеток на јуни и ако не е врнежливо нема потреба ни за второ прскање, па се еколошки, нема потреба ниту од пестициди, ниту од хербициди, ниту од инсектициди“, ни објасни Захарчев.

Втората интересна приказна за ова село каде што се лозјата на Захарчеви, која ни ја раскажа нашиот соговорник е и онаа за куќите во Ресава кои се зидале со цигли од вино.

Една година во Ресава имало толку многу грозје и се произвело толку многу вино, што луѓето не знаеле што да му прават. Еден човек правел куќа и сметал дека ако ги прави циглите со вино, тие ќе бидат поцврсти. Во тоа време циглите не се печеле, туку сирови се сушеле на сонце. Тој цела куќа ја направил со цигли кои наместо со вода ги мешале со вино.

Дека освен што се разбира во сорти на грозје и вино, нашиот соговорник како вистински кавадарчанец има и смисол за хумор докажува и со својата теорија за тоа како еден винар може да стане милионер.

„Си реков, кога ќе соберам многу пари, ќе отворам винарија. Знаеш ли како се станува милионер со винарија? Прво треба да си милијардер, ќе ги вложиш сите пари во винаријата и ќе станеш милионер. Скапо хоби едефинитивно, но има и некои придобивки“, се смее Ѓоре.

А бидејќи сè уште, иако работи и живее во Скопје, си го негува кавадаречкиот дијалект, сè што зборува, како што му рекол и еден од студентите на Академијата за софтвер тестинг каде што е предавач, звучи смешно и како да раскажува виц.

Ѓоре смета дека дијалектите се богатство на еден јазик па затоа си „лафе“ кавадаречки, дури и кога не го разбираат баш добро.

„Затоа сега и ракијата која наскоро ќе ја пуштиме во продажба (регистрирав и дестилерија во 2021.година) ја брендиравме како Кав’д’аречка ж’та“, вели тој.

Захарчеви освен ракија и вино, прават и околу 1000 тегли маџун. Додека минатата година потрошил доста пари за маркетинг на фејсбук, годинава веќе сите го знаеле па и маџунот веднаш се продал.

„Мислам дека луѓето веќе ги знаат и вината бидејќи и името е звучно и лесно се памти“, вели Захарчев.

Од вина Захарчеви прават Темјаника од бели вина, Станушина и Пловдина од розе, Прокупец и Вранец од црвени, а од минатата година од вранецот имаат и барик одлежан во буре од македонски даб.

„Фокус ми се црвените вина, да не речам, црните затоа што прокупецот е практично црно вино, не е црвено, има некоја темно виолетова боја, така што ако сите имаат црвени, розе и бели вина, ние во Кавадарци имаме плус и црни вина. Не залудно ја испеал Владо Јаневски онаа ’црно тиквешко’, иако таа сорта на грозје е изумрена и црното тиквешко е најверојатно искоренето, слободно може да се каже дека овдешните сорти на грозје со самото тоа што има најмногу сончеви саати во годината се толку добро испечени што сосема добро им одговара и ако ги наречеме црни вина“, се смее тој.

Ако го прашате на кое вино е најмногу горд вели дека е тоа исто како да прашате некој што има три деца кое дете најмногу го сака.

„Исто е и со вината и најлошото ти е убаво зашто знаеш дека си вложил во него. Правиме мали количини и на сите им се посветуваме ѓоа на мало бебенце“, завршува Ѓоре онака како што си го тераше и целиот муабет, ѓоа сме среде Кавадарци, а не во скопска Лептокарија.