Ако не ја сакате како тиква, ќе ја сакате како леб
Покрај сите здравствени придобивки на тиквата, едноставно е неприфатливо таа да не се најде барем понекогаш на вашето мени, без оглед на тоа колку голем отпор имате кон оваа есенска кралица. Ако ништо друго, направете си леб со тиква
Тиквата е толку здрава и нискокалорична што е навистина штета ако не ја сакате. Да, верувајте, има и такви што не сакаат тиква. Ако можеме да ги предомислиме, тогаш ќе потсетиме дека тиквата е шампион по содржина на железо, бакар, и флуор, содржи калиум, калциум, манган, цинк кобалт, силициум. Богата е со пектини, шеќери, витамините Ц, Е, витамини од групата В. По содржината на каротин побогата е дури и од морковот. Освен тоа, тиквата е богата со прехранбени влакна, а има многу малку калории, па е одличен избор кога сакате да ослабнете, а да си го зачувате здравјето.
Благодарение на високата содржина на калиум, тиквата ја подобрува работата на срцето, ги зацврстува крвните садови и е идеална храна за луѓе кои страдаат од кардиоваскуларни болести. Исто така, ако имате болен црн дроб, тогаш треба да се консумира многу тиква и тоа сирова. Ако сирова не ви е вкусна, тогаш комбинирајте ја со мед, ориз, просо или гриз.
Тиквата го содржи малку познатиот и малку изучуван, витамин Т кој всушност и не е вистински витамин туку претставува смеса од фолна киселина, витамин В12 и ДНА. Она што е карактеристично за овој витамин е дека ретко се среќава во продуктите, но затоа пак го има во тиквата, а тоа не е мала работа.
Тиквата е многу корисна и за лицата кои страдаат од анемија затоа што ги содржи сите минерали кои учествуваат при создавање на крвта, а тоа се железото, кобалтот, бакарот и цинкот. Добро е да се знае и дека тиквата содржи соли на цинк, а тоа значи дека ја подржува потенцијата кај мажите. Во Индија тиквата ја ценат заради големата количина на витамин Е, тврдејќи дека го забавува стареењето.
И ако сето ова не е доволно за да ја вклучите барем повремено во вашето мени, тогаш еве еден одличен рецепт за леб со тиква. Ако не ѝ го сакате вкусот, одлично е замаскиран, а е додадена вредност во лебот кој станува ваш сојузник.
Се прави брзо и лесно, најубав е кога се јаде топол, иако има убав вкус и потоа, дури и после 3-4 дена стоење.
Ако ги ставате состојките онака, отприлика, тогаш можеби ќе треба ако сте ставиле поголема количина пире од тиква, да додадете и повеќе брашно, се додека тестото не престане да ви се лепи за рацете. Нам ни отиде речиси 1,5 кг брашно, мора да сме ставиле многу тиква. Затоа вие, особено ако немате многу искуство со тесто, држете се до препорачаните количини.
Состојки:
500-600 г пире од тиква
100 г семки од тиква
1 кг меко брашно
Половина коцка свеж квасец (или кесичка сув)
250 мл млака вода
5 лажици масло од тиква или маслиново масло
Лажица шеќер
Лажица сол
Приготвување:
Тиквата треба да е претходно испечена и изладена. Згмечете ја со вилушка и направете пире.
Во сад со млака вода, додадете шеќер, лажица брашно, здробете го квасецот, промешајте и оставете го да стаса околу 20 минути.
Додадете го во квасецот пирето од тиква, солта, маслото и семките од тиква. Измешајте сè, па полека додавајте брашно во таа смеса. Месете го тестото добро и формирајте или еден поголем или два помали леба.
Ставете ги на плех претходно обложен со хартија за печење, а потоа оставете ги да нараснат најмалку половина час.
Потоа премачкајте го со неколку лажици масло, поросете ако сакате малку сусам и ставете го во рерна да се пече 50-60 минути во рерна загреана на 190 степени.
Ставете го печениот леб на решетка, покријте го со памучна крпа и оставете го да „одмори“ некое време. Кога ќе се олади можете да го исечете.
Ако направите поголема количина тесто, можете пола од тестото да оставите во фрижидер и да го обликувате и испечете следниот ден. Откако ќе го извадите од фрижидер, обликувајте го во векна и оставете го да стаса 30 минути. Потоа испечете го.