Вински ветар, предвесник на зимата: Најважниот вински настан на 25 и 26 ноември во „Мериот“

Фото: Pexels
267

Знаеме дека виното делува како седатив, ја намалува напнатоста, анксиозноста, го подобрува варењето, го поттикнува апетитот, го намалува ризикот од срцев удар и го прави животот поубав. Веројатно затоа и има толку многу обожаватели што го оправдуваат постоењето на посебна наука за овој пијалак, но и на настани како „Винодонија“ која е веќе традиција во главниот град

Најважниот македонски вински настан, винскиот салон „Винодонија“, повторно се одржува во истиот термин, на 25 и 26 ноември во елегантната атмосфера на хотелот „Мериот“ во Скопје каде што повторно ќе ги собере сите вљубеници на овој пијалак познат и како пијалак на боговите.

Бројот на обожаватели кои уживаат во виното го оправдува постоењето на енологијата, посебна наука за овој пијалак. Замислете винарска визба и уредно начичкани шишиња и оној препознатлив мирис на дрвени буриња и вино кој ви ги дразни сетилата, па со нетрпение ја чекате првата голтка која ќе ви се лизне низ грлото. Има толку многу видови на овој божествен пијалок – различни според сортата на грозје, производителот, цената, бојата, според содржината на непровриен шеќер, суви, полусуви, слатки, полуслатки, со меурчиња… И сите тие ќе можете да ги испробате наскоро на годинешниот вински салон „Винодонија“ каде што ќе може да се дегустираат вина од околу 60 винарии, со импресивна бројка од над 450 етикети на вино.

При изборот на вино, најважно е да се потпрете на вашите сетила. Киселоста и сладоста се два фактори во виното кои се избалансирани за да создадат пријатна магија за нашето сетило за вкус. А виното, знаеме, делува како седатив, ја намалува напнатоста, анксиозноста, го подобрува варењето, го поттикнува апетитот, го намалува ризикот од срцев удар и го прави животот поубав. Оние кои ќе се почестат себеси со еден вински викенд сепак треба да ја имаат предвид оптималната дневна количина (за мажите е две чаши, додека за жените – една) и да се обидат да не ја надминат премногу, иако знаеме дека е невозможно да се придржувате на неа кога сте на „Винодонија“. Ќе пробате малку од ова, малку од она, ќе си одберете некое вино за Нова година и за Божик и веројатно ќе претерате, но немојте премногу. Научете да уживате во секоја голтка.

За сите почитувачи, престижниот вински салон кој е веќе традиција во главниот град е рај за хедонисти, бидејќи ја негува винската страст, промовира добри вина и е настан што со години ја потврдува својата цел: подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура.

Секако, во рамки на салонот, како и секогаш, ќе бидат вклучени и работилници кои ќе понудат едукативен пристап кон виното. На ова шесто издание на салонот ќе се одржат 5 работилници и мастер клас дегустации насловени по земјите и предизвиците: „Запознај ја винската Унгарија“, „Запознај ја винската Хрватска“, „Основи на спарување на вино и храна“ и „Во светот на винските меурчиња“.

Оние кои овој викенд ќе одберат да се најдат на „Винодонија“ ќе имаат можност за нови вински информации, директно од енолозите и луѓето вклучени во производството на вино и ќе се запознаат со најновите стилови и трендови во оваа индустрија.

Се разбира, виното со својата уникатност се надополнува со добра храна, па во рамките на салонот ќе можат да се вкусат и гастрономски деликатеси од околу 15-тина гастрономски брендови од Македонија.

И уште еден адут на „Винодонија“ кој ќе го комплетира возвишениот вкус на виното ќе биде настапот на џез бендот на македонскиот реномиран музичар Георги Шаревски.