Ако сакате да се чувствувате како господа, бидете спремни да си ја платите чинијата

3.914

Нашиот соговорник е човек чија мисија е да ја смени ресторанската сцена во Македонија и сите ресторани кои не жалат да вложат во себе, да ги опреми во чекор со светските трендови. Името на Александар Николовски-Ѕиги во угостителската бранша е бренд кој заслужува внимание, ама бренд зад кој стои и човек со широко срце

Александар Николовски, кај скопјани познат под прекарот Ѕиги е човек кој го знаат сите готвачи во државата, но и другите членови на угостителската бранша.

Не е единствен кој нуди целосна опрема за угостителските објекти, ама е единствен што ова го прави со толкава страст, посветеност и љубов. Купува знаење шетајќи низ светот, а искуството кое го стекнува посетувајќи ги рестораните, си го плаќа од својот џеб. Вели, само така може да се направи добра проценка и да се научи некоја нова приказна која потоа ќе може да ја „продаде“ кај нас.

Повеќе од две децении е во ХОРЕКА бизнисот (опрема за хотели, ресторани и кафе-барови), а после првите 20 години во една компанија, отвора своја фирма и продавница која лека полека веќе станува сврталиште на луѓето од браншата.

„Оваа работа и угостителството се моја голема љубов и навистина сакам да успееме, да бидеме во чекор со светот. Сведок сум дека претходно беше вистинско мачење за угостителските работници кои ако сакаа да набават нешто добро мораа да се снаоаѓаат по разни онлајн продавници или да бараат од колеги од странство да им испратат тоа што им треба, без оглед дали станува збор за капа, нож, или за нешто поголемо. Но сега е поинаку, а сакам тоа да биде и уште подобро. Имам многу идеи и креативност, а многу од моето знаење и „купувам“ патувајќи во други земји, за да можам потоа да ја прераскажам приказната и кај нас. Мојата идеја е да ги спојам двете работи во бизнисот со ХОРЕКА, опрема и храна и пијалаци. Сакам два пати годишно да организирам саеми на кои ќе ги поврзувам готвачите и другите угостителски работници со производителите и дистрибутерите на храна и пијалаци. Идејата е овие саеми да бидат повеќе како меѓусебна дружба и место каде што сите тие ќе се запознаат меѓусебе, ќе се испрезентираат, но и место каде што ќе се покаже како може да изгледа некоја понуда кога е сѐ спакувано, односно, послужено, онака како што треба“, раскажува Ѕиги.

А дека знае како треба, доволно е само да пројавите желба да се напиете кафе, а тој ќе ви го послужи како да сте во најдобриот кафе-бар, а не пред продавница.

Неговото име го знаат сите во угостителската бранша и веќе е бренд кој заслужува внимание, бренд зад кој стои и човечки лик, оној кому готвачите му се најдобри пријатели, а рестораните, омилена „библиотека“. Го знаат и надвор од државата, па така, наскоро, поточно, во јануари, ќе биде гостин на фабриката за најпознатиот и најквалитетен порцелан во светот „Черчил“, претпоставувате, во Англија, и тоа на нивна покана. Се разбира, овој порцелан е и дел од неговата понуда.

Самиот, освен што е експерт за Хорека, е и голем хедонист, па ова што го прави го прави со голема леснотија, посветеност и страст.

Ако сѐ уште не знаете кој е, прашајте ги македонските шефови и угостители.

Во работата има целосна поддршка и помош од својот брат, а за ова го подготвува и својот постар син кој иако е уште на половина од своето  средношколско образование, веќе се обучува да го води маркетингот на фирмата на социјалните мрежи.

Иако, како што вели Ѕиги, нема подобар маркетинг од оној што се шири од човек на човек, од оној кога сите ви се прво пријатели, а потоа клиенти и купувачи.

Ѕиги има идеја да понуди комплетно идејно решение за угостителските субјекти, од професионална опрема за кујни и барови, ситен инвентар, хигиенски средства, проекти, консалтинг, обука на персонал, дегустациони менија, настани со интернационален карактер во соработка со најпознатите бармени, сомелиери, шефови и други угостителски работници, сѐ што ќе помогне угостителскиот работник да му се посвети на креативниот и професионалниот дел од работата.

„Освен желбата да им се олесни работата на угостителските работници, тука е и нашата желба да се доближат сите светски модни трендови во оваа област до Македонија. Функционираме како големопродажба, но и благодарение на акумулираното искуство од сите соработници (шефови, менаџери, сопственици)“, признава Александар.

Тој вели дека работите кај нас се менуваат полека, но сепак се менуваат.

„Сѐ уште сме пазар на кој цената е на прво место. Прво беше тешко да истераме со чашите и чиниите, а потоа и со сѐ друго, но нашево сега веќе стана мода, како со менувањето на гардеробата, оваа година се актуелни овие чинии, ама следната стануваат здодевни па ги менуваш или ги освежуваш, ќе земеш барем неколку нови. Точно е дека кај нас народот нема пари да оди секој ден во кафана, а точно е и дека повеќето, дури и оние кои можат да си дозволат, сакаат да се чувствуваат како господа, ама не се подготвени да платат повеќе за тоа и да одат во поскап ресторан. Но има надеж. Сфатив дека нашиот пазар има потенцијални купувачи кои можат да платат и поскапо и да вложат, а има и уживатели, но треба да знаете да им објасните. Мојот најголем бенефит ми е кога тој што ќе инвестира во опрема ќе создаде убаво катче во кое луѓето одат да уживаат, но и да се сликаат, па кога ќе ги видам задоволните лица и на едните и на другите, тоа е за мене најголема придобивка од работата“, вели тој.

Ако го прашате кој е според него најдобар од неговите пријатели, готвачи, тој како вистински дипломат, одговара дека е тоа исто како да прашате кој е најдобар атлетичар.

„Секој од нив е поинаков и добар во тоа што го работи. Некој сака да работи свадби, друг повеќе сака традиционална кујна, трет фајн дајнинг, итн. Повеќето готвачи се мои веќе блиски пријатели и соработници од кои годиниве, како добар трговец и менаџер научив многу за гастрономијата, а и ним им ја олеснив работата. Во себе и во луѓе треба да инвестираш. Му правиш услуга некому не за да ти ја врати, туку од срце, како вистински пријател, а сѐ друго си доаѓа спонтано. Муабетот најлесно се шири преку луѓето, нема подобра реклама од тоа“, искрен е Ѕиги кој сепак смета дека најголем виновник за тоа што кај нас угостителството е сѐ уште на ниски гранки, е државата.

„Во секоја поразвиена држава, државата е менаџер на секое стопанство и за да извлече данок од него, инвестира во него, го стимулира и мотивира за да оствари промет, а кај нас сите плаќаме данок, а не го добиваме она што треба од државата“, вели Александар.

Во меѓувреме, во неговата продавница доаѓаат муштерии, стари, со кои соработувал и пред да ја отвори својата фирма, ама и нови. Меѓу нив, една блогерка за храна (Балис кичн) која наскоро отвара ресторан во скопската чаршија. Добриот глас за Александар се шири преку полните чинии.