АРНО ви текна! Одлични нови зелени идеи за реупотреба на отпадот

246

Здружението за социјални иновации „АРНО“, осма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“, а трите најдобри за оваа година ги поврзува една работа – сите го користат  отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство. 

Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ 2022: во категоријата ембрионски идеи победија идеите „Пели“ на Јана Ангеловска и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, додека во категоријата зелени концепти победничка е идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Ве дог фуд-Прилеп. Интересно за годинешниот натпревар е што сите идеи во бизнис моделот го имаат принципот на циркуларност, односно го користат  отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство. 

На натпреварот пристигнаа 20 апликации, од кои 10 се натпреваруваа во  македонското финале. Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Дурим Зеќири од Стопанска комора на Северозападна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-МКА2000, Воислав Илиевски од „Македонија 2025“. За националните победници партнерите повторно обезбедија поддршка: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“  и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија. Поучени од потребата за дигитализација и поради предизвици со набавките, АРНО годинава на победниците им додели 3 преносни компјутери.

„Стравот и очекувањата од пандемијата дека нема да имаме многу апликации, за жал, се остварија годинава. Претпоставуваме дека сите светски случувања, нестабилниот пазар, неизвесноста, си го направија своето. Ама она што не’ радува е фактот што годинава забележуваме дека циркуларната економија е се поблиску до македонските претприемачи и што во финале имавме многу солидни идеи (квалитет наспроти квантитет). Од отпад до производ е фасцинантен концепт кој мора да наиде на слух и поддршка во  општеството, ако сакаме да сме во тек со економските трансформации и ако сакаме да си го олесниме патот понатаму. Еколошки колапс= социјален колапс, тоа ни е познато во равенката, е сега, останува задачата да решаваме заедно како да креираме и поддржуваме економија добра за човекот и природата“, изјави Ирина Јаневска од  АРНО.

„ПЕЛИ е зелена идеја фокусирана на отпадот од пелени која има три сегменти: Подигнување на општествена одговорност за почиста животна средина преку блогови и едукативни кампањи. Поттикнување на родителите за примарно селектирање на отпад од пелени кој во моментов завршува на депониите и намалување на притисокот врз користење на нови ресурси. Имплементација и развој на циркуларна економија преку развој на технологија за реупотреба на отпадот и добивање на нов еко продукт“ – Јана Ангеловска, победник во категорија ембрионски идеи со идејата „Пели“.

„Нашата идеја е да го искористиме  огромниот потенцијал на инсектите за доброто на глобалното население и да дадеме придонес  во протеинскиот предизвик 2040, да ги задоволиме потребите на протеин на начин што е достапен, здрав, и добар за животната средина. Начинот на кој ги храниме животните мора драстично да се  промени. Во нашата идеја како суровина за исхрана на ларвите од муви се користи биоразградлив отпад. Самото производство нема потреба  од голема количина на енергија , нус производот е  органско ѓубриво и не произведуваме отпад. Со сите овие параметри ние започнуваме еден нов бизнис и со сигурност тврдиме дека сме 100%  зелени.“ Александар Каравилоски (Ве дог Фуд-Прилеп), победник во категорија зелени идеи со идејата „Инсект пилот соба“

„Идејата се состои од собирање на отпадна хартија од сите големи загадувачи (молови, супермаркети) и конвертирање во трајни материјали: плочест материјал за столарија и втор материјал- вештачка кожa. Од овие материјали планираме изработка на високо-естетски трајни производи за широка потрошувачка, но и продажба на репро-материјали.
Добивањето на признание во форма на пласман меѓу првите три идеи, ми даде со радост да ја понесам одговорноста за да ја оправдам довербата на тимот на АРНО и соработниците, но и да се изборам оваа идеа да добие интернационално признание и прифаќање, со цел зеленото ехо се прошири што подалеку и позитивно ги промени животите на што поголем број на луѓе.“ Гоце Стевановски победник во категорија ембрионски идеи со идејата „Од загадувач до разубавувач“.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.   Здружението за социјални иновации „АРНО“, осма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 75 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) ,„Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) и миантогодишната победничка идеја „О-круг“ (2021) која од лушпи од портокал произведува еколошки есенцијални масла и освежувачи.