Малите производители одат во јуриш

546

Мали семејни производители се здружија за полесно да се пробијат на пазарот под заедничкиот бренд „Премиум производи“. Природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион и ладно цедено афионово масло, охридско макало, сечкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, органски путер од лешник со мед и какао, органски шумски мед, слатко од зелени смокви и други, од сега заедно на иста полица во неколку скопски локални продавници

На иницијатива на компанијата „Био Оил“, а со поддршка од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, од сега 11 домашни семејни компании здружени под заедничкиот бренд „Премиум производи“ настапуваат заедно на пазарот.

Причината тие да се здружат и да ги пласираат своите производи под брендот „Премиум“ е скапиот влез во големите маркети и незаинтересираноста за соработка со малите производители.

Тука засега влегуваат природното ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион и ладно цедено афионово масло, охридско макало, сечкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, од аронија и грозје и од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, органски шумски мед и чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, производи со тартуфи, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, гроздов маџун и повеќе видови рачно изработени природни сапуни.

Она што им е заедничко е тоа што станува збор за природни производи, добиени исклучиво од наши, македонски суровини, кои наредени на заедничка дрвена полица засега можат да се најдат само во неколку скопски локални продавници, но наскоро се очекува продажбата да се прошири и во Куманово и Охрид.

Ние не продаваме скапи производи, но се соочуваме со нелојална конкуренција, а и потрошувачите не не знаат и не не препознаваат. Сите маркети се рекламираат и велат „купувајте македонски производи“, „земајте наше, македонско“, ама кога ќе влезете во маркетот, нашите производи се во втор план. Мора да го смениме ова, но и ставот на потрошувачите кои како да имаат повеќе доверба во странските производи или повеќе ги препознаваат, наспроти нашите“, вели Александар Димитриевски, сопственик на компанијата „Био Оил“.

Овие компании се здружиле пред четири месеци за да го надминат заедничкиот проблем – застапувањето пред маркетите.

„Неопходна ни е логистика, маркетинг, дистрибуција. Претходно продававме секој за себе. Многу е битно и да се нагласи дека овие наши „премиум“ производи не се поскапи од странските. Напротив. Нашиот путер од лешник, на пример, е 260 денари, а италијанскиот или германскиот увезен чини 300 – 400 денари. Маслото од афион исто така, во Словенија, Италија или САД чини 50 – 80 евра половина литар, а кај нас е 2 000 денари“, нагласи Димитриевски.

И маслото од тартуфи, 250 милилитри, кое во маркетите се продава по минимум 1 200 денари е поскапо од македонското „Премиум“ масло од тартуфи кое чини 760 денари.

Димитриевски порача дека земјава има одлични ресурси и квалитет, но мора да се работи многу на промоција. Тие очекуваат оваа алијанса на „Премиум производи“ наскоро да се прошири и со други.