Вкусот на багремите од моето детство

424

Има ли некој што како дете не јадел цветови, на пример, цветови од багрем, кој не пробал зумбул, јоргован, љубичица, не изел барем едно ливче мирислива роза? Има ли некој кој не јадел зелени сливи и кајсии, кој не топел во устата коцка бел шеќер и не водел војна дувајќи со цевки зајачки леб? Секако, прашањата се за оние, малку ‘поголемките’, од 60-тите, 70-тите или 80-тите …

Сега е нешто модерно да се јадат цвеќиња, да се организираат часови на кои се ‘готват’ диви билки и сите да му се воодушевуваме на овој цветен тренд. А всушност, само им се враќаме на старите добри нешта…Ајде да видиме, има ли некој што како дете не јадел цвеќиња?

Веројатно нема, барем не меѓу генерациите од 60-тите, 70-тите, 80-тите, за 90-тите веќе не верувам, зашто тогаш некако наеднаш сите почнаа да стануваат алергични на полен, на багреми, тополи, и што уште не. На пример, син ми, инаку роден 93-та, како малечок, беше алергичен на многу нешта. Мислам дека токму тогаш и почнав да заборавам на јадењето и мирисањето цвеќиња и почнав да ги гледам како непријатели. Престанав да уживам и во мирисот на липите на Партизанска и наместо како дотогаш, да го вдишувам со полни гради, ја протрчував патеката туркајќи ја пред мене количката. Некако ми стана непријатно да уживам во нешто што му создава толку проблеми на син ми.

Подоцна, ова чувство се прошири и на други цветови и поради други луѓе.

На пример, под балконот на мојот пријател Сашко има огромен багрем. Секогаш кога седам таму кришум го вдишувам мирисот и уживам, се до моментот кога ќе го слушнам како вели: ‘Ќе земам еден ден и ќе ги исечам гранкиве, не се издржува веќе, дома ќе ми влезе, кивам, кашлам, се гушам’.

И тогаш си велам во себе: ‘Штета, знам колку е тешко кога си алергичен на нешто, а најтешко е токму затоа што не можеш да уживаш во најубавите работи. За мене тоа, меѓу другите, меѓу мирисот на липите и на розевите рози на мајка ми, беше и мирисот, ама и вкусот на цветот од багрем. Токму денес се потсетив  на него. Утрово, Ана (жената на брат ми), ми испрати фотографија од нејзиниот вкусен појадок – овесни снегулки украсени со цветови од багрем и ми рече: ‘Оди горе земи си, набравме вчера’.

Земав еден цвет од оние што таа ги спрострела врз хартиена салфета и ги оставила да се сушат за да ги зачува за зима, и го ставив во уста.

И наеднаш – ПУФ! Се телепортирав во детството.

Го џвакав полека и наеднаш сите драги ликови почнаа да ми излегуваат пред очите. Беше молневито и траеше кратко. Отидов повторно и зедов уште еден цвет, а потоа и уште еден, и уште еден, и секојпат дејството се продолжуваше, а јас почнав да се потсетувам на многу настани, ликови, детали. На улиците низ Тафталиџе на кои по цели денови игравме надвор и никогаш не бевме гладни. Како и ќе бидеме, се натпреварувавме во јадење домати – кој ќе изеде повеќе, онака клот, без ништо, ги гризевме како јаболки, а тој вкус можете да го почувствувате денес само ако најдете некое старо семе кое ќе си го засадите во својата градина. Се шетавме по Партизанска мирисајќи по некој скинат цвет од липите, онака, пикнат под носот, за да биде мирисот уште посилен, беревме камилица во дворот на Коменски и им ја носевме дома на мајките да ја сушат за чај, правевме сок од рози и го пиевме во малите чашки за вишновка на баба ми, јадевме јоргован и багрем, си правевме ланчиња од боцките на елката во дворот на баба Ценка, јадевме живи пиперки, а еднаш кога меѓу нив се погоди и некоја лута, а јас се фатив за очите, другарка ми Бети мораше за рака да ме води до дома затоа што не можев да гледам. Баба ми ми ги изми очите, а потоа ме легна и ми ставаше облози од млеко. Повеќе не јадев пиперки додека не ги пробам претходно и никогаш повеќе не си ги олутев рацете толку многу за да ослепам од лутина.

Јадевме и шеќер. Сега кога правам колачи, гледам тие да немаат шеќер па користам мед или смеса од урми, а ако веќе ставам шеќер, задолжително ја преполовувам дозата.

 Џвакајќи го багремот се сетив и на коцките шеќер на тацните покрај кафето што го пиеја баба ми и мајка ми, се сетив и на жолчката од јајце во топлото млеко кое јас и Стевче (брат ми) го пиевме со задоволство и како што тогаш мислевме, затоа бевме толку бели, а сестра ни Нине, кога ќе ја нетараа сосила да отпие барем една голтка, почнуваше да повраќа, па логично ни беше да мислиме дека затоа има потемен тен. Не дека ни беше важно кој е побел, а кој потемен, едноставно, само си мислевме дека е тоа така како што е поради млекото, а не поради тоа кој чии гени наследил.

Патем, жолчката што ни ја матеа во млекото беше жива и никогаш не фативме салмонела. Се сеќавам и на црешата во дворот, веднаш до вратата на која понекогаш знаев да се качам и да седам со часови јадејќи ги црешите директно од гранките. Се сеќавам и на бербата на вишни во дворот на тетка Ленче, кадешто одевме со празни, а се враќавме со торби полни со крваво темни слатко-кисели плодови и исфлекани маици, а потоа од нив мајка ми правеше сок од вишни, оној што го растваравме со вода и го имавме во огромни количини и во лето и во зима. Изборот беше тој – што ќе се напиете, сок од вишни или од бозел? Потоа мајка ми почна да прави и од тие помодерните ‘фруктал сокови’, односно, сокови што не се раствараа и беа густи, а кога ќе испиеш една чаша, си сит до гуша.

Се сетив и на омилената торта на брат ми што му ја купуваа за секој роденден на кој, нормално, главни дадилки бевме ние, двете постари сестри. Познатата дрво-торта.

Се сетив денес и на мојот омилен ролат со суво овошје, ореви, мелени бисквити, шеќер, маргарин и малку рум, кој освен мене, не им беше многу омилен на другите дома, но редовно исчезнуваше од фрижидерот веќе вториот ден. Неколку години подоцна кога ја запознав најстарата сестра Вите, која живееше со нејзиниот татко, првиот сопруг на мајка ми, ми кажаа дека мајка ми редовно ѝ носела повеќе од половина и неа, кога одела да пишуваат домашни додека таа била дома сама со баба ѝ, а мајка ми пак, била втора смена, или пак подоцна, кога одела да ја види за време на одморите во гимназија.

Се сетив и на сендвичите со изртени никулци од пченицата која мајка ми ја ‘ртеше во голема тепсија или на оние со маргарин, краставица и светло зелената никната тревичка од истата таа пченица во тепсијата која откако ќе пораснеше редовно ја потшишуваше со ножички.

Се сетив на зелените сливи и кајсии, и на портокаловите бобинки кои растеа покрај оградата од дворот на нашиот сосед, доктор Гроздановски, кој живееше на крајот од улицата (денес таму е најпознатата фризерница за кучиња во градот која ја држи неговиот син), а кои ги викавме – зајачки леб. Освен што ги јадевме, овие портокалови зрна ни беа и муниција која ја стававме во цевките и ‘водевме војна’ со децата кои ќе заталкаа во нашето маало.

Би можела да се сетам на уште многу работи, на фустанчето од пачворк што го шиеше мајка ми, на брат ми качен на моторот од комшијата Коста, на заедничките родендени (иако мојот е во јуни, а неговиот цел месец подоцна), на сите деца од маало и на мојот тогаш најдобар другар Влатко, кој повеќе не е меѓу нас. Би можела да се сетам на уште многу нешта, но се плашам дека ќе го изедам целиот багрем што го набрале моиве.

Токму во овој период од годината багрем има во изобилство, но гранките кои растат покрај балконот на Сашко сепак не се доволно блиску за да можам да ги наберам цветовите, а премногу се високо за да ги берам од долу. Како и да е, убаво е да се зачува за зима.

Ете, порано не знаев многу работи за тоа зошто е нешто здраво да се консумира, си јадев од задоволство, ама денес знам дека багремот бил најефекисен за лечење на кашлица и за намалување на зголемената телесна температура. Не залудно овој период е токму периодот кој пчеларите го нарекуваат главна – багремова паша и не залудно, багремовиот мед е еден од најубавите и најценетите видови на мед кој обично се препорачува за деца и за подобрување на имунитетот.

Како и да е, ако наберете од некаде багремови цветови, изедете си слободно неколку, нема да се отруете сигурно, украсете си некоја порција, а останатите исушете ги на блага „промаја”. По сушењето би требало да се чуваат во добро затворен сад за да не ја изгубат аромата и во зима – уживајте во чајот од багремов цвет.

Сега има и некои нови ‘финти’ за готвење, па можете да пробате и пржени цвеќиња од багрем, велат, биле вистински специјалитет