Гриц по гриц до понизок холестерол и шеќер во крвта

Фото: Unsplash
466

Семки кај нас се грицкале од секогаш, ама порано се јадеа од досада, а сега за здравје. Имено, семките од тиква ги намалуваат холестеролот и шеќерот во крвта, а имаат и други здравствени придобивки

Продавам семкиииии, ајде, семки, продавам семки. Памтите ли дека порано се продаваа на улица директно од кошница полна со семки од сончоглед, од тиква и кикиритки?

Само што тогаш сите грицкавме од досада, а не зашто знаевме дека се здрави.

Со испитувањата утврдени се повеќе придобивки за здравјето на човекот, па така сега освен што ги грицкаме, ги додаваме семките во салати, печива и во други јадења. А за што се добро конкретно семките од тиква прочитајте подолу. Имаме и инструкции за тоа како самите дома да си испечете семки.

1. Го намалуваат шеќерот во крвта
Семките од тиква содржат незаситени масни киселини кои се корисни за регулирање на нивото на шеќер во крвта, па затоа се препорачуваат како корисна храна за луѓето кои страдаат од дијабетес.

2. Чувари на срцето
Истражувањата покажаа дека семките од тиква го намалуваат нивото на лош холестерол, го намалуваат ризикот од згрутчување на крвта и штитат од срцеви заболувања и болести на кардиоваскуларниот систем.

3. Заситуваат и го стимулираат варењето
Сто грама семки од тиква содржат дури 19 грама протеини. Тие се наметнуваат како одлична храна за луѓето кои не јадат храна од животинско потекло, но и за сите оние кои сакаат да грицкаат нешто здраво. Покрај тоа, содржат диетални влакна, кои го стимулираат варењето.

4. Зачувајте го здравјето на коските
Семките од тиква се одличен извор на цинк, потребен за изградба на коските. Само 30 грама од овие семки исполнуваат приближно една петтина од дневните потреби за овој минерал.

5. Антивоспалително дејство
Семките од тиква содржат соединенија кои имаат антиинфламаторно дејство. Затоа се препорачуваат за луѓе кои имаат артритис, но исто така се сметаат за добра превенција против некои видови на рак. Згора на тоа, докажано е дека го подобруваат расположението.

Како да се подготват семки од тиква?

Извадете ги семките од тиквата, измијте ги во вода и исушете ги со крпа. Ставете ги врз хартија за печење, а потоа пикнете ја тепсијата во рерна и оставете ги да се сушат на 120 Целзиусови степени околу 15 до 20 минути.