Разменуваа пиво за вино, пекмез за тартуфи, совети за без пари, сирење за пари, си ги мереа ајварите, ни ги вратија вкусовите од минатото

1.270

Домашните традиционални деликатеси на второто издание на Слоу фуд салон 2022, не потсетија на минатото, па повеќето разговори меѓу нас, присутните, се вртеа околу вкусовите на нашето детство. Порано не ги ценевме, заклучивме сите заедно, а сега повторно ги враќаме таму каде што им е местото, во нашите домови и на семејните трпези. Ја враќаме храната која е нашиот идентитет, идентитетот кој го изгубивме патем, во напливот од индустриски производи спакувани во кеси и тетрапак

Оваа сабота (29.10), во хотел Лимак во Скопје, националната организација Слоу фуд Македонија го организираше вториот Слоу фуд салон на кој производителите ги изложија своите производи и ги раскажуваа своите приказни, а посетителите имаа можност да се информираат и едуцираат од прва рака и се разбира, да дегустираат добра, чиста и правична храна! Овојпат, во рамки на салонот беше вклучено и детско едукативно катче каде што децата имаа можност да научат нешто повеќе за храната и да бидат дел од едукативната програма која ја водеа Сунчица Јовановска и Филип Димкоски.

Под слоганот „Храната е идентитет“ се претставија над 60 изложувачи од цела Македонија кои ги презентираа своите сирења, кашкавали, џемови, слатка, домашни сокови, ајвари, лутеници и други зимници, масла, тартуфи, мед, намази од јаткасти производи, сувомеснати производи, вина, пива, ракии…

Производителите на овие домашни производи си разменуваа искуства и рецепти, ама и пиво за вино, охридско ѓеврече и макало со лук за ајвар и лутеница, мед за путер од кикиритки, намази со тартуфи за мармалад од шипки, се склопуваа нови пријателства, се обновуваа стари, се договараа нови соработки и следни видувања, се разменуваа дури и родителски совети од актуелните за идните родители.

„Вашето ќе биде специјалист за пиво, верувај, нашево на 4 години веќе ја знае целата постапка за дегустирање вино, па го опоменува татко му дека го пробал без да го помириса“, ѝ вели веќе искусната мајка и винарка од велешката семејна винарија Коцев, на идната мајка, Кети, поубавата половина на Горан  Бакревски, еден од двајцата браќа основачи на првата микро пиварница во Битола, пиварата Бак, додека си разменуваат шишиња од своите производи.

Домашните традиционални гурманлуци и деликатеси, не потсетија на минатото, па повеќето разговори меѓу нас, присутните од генерациите од 60-тите, 70-тите и 80-тите, се вртеа околу вкусовите на детството кои, заклучивме сите заедно, порано не ги ценевме, а сега повторно ги враќаме таму каде што им е местото, во нашите домови и на семејните трпези. Конечно си го враќаме изгубеното чувство за нашата локална и сезонска храна, за храната од нашето детство која е и наш идентитет, идентитет кој го изгубивме патем, во напливот од индустриски производи спакувани во кеси и тетрапак.

Оф, колку го мразев оној период кога татко ми ќе довлечкаше дома 100 килограми црвени пиперки за ајвар, мразев и кога мајка ми на другарите дојдени кај мене ќе им понудеше домашен „фруктал“, сок од вишни или бозел, наместо сок од тетрапак кој тогаш беше речиси статусен симбол. Или кога ќе видев дома сварено млеко во тенџере, наместо млеко во тетрапак.

Слични се приказните и на другите. Мојата колешка која досега не се сретнала со нашите пријатели од Слоу фуд, па овојпат, воодушевена од вкусовите, се потсети и на своите поранешни ставови, навики и непочитувањето на храната која ја правеле со свои раце нејзините родители. Колешката од Берово дошла на студии во Скопје и потоа, како и повеќето, останала да живее тука и сега, воодушевена од вкусот на козјото сирење со дренки на младиот Давид Неделковски од фармата „Кози, млеко, планина“, носталгично ни раскажува: „Кога ќе си дојдев дома во Берово, на враќање назад во Скопје, татко ми и мајка ми ме молеа да земам од сирењето што го правеа дома, а јас не сакав. Зошто не го сакаш нашето сирење бе ќерко, види колку е убаво, нема да најдеш во Скопје такво, ми велеа тие, ама јас не сакав да слушнам“.

И другата колешка се потсетува на она време кога таа и сестра ѝ за своите семејства добивале по една кутија со по 20-тина тегли ајвар направени од нејзините родители.

„Ја земав и си ја носев дома, а наместо благодарам, им велев: до кога уште ќе се малтретирате со овие зимници кога имате сѐ и во продавница. Сега, кога ги пробувам ајварите и другите традиционални зимници кои се нудат тука, солзи ми доаѓаат на очиве“, вели таа.

Нема повеќе кој да ни направи зимница или барем да ни помогне, родителите се веќе починати или пак премногу стари за да можат да го прават ова, а ние повеќе немаме време. Сега купуваме по една-две тегли, а вкусот не потсетува на тој нашиот, домашниот. Оцет од диви јаболки или вински, каков што имавме порано, домашни сокови од јаболка и круши, мармалади со вкус на овошјето кое е прикажано на налепницата, но и некои модифицирани, старо-нови вкусови и комбинации, нови производи помешани со старите и кренати на едно повисоко ниво, но природни, со вистински вкусови и ароми, наместо хемиски додатоци и конзерванси.

А бројот на мали производители евидентно, полека но сигурно и од година во година, сѐ повеќе расте. Тие, производителите, ни ги враќаат на пиедесталот оние вкусни, здрави, традиционални производи кои секогаш ќе ни ги евоцираат спомените за оние времиња кои веќе ги нема, за  луѓето кои не сакале најмногу на светот и на кои, иако оделе на работа, не им било тешко да подготват сѐ што требаше да има еден дом во долгите, студени зими, а тоа да не е направено во фабрика или некаде таму, на другиот крај на светот.

Се зголемува и бројот на луѓето кои доаѓаат, купуваат, пробуваат, ги шират очите од убавина, повозрасните се потсетуваат на детството и на младоста, а оние помладите можеби и првпат вкусуваат и се прашуваат, што е оваа вкусотија, за тоа ли ми раскажуваа мама и тато?!

На најмладите пак, оние најмалите и децата од основно и средно, како што вели еден од производителите на домашни сокови, дури и не им се допаѓаат вкусовите на домашните сокови бидејќи ниту се газирани, ниту пак се полни со шеќер.

„За нив овие сокови се нешто сосема непознато и туѓо, тие се пораснати на кока-кола“, се смее господинот од Прилеп кој со својата сопруга прави домашни зимници и овошни сокови.

Сепак, сѐ повеќе се зголемува бројот на луѓе кои решиле да го прават она што го правеле и нивните родители, но и такви кои сега први во семејството се занимаваат со производство на домашни, традиционални производи кои ги нудат за продажба сакајќи да си создадат пристоен живот за себе и за своите семејства, ама и да ја вратат традицијата и да не потсетат на идентитетот, не само преку празни флоскули за името и јазикот, туку преку непцето, стомакот и вкусовите од нашето минато, кои и во иднина треба да зборуваат за нас.

Сите овие производители ја надоградуваат традицијата со свои модификации и освен што ги враќаат вкусовите на минатото, прават и некои нови, здрави и необични комбинации во кои сите состојки се наши, локални, сезонски и сѐ уште го имаат вкусот на вистинска храна.

Сирењата и кашкавалите на Игор Поповски од фарма Дихово и на Давид од „Кози, млеко, планина“, сирењата на виничаните од фармата „Пештера“, мармаладите од шипки, глог и слатко-луто на тетка Мирјана и чичко Бранко, макалото од лук и особено она со ореви на „Папас“, глоговачата, оцетот и слатко-лутото на господин Страшо, намазите на Пеце од Струга, на Тони и Марија од Скопје, но и на некои нови, вредни луѓе за кои сѐ уште не сме пишувале, производите со тартуфи на Вале од „Туф“, медот на браќата Нацо и Благоја Јовчевски од село Дихово, а особено вкусните мешавини од мед и таан, мед, поленов прав, млеч и прополис, но и уште многу медари за кои исто така досега не сме пишувале, гостиварчаните Дамјан и Билјана Гаврилоски, со својата сланина која години по ред освојува златен медал на Сланинијадата во Качарево, Србија, но и со други сувомесни домашни производи, ладно цеденото сончогледово и афионово масло, како и намазите со афион и луто пиперче на „Био оил“, ајвар, лутеница и малиџано од органската фарма на охридскиот зет Сезер, на Александра Лозановска од „Моја Бавча“, на некои нови вредни луѓе за кои допрва ќе слушаме, ама и традиционални дестилати од грозје, ракијата на „Плетварски“ и на „В’к“, маџун, вино од „Иванов“, од „Сарика“, „Ерос“, „Јостела“, „Бади“, „Пазарџик“ и занаетчиски пива заради кои штандот на „Сакам пиво“ и неговиот сопственик Марјан Костадиновски беше и меѓу најпосетените во салата каде што беа изложувачите на пијалаци. Тука беа и уште многу други вредни производители со кои не стасавме да се запознаеме, но секако ќе го направиме тоа во првата следна пригода.

Организацијата Слоу Фуд Македонија во чии раце е организацијата на овој настан исто така станува се поголема и успева да го сврти вниманието на државните институции и ги обединува своите членови, активисти, производители, експерти, готвачи, новинари околу филозофијата „Добра, чиста и правична храна, за сите!“

„Поради нашата иднина вниманието е насочено кон производителите, консументите, носителите на одлуки за важноста на локалната храна во нашето општество. Освен тоа, традицијата, знаењето и вештините пренесувани од генерација на генерација денес ни ги овозможуваат најдобрите вкусови на трпезата. Нашата традиционална храна е дел од нашиот идентитет, исто како и јазикот, музиката, обичаите“, порача оттаму Николче Николовски, претседател на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија и се разбира, целосно се согласуваме со ова.

Се надеваме дека ќе има уште многу настани од овој тип кои и натаму ќе ја шират каузата на Слоу фуд.