Да се јаде понекогаш нешто слатко и не е толку лошо?! 6 разумни причини ЗА шеќер

Фото: Pexels
134

Слатките нешта се сепак еден вид утеха – тоа е човечката природа. На пример, сте имале лош ден и сте желни за чоколадни колачиња. Сигурно е дека нема да посакате варени компири во ваква пригода. Повремено да се послужите со чоколадо или некое убаво колаче кога сакате да го подигнете расположението, е сосема нормално, па дури и добро.


Во 1980-тите владееше фобијата од масти, а денес, може да се каже, владее шеќерна фобија. Сепак, нема причина да се избегнува шеќерот што природно го содржи храната. Дури и додадениот шеќер има свое место во системот на здравата исхрана. Еве зошто и како.

Шеќерот од овошјето и зеленчукот е ЗДРАВ

Нема причина да се грижите за шеќерот кој природно се наоѓа во овошјето, зеленчукот и млечните производи. Ако се каже дека шеќерот придонесува за дебелина, срцеви заболувања и дијабетес, треба да знаете дека ова се однесува пред сѐ, на рафинираниот шеќер во преработената храна, односно на вишокот шеќер што непотребно го консумираме. Ако сте решиле да консумирате помалку шеќер, тогаш јадете помалку слатки, зашеќерени слатки пијалаци или сокови. Наместо тоа, јадете овошје и зеленчук. Едноставно, јадете ги во нормални количини оние намирници кои биле сосема природни и нормални во исхраната каква што била, на пример, пред 100 години.

МАЛКУ дополнителен шеќер не е проблем
Една работа е ако изедете крофна за појадок, чоколадна штангла за ужина и зграпчите голема чаша или лименка кола за носење. Но, ако за појадок јадете овесна каша засладена со малку кафеав шеќер, за ужина суво овошје и земете на пример, зелен чај засладен со малку мед, тоа е нешто сосема друго. Валидни нутриционистички препораки во Америка, на пример, велат дека од т.н додаден шеќер не треба да потекнува повеќе од 10% од вкупно внесените калории. За да го постигнете ова, ограничете ја консумацијата на кекси, колачи и засладени пијалаци – не потрошувачката на овошје и зеленчук.

Додадениот шеќер може да ви помогне да се храните поздраво
Повторно, не треба да бидете толку опседнати со елиминирање на шеќерот што наутро ќе јадете незасладена каша или ќе пиете целосно горчливо кафе или незасладен чај. Ако малку прелив од мед и сенф ви помага да изедете голема порција салата, тогаш тој има позитивна здравствена улога. На крајот на краиштата, сите ние природно го сакаме слаткиот вкус. Исхраната од која ќе биде целосно исклучен секој додаден шеќер би била навистина блуткава.

Кога тренираш ИНТЕНЗИВНО, шеќерот е ок
Ако се занимавате со некоја позахтевна физичка активност, како на пример трчање на долги патеки и интензивно возење велосипед, тогаш знаете дека ви треба нешто што лесно се вари и брзо ви дава енергија – морков или коцка тофу нема да ви помогнат без разлика колку се здрави. Едноставно нема да можете да ги сварите додека сте во движење и сте изложени на интензивен физички напор. Ако имате намера да пешачите по ридовите 6 часа, дефинитивно нема да носите овесна каша за ужина.

Слатките работи се УТЕШНИ
И психолошкиот момент е важен. Слатките нешта се сепак еден вид утеха – тоа е човечката природа. На пример, сте имале лош ден и сте желни за чоколадни колачиња. Сигурно е дека нема да посакате варени компири во ваква пригода. Повремено да се послужите со чоколадо или некое убаво колаче кога сакате да го подигнете расположението, е сосема нормално, па дури и добро. Меѓутоа, ако секогаш посегнувате по слатки кога се чувствувате нерасположени, тоа ниту ви ги решава проблемите, ниту е здраво. Да се ​​јаде нешто интензивно слатко одвреме-навреме е едно, но јадењето такви работи редовно и секој ден е сосема друго.

Слатките се елемент на СОЦИЈАЛНИОТ живот
Излегување со пријателите на кафе и колачи, сервирање торта на семејни собири, јадење чоколадна штангла или сладолед за време на паузата со колегите на работа – тоа е еден вид ритуал кој помага да се создадат и одржуваат социјални врски. Во науката е познато дека добрите социјални врски се поврзани и со подобро здравје и со поздраво стареење. Во овој случај, позитивното животно искуство го надминува негативното влијание од консумирањето додаден шеќер. За крај, да се потсетиме на старата поговорка – дека не живееме за да јадеме, туку јадеме за да живееме. Заедничкото консумирање на храна е суштински дел од животот во заедницата.

И, се разбира, ако веќе додавате шеќер, треба да имате на ум дека постојат шеќери кои се подеднакво слатки како белиот шеќер, но сепак се побогати со хранливи материи и затоа се поздрави, на пример, кафеав шеќер од трска, кокосов шеќер, шеќер од урма…