Од македонскиот вранец до древните грузиски вина – Скопје го прославува јубилејното издание на Винодонија

Фото: Pexels
1

Десет години, стотици вински етикети и безброј раскажани приказни. Скопскиот вински салон „Винодонија“ годинава го слави својот прв голем јубилеј, десеттото издание, што се одржува на 13 и 14 ноември во хотелот „Мериот“

Десет години, стотици вински етикети и безброј раскажани приказни. Скопскиот вински салон „Винодонија“ годинава го слави својот прв голем јубилеј, а десеттото издание, што се одржува на 13 и 14 ноември во хотелот „Мериот“, носи вистинско патување низ винските региони и традиции, од македонските лозја до далечната Грузија.

Повеќе од 450 вински етикети се дел од годинашната понуда, со учество на домашни и странски производители и околу 40 винарии. Покрај македонските вина, посетителите можат да испробаат вина од Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Грузија, Црна Гора и Унгарија. Но, „Винодонија“ не е замислена само како место за дегустација. Нејзината идеја е љубителите на виното да се запознаат и со луѓето, знаењето и традицијата што стојат зад секое шише.

Посебен дел од програмата е посветен на винската едукација. Годинава посетителите имаа можност да ги истражуваат тајните на пенливите вина, како и различните лица на сортата пино гриџо. Во фокусот на денешната програма се Грузија и Шпанија. Грузиската винска традиција, која се поврзува со околу 8.000 години историја, се претставува преку шест вина и приказната за традиционалните глинени садови квеври, во кои виното се произведува и денес. Шпанското винско патување, пак, опфаќа седум вина од седум винарии, со претставување на региони како Риоха, Приорат и Рибера дел Дуеро.

Посебно внимание добива и македонскиот вранец. Преку вертикалната дегустација „VRANEC TERROIR“, винаријата „Камник“ ги претставува различните берби на оваа сорта, овозможувајќи да се следи како времето и тероарот влијаат врз карактерот и созревањето на виното. Тоа е и можност домашната публика одблизу да ја запознае разновидноста на една од најпрепознатливите македонски вински сорти.

Виното и музиката повторно одат заедно. Првата вечер настапи „Хот џез оркестра“, со Иво Солдатовиќ на кларинет, Бојан Петков – Шамба на џез-гитара, Филип Динев на гитара и Пенче Кралев на контрабас. Јубилејната атмосфера ја збогати и јапонската пејачка Кономи што му даде и поинаков интернационален печат на настанот.

Десеттото издание е повод да се потсетиме дека винската култура не се гради само со добри вина, туку и со знаење, разговори и средби меѓу оние што го создаваат и оние што сакаат да го откриваат. Во изминатата деценија „Винодонија“ прерасна во препознатлива точка на винската мапа на Скопје, а јубилејот е уште едно потсетување дека зад секоја добра чаша има приказна што вреди да се слушне.