Диети за подолг живот препорачани од Харвард

Фото: Freepik
383

Истражувачи од Универзитетот Харвард посочија четири шеми на здрава исхрана кои можат да помогнат во намалување на ризикот од прерана смрт до 20 отсто.

Различни шеми на здрава исхрана се поврзани со намален ризик од прерана смрт, според новото истражување објавено во медицинското списание „JAMA“.

Д-р Френк Ху, професор и претседател на Одделот за исхрана на Харвард, изјавил дека нивните наоди за здравствените ефекти од Упатствата за исхрана на САД се најопсежни досега.

„Од клучно значење е да се испита поврзаноста меѓу моделите на исхрана препорачани од ДГА (американското Здружение за здравствено и пензиско осигурување) и долгорочните здравствени резултати, особено смртноста“, рекол Ху.

Неговиот тим анализирал четири здрави начини на исхрана – кои вклучуваат и нагласуваат цели зрна, овошје, зеленчук, јаткасти плодови и мешунки…

Со испитувањата биле опфатени 75.000 жени и 44.000 мажи кои биле оценети според тоа колку внимателно го следат секој утврден начин на исхрана, со помош на прашалник што се спроведувал на секои четири години. Никој не бил дијагностициран со кардиоваскуларни болести во времето кога ја започнале студијата, а малкумина биле пушачи.

Учесниците кои ја промениле исхраната за да ја направат 25 отсто поздрава – интегрирајќи само еден од плановите за здрава исхрана, потенцијално би можеле да ја намалат опасноста од смрт од рак за 7 – 18 отсто, од кардиоваскуларни болести за 6 – 13 отсто, од заболувања на дишните патишта за 35 – 46 отсто и од невродегенеративните болести за седум отсто.

„Тоа значи дека имаме голема флексибилност во однос на создавањето наши сопствени начини на здрава исхрана што може да се прилагодат на личните вкусови за храна, здравствени услови и култури“, појаснил Ху.

Медитеранската диета – прогласена за најдобра диета во 2023 година од страна на „Ју-ес њуз енд ворлд репорт” (US News & World Report) шеста година по ред, ја нагласува важноста на квалитетни извори и „полноста на вашата чинија” со интегрална храна и житарки со хранливи материи. Акцентот тука е кај свежо произведени посни протеини, како што се риба и пилешко и, се разбира, маслиново масло богато со антиоксиданти.

Здравата растителна исхрана – е слична на медитеранската, со тоа што се фокусира на растителната основа, а ги отстранува животинските производи, вклучително и сирењето. За истражувачите на Харвард, исто така, позитивно е и помалото консумирање алкохол, како и „понездравата” храна на растителна основа, како што е пржениот зеленчук.

Диететски упатства за Американците – метрика создадена од министерствата за здравство и за земјоделство во САД, заради мерење на квалитетот на исхраната. Овој систем препорачува повеќе растителна храна, помалку масни животински протеини и млечни производи, како и уште помалку црвено и преработено месо, шеќер, нездрави масти и алкохол.

Индекс на алтернативна здрава исхрана – тој е развиен од истражувачите од Харвард за ова истражување. Ги вклучува речиси истите намирници и хранливи материи поврзани со низок ризик од хронични болести.