Автентични вкусови и богата програма: Од ајвар, селско лепче и ракија, до тартуфи, мед и маслиново масло

4

Оваа сабота (27.11) во хотел „Континентал“, од 11 до 20 часот ќе се одржи петтото издание на Слоу фуд салонот. Мали производители од цела Македонија ќе понудат традиционални, домашни деликатеси, а посетителите ќе можат да дегустираат, да следат мастер-класови и да учествуваат во разговори за храната и одржливата гастрономија.

Автентични вкусови, традиционални производи и разновидна програма ќе го одбележат петтото издание на Слоу Фуд салонот. Во сабота, на 28 ноември, хотелот „Континентал“ ќе ги собере малите производители, љубителите на добрата храна и сите што сакаат да дознаат повеќе за локалните производи и одржливата гастрономија.

На саемот ќе учествуваат производители од конвивиумите на „Слоу Фуд Македонија“, кои ќе ги претстават своите производи – млечни и сувомесни специјалитети, зимница, домашни сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка и џемови. Посетителите ќе можат да ги дегустираат и да ги купат деликатесите, а во посебниот салон за пијалаци ќе бидат претставени семејни винарии, дестилерии и занаетчиски пивари.

Програмата вклучува и мастер-класови посветени на наградуваните вина во 2026 година, пивските стилови и дестилатите. Во рамките на „Слоу Фуд миксологија“ ќе бидат претставени коктел-комбинации подготвени со пијалаци од локални производители, а „Школата за одржлива гастрономија“ ќе понуди презентации за правење сирење со природно сирило и производство на леб од кисело тесто.

Во „Слоу Фуд арената“ ќе се одржат три тематски форуми. Учесниците ќе разговараат за здрава детска исхрана, за обичаите и ритуалите што ја воздигнуваат храната, како и за одговорноста кон вишокот храна и можните решенија. На форумот за детската исхрана, меѓу панелистите е и министерот за здравство Сашо Клековски, а во дискусијата за обичаите ќе учествуваат етнолози, гастрономски активисти и претставници на „Слоу Фуд Македонија“.

За младите се предвидени интерактивни работилници и семинар за активизам, со фокус на идеите и иницијативите за промени во системот на храна. Посетителите ќе можат да се запознаат и со „Слоу Фуд фармите“, а на интерактивниот ѕид за рецепти да споделат омилен рецепт, кулинарска идеја или порака посветена на храната.

Најмладите ќе ја откриваат храната преку игра во детското катче „Не лути се, полжавче“, кое ќе биде отворено од 11.30 до 17 часот. Слоу Фуд салонот ќе трае до 20 часот, а организаторите најавуваат уште активности и можности за запознавање со производителите и нивните производи.