Домашен пијалак за одбрани гости

Фото: Unsplash
614

Во времето на СФРЈ младите често правеа домашни журки, а еден од пијалаците кои беа неизбежен дел од секоја забава беше познатиот Рубинов вињак. Тој беше најевтин, а одлично одеше и со Кокта. Но, дали некогаш сте пробале домаќински македонски крафт вињак?

Ако се сеќавате на домашните журки во 80-тите години од минатиот век и на омилениот коктел од Рубинов вињак и Кокта, веројатно сте стари барем половина век. Да, во времето на поранешна Југославија младите често правеа домашни журки, а еден од пијалаците кои беа неизбежен дел од секоја забава беше познатиот Рубинов вињак. Омилен коктел пак беше вињакот со Кокта.

Бидејќи вкусот на вињакот не е по сечиј вкус, комбинацијата со сладок газиран пијалак беше идеален избор за уживање во друштвото на пријателите. Односот на вињак и кокта секако, зависеше од вкусот. Сепак, тоа беше пијалак за сите генерации, најевтин и најпознат на овие простори.

На сето ова се потсетив деновиве кога дознав дека нашиот пријател Орданчо Иванов од винаријата „Иванов“ за себе и за своите пријатели и гости, освен маџун и, се разбира, вино, прави и домашен вињак. Од него добив и детални информации за тоа од што се прави и како се прави овој пијалак.  

Првиот и основен факт за вињакот е дека е природен, направен на сличен начин како виното, а ако се дозира правилно ќе го почувствувате неговиот специфичен вкус, но уште поважно – нема да ги чувствувате последиците кои си доаѓаат по претераното консумирање на кој било алкохолен пијалак.

Вињакот е еден од производите од дестилацијата на виното, добиен со одлежување во дабови буриња. Орданчо ни објасни дека правењето на овој алкохолен пијалак вклучува голем број постапки, но најбитно од сѐ, вели нашиот соговорник, е тоа што ние го имаме најдоброто и најсоодветно грозје за производство на вињак, а тоа е смедеревката.

„За производство на вињак се употребува неутрална сорта бело грозје, без арома, со високи природни киселини и низок шеќер.  Токму таква е смедеревката“, вели Орданчо и ни објаснува дека всушност и нема голема разлика меѓу вињакот и коњакот, но дека строгите француски закони го направиле коњакот посебен заштитен пијалак, па никој друг не смее да го користи тоа име за своите производи. Францускиот коњак се произведува во близина на истоимениот град и претставува дериват на вино, односно, вид на вињак. Така што, според Орданчо, тајната на францускиот коњак и не е некоја тајна, освен што тој се прави од специјална француска сорта бело грозје, а одлежува во дабови буриња како и вињакот.

„Преработката на грозјето за вињак е слична на производството на бело вино, но без додавање на сулфур диоксид, што значително би влијаело на вкусот и квалитетот на вињакот. Клучните процеси во процесот на правење вињак секако се дестилацијата и стареењето. Дестилацијата доаѓа по алкохолната ферментација и најдобро се прави со едноставен апарат за дестилација со загревање на оган или водена пареа.

Откако ќе заврши дестилацијата, винскиот дестилат има од 60 до 70% алкохол, а за да добие карактеристичен вкус треба да остане во дабови буриња. Имено, квалитетот и начинот на производство на бурињата, како и условите и должината на стареењето, играат голема улога во финалниот хармоничен вкус на вињакот“, објаснува Орданчо.

Тој вели и дека етикетата „стар“ вињак обично може да ја носат само производите што старееле (одлежале во дрвени буриња) најмалку три години, а годините на стареење (во дрвени дабови буриња) можат да се означат со ѕвездички (една ѕвезда за една година).

Што се однесува до почетокот на производството на вињак на овие простори, има многу приказни за името вињак, но за нас некако најприфатлива е онаа дека името вињак потекнува од комбинација на имињата – вино и коњак.

И ако сето ова ви разбуди желба за една чашка стар добар домашен вињак, жал ни е, но ги нема во продажба. Чашка домашен вињак можете да добиете само ако се најдете на некоја дегустација во винаријата.