Доста беше од сарми и подварок: Направете палачинки од кисела зелка

Фото: Пинтерест
408

Ако ви здодеаја сармата и подварокот, време е да испробате нешто ново. Со киселата зелка можете да направите нешто сосема поинакво од сѐ досега

Мора да признаеме дека кај нас киселата зелка се подготвува само на два-три познати начини и тука завршува експериментирањето. Ја користиме за сарма, подварок и како салата со буковец.

Сега најдовме еден интересен рецепт и ве предизвикуваме да пробате кисела зелка на сосема нов начин и од неа да направите палачинки.

Овој сосема необичен рецепт го најдовме на блогот Wholesome.

Потребни состојки:

250 гр кисела зелка (ситно исечкана)
1 шолја млеко
1 шолја брашно
1 јајце
Прстофат лута мелена пиперка

Приготвување:

Сите состојки се истураат во сад за матење и се мешаат додека не се соединат и додека грутките брашно целосно не исчезнат.

Кога ќе ја изматите смесата, ставете голема тава на шпорет, прелијте со малку масло и оставете добро да се загрее. Со лажица ставете ја смесата на тавата и формирајте мали палачинки. Пржете 1-2 минути од секоја страна додека не поруменат.
Од оваа смеса ќе добиете 12 палачинки. Послужете ги со свежо сирење и павлака.