Една Анастасиа и една овчарска пита, ве молам!

1.384

Нашиот уметник и голем кулинар Диме Темков кој веќе две ипол децении живее во Љубљана, а во Словенија е познат и по своите кулинарски ремек-дела, ги сподели со нас рецептите за неговиот најнов изум – десертот инспириран од Русинката Анастасиа и Shepherd’s Pie, алијас овчарска пита, позната и како омилен оброк на принцот Вилијам

Македонскиот уметник Диме Темков во кујната е вешт еднакво како и на сликарското платно и графиките, до толку што неговите пријатели Словенци кои често уживаат во неговите македонски специјалитети, не помалку уживаат и во неговите традиционални словенечки специјалитети. Ама тоа не е сè, бидејќи во неговата храна уживаат и неговите пријатели Англичани, според кои, неговата овчарска пита, во Англија позната како Shepherd’s Pie и омилен оброк на британскиот принц Вилијам, е повкусна и од оригиналот.

За Божик, кој Диме го прославува двапати, тој ги израдувал своите пријатели со овчарска пита во оригинална и во вегетаријанска верзија, но и со својот нов Божиќен рецепт за десерт кој го добил името Анастасиа. Зошто токму Анастасиа? Затоа што сите уметници си имаат своја муза, а за овој десерт неговата муза била Русинка. И тоа, не било која, туку токму Анастасиа или скратено, Настја.

Не знаеме дали Анастасиа имала среќа и да го проба овој превкусен десерт, ама ние секако ќе се обидеме да го повториме по рецептот на Диме.

Анастасиа

Состојки:

180 гр крупно сечкани урми
310 мл вода
1/2 лажичка сода бикарбона
50 гр кафеав шеќер или стевиа
60 гр омекнат путер
2 јајца
150 гр брашно
1 прашок за пециво
1/2 шолја сечкано темно чоколадо
1/4 шолја сечкани ореви

За глазурата

100 гр сечкано темно чоколадо
1/2 шолја слатка павлака
по желба додадете 1 лажица кафеав шеќер

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 180°. Калапот за печење со пречник од 18 цм подмачкајте го и набрашнете го.
Урмите сварете ги во вода, тргнете ги од оган кога водата ќе зоврие. Додадете сода бикарбона и добро измешајте. Оставете да се излади и повремено промешувајте.
Измешајте ги чоколадото, оревите, брашното и прашокот за пециво.
Со миксер се матат путерот и шеќерот. Додадете едно по едно јајце и добро измешајте. Додадете ги урмите и повторно добро измешајте. Смесата внимателно измешајте ја со брашното и чоколадото.
Истурете го тестото во подготвениот плех и печете околу 40 минути.
За глазурата измешајте ги чоколадото, слатката павлака и шеќерот. Гответе на тивок оган додека не се раствори шеќерот. Топлата торта прелијте ја со глазурата и поросете со сечканите ореви.

Princ Villiam’s favorite Shepherd’s Pie

Или во превод, овчарска пита.

Вегетаријанската верзија се вика градинарска пита со зеленчук.

Состојки за Овчарска пита:

Зејтин, кромид, морков, пире од домат, грашок, говедска супа или вода, ловор, црвен пипер, малце буковец по вкус, ворчестер сос. Количина по вкус на готвачот.

Се запржуваат кромидот и морковот, се додава месото и се пржи додека не биде готово. Се додаваат доматот, грашокот, зачините и супата. Се динста полека околу 20-30 минути. На крај се додава ворчестер сос по вкус.

Состојки за Градинарска пита:

Кромид, лук, зеленчук (морков, брокули, карфиол, грашок или по избор), , пире од домат, ловор, црвен пипер, малце буковец по вкус, ворчестер сос. Во оригиналниот англиски рецепт се користи Чедар сирење, ама Диме вели дека слободно може да се употреби и македонски овчи кашкавал.

Количина по вкус на готвачот.

Се запржуваат кромидот и морковот, па се додаваат доматот, грашокот, зачините и малку вода. Се динста. На крај се додава ворчестер сос по вкус.

Компир пире

Се вари компир во солена вода. Се пасира и се додаваат павлака за готвење и сол по потреба.

Рецепт за домашен вегетаријански ворчестер сос:

Познатиот Ворчестер сос е веќе 150 години замена за индиските зачини. Денеска не се употребува само во Англија туку во целиот свет. Има специфичен пикантен вкус, во исто време кисело- сладок. Се употребува како зачин за риби, месо, рагу, и за многу други јадења.

240 мл оцет од јаболки, 2 лажици темен соја сос, 1 мала лажичка кафеав шеќер, ¼ лажичка сенф во прав, ¼ мала лажица мелен ингвер, 1 лажица вода, 1 лажичка кромид во прав, 1 лажичка лук во прав, ¼ лажичка мелен цимет, ½ лажичка црн пипер.

Се ставаат во тенџере на ниска температура оцетот, соја сосот и водата. Во меѓувреме се додаваат сите други состојки. Кога ќе зоврие вариме уште една минута. Во фрижидер трае 1 недела, а може и да се конзервира како ајвар и да трае пола година.

Приготвување:

Се редат во тава за печење, ред од претходно испржениот зеленчук и месо за овчарската пита, односно претходно испржениот зеленчук за градинарската пита, па одозгора се реди кашкавалот и на крајот се става пирето. Се пече во рерна.