Зимски радости со пивски коктели, греено пиво, пиво од каки… Пивски салон со реден број 8, утре, во Макка

256

На утрешниот (24.12) пивски салон во Макка бар, според организаторот Марјан Костадиновски, ќе биде повеќе од интересно. Малите производители на добро, чисто и здраво пиво ќе ги донесат своите производи, а меѓу нив освен веќе испробаните, ќе има и сосема нови, тукушто испилени пива и пивари и интересни пивски комбинации. Од пивски коктели, до греено пиво, но и по некоја ракија од Вк и Плетварски, а за да не биде на „голо“ ќе се погрижат пријателите од Слоу фуд.

Марјан Костадиновски алијас Мац од „Сакам пиво“ и „Пивотека“, има долга пивска историја за која веќе сме пишувале, сепак, воочи утрешниот (24.12) Пивски салон во Макка, мора да споменеме дека без неговата пасија за пивото и упорноста немаше да го имаме овој, сега веќе традиционален Пивски салон во Скопје.

А дека Мац е многу сериозен во врска со пивото зборува и тоа што тој полека, но сигурно го проширува кругот на вистински пасионирани пивољупци. Од неодамна, заедно со 150 пивски судии од цел свет, тој е и надворешен неофицијален пивски судија на интернационалните натпревари за пиво. Иако велиме дека е ова скопски пивски настан, вистината е дека неговите почетоци се во Битола.

Имено, Мац, заедно со Слоу фуд Битола го направија првиот настан на кој пивото и малите производители на пиво без главни ѕвезди, во Битола, во 2017.година.

„Кога почна да се развива оваа приказна уште во 2017. Година во Битола, во Првото задруга-кафуле „Артикултура“ заедно со Слоу Фуд Битола се обидовме да направиме еден таков собир на домашни производители на пиво од хоби и на мое големо изненадување дојдоа и гости од Грција со свое домашно пиво и сѐ помина во една преубава атмосфера која ни даде мотив и поттик да продолжиме заедно да ја развиваме оваа идеја и концепт. Следната година во март, во Арт кафе „Кашмир“ во Скопје се случи второто издание на Пивскиот Салон само со домашни производители на пиво и локална поддршка од „Староградско“ и од крафт пиварата „Стар Град“ од Скопје. Тоа беше и првиот салон кој покажа дека постои огромен интерес и беше знак дека конечно и кај нас започна т.н. пивска револуција. Понатаму, ни дојде идеја да се одбележи крајот на годината со уште еден пивски настан на кој за првпат земаа учество сите пивари во Македонија вклучуваќи ги и Пивара Скопје и Прилепска пиварница, Наше македонско пиво и Староградско, како резултат на пивските фестивали во европските метрополи кои се случуваат во месец декември, но се фокусирани конкретно на еден пивски стил, а тоа се зимските пива“, објаснува Мац.

Вклучувајќи го тој прв настан во Битола и пролетните пивски салони, со паузата од пандемиската година, настанот кој не очекува утре во Макка бар е Пивскиот салон кој го носи редниот број 8.

Овој настан, како дел од концептот што почна заедно со Слоу фуд, а тоа е кампањата „Слоу Бир“, е фокусиран токму на промоција на малите занаетчиски пиварници, без кои, како што вели Мац, овој настан немаше да постои.

Што да очекуваме?

„Ова издание ќе биде и еден мал омаж и оддавање почит на нашиот драг пријател и другар кој загина неодамна, Влатко Костадинов од Велес, сопственик на крафт пиварата Краун или Круна кој редовно учествуваше на сите настани. Ќе има и некои пивски коктели, но ќе се обидеме да направиме и греено пиво кое е популарно во западните европски земји. Нешто слично како грееното вино. Секако, ќе има и некои ситни закуски како Зреено месо – Скопје, SašaTruffles – производи од тартуфи, месни производи Гаврилоски, печени лешници, сите од нашите пријатели од Слоу Фуд, убавата ракија со традиција од Вк и овошните ракии на Плетварски, сѐ со цел да направиме една убава пријатна, празнична и претпразнична атмосфера за вистинските љубители на доброто, чисто и здраво пиво“, најавува нашиот соговорник.

Со оглед на тоа што овој период насекаде има слични случувања, гостинските крафт пивари нема да бидат присутни лично, но ќе бидат присутни со своите пива.

„Ќе ги имаме Трон од Белград, Хоч Поч од Загреб (мајсторите на пивото се од Македонија), Пивџан од Грачаница Косово, Тектоник од Словенија и Баладин од Италија“, најавува Мац.

За разлика од претходно, за што веројатно имаат голем удел и овие пивски салони, денес веќе имаме неколку официјални занаетчиски пивари, Пиволабс од Скопје, СК 091 од Скопје, занаетчиска пивара Бакревски од Битола, Стар Конак пивница и пивара од Штип, Стар Град од Скопје, како прва официјална пивара во Македонија и Крафт Хаус од Велес за која Мац сѐ уште нема информација што ќе се случува по смртта на нејзиниот сопственик.

„Се надеваме дека некои од овие сегашни домашни производители ќе биде некоја идна нова занаетчиска пивара во Македонија. Но проблем се суровините кои се увозни, сѐ уште сме далеку од тоа да не зависиме од увозот на основните материјали, како земјите од регионот кои веќе сериозно се во голема предност бидејќи располагаат со слад од сопствено производство, со сопствени насади на хмељ. Кај нас работите тука некако уште стојат во место освен неколкуте мали обиди на домашните производители на пиво кои си прават слад за свои потреби во домашни услови. Јас и мојот другар Трајче Митрески еден период правевме домашен слад и експериментиравме со дивиот хмељ кој го има насекаде, но сепак, тоа не е тоа“, вели Марјан.

Името на настанот кој гласи Meet the brewer…ја отсликува и основната идеја на пивските салони да присуствува и самиот производител кој би можел на заинтересираните да им ја раскаже својата пивска приказна.

„Има и некои нови млади пивари кои досега не земале учество, а слободно може да се пријават и сите оние кои се спремни да го понудат своето домашно пиво на една поширока публика, а сметаат дека е доволно зрело и стасано за дегустација. По втор пат ќе настапи Александар Костадиновски (Пиварата на Санде), со две негови пива Келлер пиво кое е еден германски тип на лесно лагер пиво, како стил е доста старо, некаде од средниот век и со класично ИПА (Индиа Пеил еил) пиво. Тука ќе биде и Филип Петрушев (The Drop Brewery) кој ќе настапи со две пива, со класична ИПА и едно темно пиво од трапистички стил кое добро би дошло во овие студени денови. Даре Трајковски (Belleza Brewing) ќе настапи само со едно пиво Амбер Але, Трајче Митревки (Курајбер) и еден од најредовните учесници и ветеран во домашното пиварство ќе настапи со три типа на пиво, ‘ржано пиво и класичното Аждер црвено пиво и со темно пиво. Дени Омерагиќ ќе настапи со два типа на англиски стилови Bitter и Mild. Сите овие се од Скопје, за жал од другите градови не успеавме да ги искоординираме, но се надеваме дека веќе следното издание ќе се зголеми бројот на учесници и од нивна страна. Од регистрираните веќе ги имаме значи Пиволабс од Скопје, Бакревски од Битола, СК 091 од Скопје, Стар Град од Скопје и Стар Конак од Штип и Зелен Цар – пивото со канабис“. Вака ни ја образложи организаторот целата листа на учесници, а таа и звучи и ветува многу интересен саботен ден во Макка.

Што ќе пробаме?

Меѓу оние поинтересните пивски комбинации ќе биде пивото кое годинава за првпат го направил токму нашиот соговорник, а станува збор за пиво со јапонски јаболки.

„Идејата за ова пиво ми дојде сосема случајно. Сакав една црвена ИПА која ја нареков Црвенкапа, но ги гледам во подрум гајбите со јапонски јаболка и си реков да ставам нешто и од нив и да видам што ќе се постигне. Јапонските јаболка ги имаме уште од 1985 година во дворот и ги обожуваме. Пробав еднаш и ракија од јапонски јаболки и така и ми дојде оваа идеја за пиво. Малку згрешив затоа што ги ставив додека беа уште тврди што може и да пречи малку на вкусот на пивото, па затоа го оставив да ферментира малку подолго од вообичаеното. Се изненадив од првичниот вкус, а се надевам дека ќе им се допадне и на посетителите кои ќе дојдат. Сепак, се работи за мала количина од само 30 литри, а следниот пат веќе знам како да го подобрам и збогатам вкусот. Откако го направив седнав да прочитам малку на Интернет дали постои такво нешто и дознав дека во Америка се правело такво пиво пред илјадници години, но не со слад и хмељ, најдов и некои крафт пивари од Америка кои тоа го усовршиле. Цела година ми беше во знакот на овошните пива. Покрај пролетното со цреша и вишна, имав и едно есенско со грозје и сега ова со јапонските јаболка. Се спремам исто така и за едно зимско пиво со костени и секако постојано сакам да експериментирам со рецептурите“, вели Мац.

Нему за време на неодамнешната посета во Варшава на фестивал на пиво каде што и тој настапил со свое пиво за првпат надвор од границите на Македонија, најинтересно му било лагер пивото со инфузија на виски кое го пробал таму.

„Забележав дека се многу во мода солените пива што е еден стар германски стил или рецепт познат под името Gose, а исто така впечаток ми остави и едно екстремно солено пиво со цреши и 9% алкохол. Баладин, една од првите италијански крафт пивари се доста познати по тие експерименти па така имаат една специјална серија на оксидирани пива, една сосема нова и храбра постапка во пиварството каде што целосно е отстранета пената и газираноста во пивото и доминира само сладот и малата горчина, а одлежуваат со години во разни буриња и стигнуваат до неверојатни 15% алкохол. Исто така е интересно и пивото шампањ или Brut Bier. Има многу примери за интересни пивски комбинации, само треба да се охрабриме и да заборавиме дека пиеме пиво. Тоа е и убавината бидејќи секое пиво може да изненади и зад секое пиво стои некоја приказна и филозофија“, раскажува Мац за своите невероијатни дегустаторски искуства.

На крајот, со надеж дека следната година ќе се регистрира официјална македонска асоцијација на домашни пивари со која ќе се дејствува за донесување на закон со што би се дефинирало што значи домашно пиварство, што е занаетчиско пиварство, Мац најавува и соработка со слични асоцијации од регионот и подалеку.

„Со некои веќе имаме претходна соработка, како со тие од Софија, така и од Измир од Турција, од Полска, од Србија и се надевам дека наскоро заедно ќе организираме еден поголем настан и кај нас во Скопје“, завршува Марјан.