Двајца хемичари од Скопје со загрепска адреса прават ‘ршум на хрватската пивска крафт сцена

1.810

Двајца скопјани кои живеат во Загреб создале пивски бренд кој одлично котира на богатата хрватска пивска крафт сцена, ама не го заборавиле ниту родниот град, па тука соработуваат со уште еден пивски мајстор, скопјанецот Димитар Блажевски. Тој и неговите пријатели и соработници со загрепска адреса, Димитар Јовановски и Круме Ивановски, ќе ги претстават своите пива на годинешниот Пиволенд.

Нашиот дамнешен пријател, Димитар Блажевски, производител на крафт пиво кој завршил средно хемиско училиште во Скопје, студирал економија во Белград, а како човек созреал на скопскиот асфалт, неодамна не поврза и со своите нови пријатели, а од неодамна и соработници, хемичарите кои животот ги однел во Загреб, а пивото ги споило во партнерство.

Димитар Јовановски и Круме Ивановски се сопственици на брендот Хоч Поч (Hotch Potch), кој на хрватскиот пазар бил претставен со првото пиво Little Gnomes’ Hats во стилот Juicy Pale Ale, во јануари 2019, а веќе следната година го привлекоа вниманието на јавноста со првото хрватско (шибенско) – македонско пиво „Херц“, заедно со Pivovara 022, а во чест на лидерот на медицинскиот тим кој ја изврши првата трансплантација на срце во Македонија, д-р Сашко Јовев, по мајка шибенчанин.

„Пивото Херц го посветивме на македонскит кардиохирург по мајка Шибенчанин, доктор Сашко Јовев. Тој е важен затоа што пред неколку години ја изведе првата трансплантација на срце во Македонија. Потикнати од овој успех и во договор со самиот доктор Јовев решивме да му го посветиме ова пиво. Херц наскоро ќе се продава и на македонскиот пазар, а неговата хумана цел е да се поттикне донорството на органи во двете земји“, велат нашите соговорници од Хоч Поч, Круме Ивановски и Димитар Јовановски.

Овие двајца скопјани се запознале во Загреб. Првиот, а истовремено и најстар во оваа пивска крафт приказна, се родил во Скопје во1978.година, по професија е петрохемиски инженер, а во Загреб, вели, го довела љубовта.

„Моментално водам фирма за лабораториска опрема, а исто така се занимавам и со фотографија. Пиварството е многу блиско со хемијата па секогаш ме интересирало да направам некој свој домашен производ и така малку по малку собрав храброст да произведам свое пиво. Кога ја пробав првата голка, ме понесе понатаму, секое ново пиво кога ќе го пробаа пријателите водеше до ново, сите беа воодушевени и веќе правецот се препознаваше. Пред да го запознаам Димитар не се ни натпреварував на некои натпревари, но откако го запознав, сѐ доби некоја подобра димензија и така двајца хемичари од Скопје во Загреб освоија многу награди за домашно пиво. Така се роди и идејата за Хоч Поч“, раскажува Круме.

Неговиот партнер и пријател, Димитар Јовановски е од скопско Радишани, помлад е од Круме цели 13 години, ама одлично се разбираат. Тој се занимава со производство на пиво веќе 10 години, а од пред 4 години живее и работи во Загреб.

„Кога се запишав на студии пивото веќе прилично ме интересираше, ама немаше некои соодветни студии за тоа во Македонија. Подоцна веќе имаше напредок на тоа поле на Земјоделски факултет, каде што професорот Дане Бошев воведе предмет поврзан со пиварство, но не сум сигурен до каде е развиено тоа. Како и да е, хемијата ми беше секако интересна и знаев дека понатаму ќе ми помогне околу подобро разбирање на информациите достапни на интернет. Понатамошното школување го продолжив во Естонија и Финска, во меѓувреме работев една година во Џонсон Мети. Со пиварството како хоби почнав пред некои 10 години, во недостаток на диверзитет и квалитет на пива на македонскиот пазар заклучив дека ако сакам нешто подобро ќе мора сам да си го направам. Далеку од тоа дека тогаш бев во можност да направам нешто висококвалитетно, заради недоволно знаење и искуство и заради недостапност на материјали и опрема, па првите обиди се состоеја од импровизации со хмељ од билна аптека,  пиварски квасец кој го набавив од биохемиската лабораторија на ПМФ и течен екстракт од слад кој се продаваше во продавници за здрава храна како замена за мед. Подоцна за набавка на материјали имавме и екскурзија до Приштина со Горјан Дуковски (еден од првите домашни пивари во Македонија) и Марјан Костадиновски (исто меѓу први домашни пивари и сопственик на Сакам Пиво – специјализирана пивска продавница) каде што се наоѓаше најблиската крафт (занаетчиска) пивара (Сабаја) и сопственикот ни излезе во пресрет.

Пиварството како хоби драстично ми напредуваше кога заминав во Естонија на студии, бидејќи таму си постоеја продавници за опрема и материјали за ова хоби, па можев дури и додека живеев во студентски дом, да си правам пиво со значително подобар квалитет од тоа што бев во можност да го произведам во Скопје. Општо крафт пиварската сцена во Естонија и Финска е доста наредна па дефинитивно многу можев да научам. Моите пива стигнаа до доста луѓе, како лаици така и поискусни домашни пивари, кои објективно ги критизираа моите производи. Кога стигнав до стадиумот кога луѓе со задоволство беа спремни да платат за моите пива знаев дека ја имам постигнато целта да направам пиво подобро од индустриските пива достапни на пазарот во Македонија, но и во Естонија и Финска. После студирањето мојата прва работа во крафт пивара беше во пиварата Танкер во Талин, каде што работев една година како асистент на главниот пивар.

Во Хрватска сум од  јуни 2018 и веќе нешто повеќе од 4 години работам за Пивница и Пивовара Млинарица (brewpub) како главен пивар“, раскажува нашиот втор соговорник од Загреб.

Тој и Круме се запознале лично само еден ден по пристигнувањето на Димитар во Хрватска, на натпревар за домашни пивари.

„Уште на почетокот видовме дека имаме сличен вкус за пива и за тоа какви пива сакаме да правиме по дома, па дојдовме до идејата заедно да вариме пиво. Квалитетот на тие пива беше многу брзо потврден, почнувајќи од пријатели, па до објективни конзумери, сѐ до судии на натпревари за домашни пивари кои дегустираат на слепо и од кои добивме по некој медал. Нормално следеше идејата да започнеме со наше комерцијално производство на пиво и така се роди брендот Хоч Поч (Hotch Potch), кој на хрватскиот пазар беше претставен со првото пиво Little Gnomes’ Hats во стилот Juicy Pale Ale, во јануари 2019“, велат тие.

Ново партнерство, ново пријателство, нови пива

Токму преку пиварството го запознале и својот нов партнер и пријател, уште еден Димитар, но со скопска адреса.

Димитар е сопственик на брендот СК091 и вели дека соработката со Хоч Поч е уште еден пионерски потег и прва колаборација помеѓу две независни пивски етикети кај нас.

„Имав среќа низ годините наназад да запознаам доста добри, пред сѐ луѓе, а потоа и мајстори на својот занает. Така преку разменување на информации и искуства со Димитар и Круме, во неврзани муабети дојдовме до договор. Тоа не само што е прва колаборација, туку оттука произлезе и првата крафт лименка што е исто така еден тренд во независната пивска индустрија.

Можам да кажам дека нашата соработка е засега премногу едноставна. Кога се наоѓате на слична бранова фрекфенција, сѐ е лесно. Се трудиме да си помогнеме меѓусебно и, иако бавно, некако растеме. Доказ за тоа е и втората колаборација, односно идејата да направиме уште едно, овојпат летно пиво, лесно за консумација, кое исто така го спакувавме во лименка.

Новина е тоа што оваа година ќе имаме прилика да учествуваме на Пиволенд, манифестација која ја слави пивската култура, но оваа година за првпат отстапуваат место и за крафт пивари“, вели нашиот соговорник кој е стациониран во Скопје.

Пивари-номади

Во меѓувреме, Димитар Блажевски од домашен пивар станал пивар-номад, како и неговите пријатели од Загреб.

Тоа значи дека немаат сопствен погон за производство туку изнајмуваат опреми од некои пивари или прават соработки со нив, па ги користат и состојките кои тие ги имаат или ги нарачуваат за нивни потреби.

„Во  досегашното постоење имаме произведено десетина различни пива од кои повеќето се соработки со други пивари. Стилски најмногу имаме хмељни стилови (IPA,APA), но има и по некое темно пиво, како портерот во соработка со СК091, а и 2 кисели пива, едното соработка со Млинарица, другото со Пулфер. Генерално станува збор за количини од по 1.000 литри, а во последно време по 2.000 литри. Некои од пивата беа повторени, а константно во понуда е нашето стандардо Little Gnomes’ Hats“, велат од Хоч Поч и додаваат дека иако некои пива се поприфатени од пошироките маси, дефинитивно се доста ценети и специфичните стилови.

„Можностите се речиси неограничени, а ние секогаш уживаме да експериментираме и додаваме нови состојки, сѐ додека се природни, бидејќи тоа е дел од нашата филозофија на производство на занаетчиско пиво.

Вака добиените пива гарантираат подобар вкус и квалитет од индустриски произведените кои имаат многубројни конзерванси, екстракти и слични додатоци. Кога човек ќе се навикне на поубаво, тешко може да прифати инфериорен производ, па конзумирањето на индустриски пива се сведува само на моменти кога баш нема достапно нешто поквалитетно. За среќа пазарот во Хрватска е доста напреднат, па стануваат ретки баровите каде што нема достапно ниедно крафт пиво, а нас не ни претставува проблем да ги избегнуваме таквите локали“, се смеат тие.

Разгалени гости и разновидни пива

Тие сметаат дека ги разгалиле нивните пријатели и гости кои апсолутно очекуваат и знаат дека имаат добра понуда на пива дома, па дури и кога не се некои големи пивопии знаат дека во нивните фрижидери ќе се најде нешто и по нивен вкус. „Понекогаш е интересно како ќе реагираат лаиците на некој сосема неочекуван вкус, па критиките тука варираат од воодушевување до „бљак и кисело“!

Како што веќе напоменавме сцената на занаетчиски пивари во Хрватска е доста напредната, па така има огромна публика која едвај чека некое ново пиво на пазарот. Често правиме и промотивни настани кога на пазарот пласираме нов производ, каде посетеноста е од наши најблиски, до луѓе кои воопшто не знаат кои сме, но се верни фанови на брендот. Критиките на наша адреса стигнуваат и лично и преку апликациите Untappd и Ratebeer кои се користат за оценување и коментирање пива“, објаснуваат Круме и Димитар.

Тие велат дека во Хрватска крафт пиварите генерално гледаат една на друга како здрава конкуренција и се доста колегијални, си излегуваат во пресрет, а тоа е особено изразено кога треба да се обединат против индустријата. „Иако не живеам во Македонија веќе 7 години секогаш се трудам да помогнам околу развојот на пиварството таму. Стојам на располагање за совет и споделување литература на колегите таму, како преку социјални мрежи, така и кога доаѓам натаму (верувам дека се сложуваат останатите со оваа моја изјава, нека ме подберат ако не сум доволно достапен). На некоја од таквите средби на пиварски ентузијасти и се запознавме со Димитар. Веројатно како комшии претходно се немаме сретнато заради генерациската разлика, ама ете, не поврза пивото. Димитар (Блажевски) има огромен напредок како поради екстремната упорност, така и поради волјата да прашува сѐ што не му е јасно, да бара совети, а и да прифаќа критика дури и кога е далеку од позитивна. Поради многу фактори најдовме дека одлично комуницираме и обичното дружење со пиво прерасна и во производство и взаемно корисен бизнис. Одиме чекор по чекор со пласманот на заеднички производи на 2 пазара, па како што ќе расне побарувачката ќе расне нашето производство и диверзитет во пивата. Слободно можам да кажам дека ако македонската пивска публика сака нешто ново и поинтересно само треба да го поддржи заедничкиот проект на Хоч Поч и СК091, а ние ќе испорачаме. Секако, оние најголемите ентузијасти апсолутно сметам дека треба и самите да си прават пиво како што во почетоците имаме правено и јас и Димитар и Круме, па еден ден може ќе ни станат колеги на комерцијално ниво“, порачува Димитар.