Зошто треба да јадеме палента? Или качамак, жгањци, гриз, која е разликата?

Фото: Pixabay
1.346

Идеален оброк е за мали бебиња, за луѓе кои водат сметка за килограмите, за оние кои се интолерантни на глутен или имаат проблеми со варењето. Палентата содржи доволно минерали, нутриенти и витамини за да може телото нормално да функционира. Научно е докажано дека со консумирање на качамак значително се намалува ризикот од појавување на канцер, особено на дебелото црево, но и од појавување на хемороиди.

Едно од најпопуларните јадења на Балканот, па и пошироко, е качамак/пура/палента/жганци/полента/гриз. Се смета за храна на сиромашните и отсекогаш се подготвувала кај нас, како и во Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија, Италија.

Качамак vs. палента
Качамак/палента/пура во основа се прави од крупно мелена сушена пченка или крупно мелено пченкарно брашно. Во САД, пченкарното брашно често ја заменува палентата, ако е погрубо мелено, а е и поевтин производ. За некои потеклото на овој специјалитет е од Италија, а има и такви кои се убедени дека јадењето првпат е приготвено во САД.

Се верува дека сиромашните италијански семејства користеле мелена пченка за да ги прехранат многубројните семејства. Но, според податоците, во празничните денови најчесто јадењето се правело од поскапи суровини како јачмен или овес. И со неколку трикови се создала палента. Името е преземено од истоимениот латински збор, што значело каша од јачмен.

Терминот качамак доаѓа од турскиот збор качамак, што значи каша. Качамак се прави од пченкарно брашно. Разликата меѓу палентата и качамакот е во големината на зрната, поточно, за првото јадење се користи крупно мелена пченка, попозната како пченкарен гриз, додека второто се прави од ситно мелена пченка или нејзиното брашно.

Во Америка ова јадење се нарекува гриз и е наследство од индијанските племиња, кои се означени како креатори на светски познатиот специјалитет. Зошто е така? Експертите тврдат дека во Европа не било можно да се направи јадење од суровина што овде не била позната – пченка. Дури откако Кристофер Колумбо им ја претставил на жителите на Стариот континент, почнал да се прави качамак/палента. Се смета дека основниот рецепт дошол со експедицијата од Америка.

Инстант и домашна палента
За да се направи домашната палента треба подолго време, меѓу 40 и 60 минути, додека инстант палентата се подготвува многу пократко – од 2 до 10 минути. Инстант палентата е прво сварена, потоа се дехидрира и на крајот се суши. Потоа се пакува и оди на пазар. И токму поради оваа разлика во времето на подготовка, според едни, вистинската палента е повкусна, додека оние со малку слободно време тврдат дека се задоволни и со полуготовата палента која ја има во маркетите.

Приготвување:
При готвењето палентата треба внимателно да се додава во зовриената вода, во тенок „млаз“, затоа што на овој начин се спречува создавањето на грутки. Сепак, пченкарното брашно или гризот може да се стават и во ладна вода и да се доведе до вриење со постојано мешање. Времето за готвење почнува да се мери од првиот „клуч“. Што се однесува до соодносот, за покремасто јадење, односот на водата и пченкарното брашно треба да биде 5:1, а за поцврсто 3:1.

За подготовка на качамак/палента може да се користат и млеко или супи. По готвењето може да се послужи како додаток на јадења, но во неа може да се додадат и чварки, јогурт, разновиден зеленчук, џем, сланина.

Здравствени придобивки

Најважната работа кај ова јадење е фактот што не содржи глутен и може да ја консумира секој, без оглед на возраста.

Идеално е за мали бебиња, за луѓе кои водат сметка за килограмите или пак за оние кои имаат проблеми со системот за варење. Палентата содржи доволно минерали, нутриенти и витамини за да може телото нормално да функционира. Има големо влијание и на спречувањето на разни болести, како и на севкупното здравје на човекот. Во својот состав има природни масти, односно каротеноиди и токму тие здрави маснотии поттикнуваат подобра и поквалитетна работа на цревата.

Пченкарното брашно содржи низа хранливи состојки и е голем извор на фолати, витамини Б6, К и Е, пантотенска киселина, тијамин, рибофлавин и нијацин. Исто така, има голема содржина на фосфор, магнезиум, цинк, калиум, бакар, селен и манган.

Има многу малку калории и е идеален оброк за слабеење. Сто грама палента содржи околу 380 калории. Таа е одличен избор и како здрав оброк за најмалите, особено во комбинација со јогурт или со некој зеленчук или со малку пармезан и зелени никулци од пченица.

Меѓудругото, научно е докажано дека со консумирање на качамак значително се намалува ризикот од појавување на канцер, особено рак на дебело црево, но и од појавување на хемороиди.

Јакнењето на клетките на дебелото црево е исто така уште еден од успесите кои се забележани кај лицата кои ја ставиле палентата во своите редовни оброци. Што се однесува до разликата помеѓу купечката палента и домашната, купечката е збогатена со аскорбинска киселина, односно, со витамин Ц и бета каротен, па со тоа е и нешто побогата кога станува збор за витамините А и Ц од домашната, а кога станува збор за калориите, јаглените хидрати и мастите се со слична количина во составот на двата вида.