Колку е навистина здрав хумусот?

Фото: Pexels
423

Иако се смета за храна богата со хранливи материи, наутот не ја содржи во целост потребната дневна количина на протеини, што значи дека ги нема сите есенцијални амино киселини кои ги имаат месото, рибата, млечните производи и јајцата. Инаку, оваа мешавина на хранливи материи, може да го стабилизира шеќерот во крвта и да помогне во спречување на срцеви заболувања.

Вкусниот намаз од наут, кој е составен дел на многу кујни од Блискиот Исток, дури во последните неколку години се здоби со популарност во западните земји.

Во последно време ширум светот има значително зголемување на побарувачката за хумус, поради фактот што е препознаен како храна без глутен, поради што многу луѓе се заинтересираа за овој здрав намаз. Но, колку е навистина здрав хумусот? Еве што велат експертите…

Традиционалниот хумус се прави од мелен наут, маслиново масло, таан, односно паста од сусам, сок од лимон и зачини, а оваа мешавина се смета за храна богата со хранливи материи. Така барем тврди Елизабет Матео, диететичар од „Sargent Choice Nutrition Centаr“ на Универзитетот во Бостон.

„Хумусот дава повеќе витамини и минерали од кој било друг сос или намаз“, вели Матео, додавајќи дека овој популарен намаз содржи калциум, фолна киселина и магнезиум.

Оваа мешавина на хранливи материи, исто така, може да го стабилизира шеќерот во крвта и да помогне во спречување на срцеви заболувања, вели диететичарката Линдзи Пајн од Лос Анџелес. Хумусот ги содржи најпотребните макронутриенти – здрави масти, протеини и влакна, кои не прават сити и задоволни и се клучот за одржување на здрава тежина.

Исто како гравот, леќата, грашокот и другите суви и јадливи мешункасти семиња, наутот е добар извор на протеини и влакна во споредба со другите растенија. Но, не очекувајте да ја добивате вашата дневна доза само од него – две лажички хумус содржат два грама протеини и еден грам влакна, а препорачаната дневна доза за возрасен е околу 50 грама протеини, додека препорачаната доза на диетална влакна за жени е 25 грама, а за мажи 38 грама дневно.

Наутот исто така не ја содржи во целост потребната дневна количина на протеини, што значи дека хумусот ги нема сите есенцијални амино киселини кои ги имаат месото, рибата, млечните производи и јајцата.

Кој е најздравиот начин за консумирање хумус?

Иако хумусот е полн со здрави состојки, тоа не значи дека треба да го изедете целото пакување во еден оброк.

Хумусот содржи релативно голем број калории поради таанот и маслото што ги содржи, истакнува Анѓела Лемонд, диететичар и ПР на Американската академија за нутриционизам и диететика.

Хумусот купен од продавница обично содржи околу 70 калории на две лажички, па затоа е многу лесно да се претера со внесот на калории ако не ја мериме потрошувачката по оброк.

Фото: Pexels

Треба да внимавате и на храната што обично ја јадеме со хумус, како леб, чипс, крекери, кои овој нискокалоричен оброк го претвораат во калорична бомба. Обидете се да го комбинирате со сиров зеленчук како пиперки, брокула, целер и моркови, во комбинација со пченка во салата. Можете да измешате хумус со прелив за салата или да го послужите како сос со храна богата со протеини како риба и пилешко. Ако ви е тешко да се откажете од лебот, изберете леб од цели зрна, збогатен со протеини и влакна.

Рецепт за сладок хумус

Состојки:

чаша сварен наут,

8 свежи урми,

лажица стопено кокосово масло,

лажица какао,

арома на рум или ванила.

Приготвување:

Наутот изблендирајте го, извадете ги семките од урмите и сварете ги во половина шолја вода. Се пасира и се остава да се излади. Сите состојки повторно смелете ги во блендер.