И ние сме Атиџе: Нова шанса за самовработување на рурални жени во битолско

483

Целната група на проектот „Економско зајакнување на руралната жена преку апикултура“ се невработени жени од рурални средини од битолскиот дел на Пелагониската котлина на кои ќе им се понуди обука за пчеларство и за производство на козметички производи од пчелни производи.

Во пчеларникот на браќата Нацо и Благоја Јовчевски, за кој веќе сме пишувале, пчеларник „БН“ во село Дихово под Пелистер кој е атракција за бројни посетители од државава и од странство, деновиве станува и место каде што ќе се одвива проектот „Економско зајакнување на руралната жена преку апикултура“.

Станува збор за проект со кој ќе бидат опфатени дваесет жени од руралните средини на општина Битола, кои во наредните седум месеци ќе имаат можност теоретски и практично да научат како се одгледуваат пчели и како да ги користат пчелните производи за подготвување на козметички производи. Со ова тие ќе добијат можност за отпочнување на свој сопствен бизнис.

Проектот беше промовиран на 31.август, а го реализира здружението Движење за околината Молика дом – Битола.

Целната група на овој проект се невработени жени од рурални средини од битолскиот дел на Пелагониската котлина на кои ќе им се понуди обука за пчеларство (апикултура), како и обуки за подготвување на козметички производи (сапуни и крами) со користење на пчелни производи.

Со оваа дејност лицата може да се занимаваат во различни размери: од доходовно индивидуално хоби (за веќе вработени лица), сé до семеен бизнис од кој се остваруваат значителни приходи. Жените-кандидатки за пчелари се избираат преку јавен оглас.

На руралните жени од битолскиот дел на Пелагонија ќе им биде пренесено знаење и искуство, а ќе им се презентира и бизнис-план за да се уверат дека пчеларството е исплатлива инвестиција со која може да се дојде до самовработување.

Локацијата каде што се одвива проектот не е случајна. Имено, токму тука учесничките во проектот ќе можат да видат и на лице место да се уверат во тоа дека од овој бизнис може да егзистираат цели семејства.

Токму тоа е случај со браќата Јовчевски кои својот живот го посветиле на пчеларството и развиле прекрасна приказна која инспирира многу домашни и странски туристи.

Пчеларникот „БН“ е формиран во 2005 година, со цел да се прави мед за свои потреби, но за многу кратко време прераснува во фамилијарен семеен бизнис.

Во 2014-та година започнале да развиваат и апитуризам и се првиот пчеларник во Македонија кој нуди апи-услуги. Во 2016-та година ја отвараат првата апикомора, каде гостите можат да го почувствуваат мирисот на пчелите.

Тука, со огромна љубов се одгледуваат милиони пчели и страста за пчеларството се споделува со сите кои ќе дојдат, а се посветува внимание и на грижата за климатските промени, па постојано се посочува на сѐ што треба да се преземе за да не дојде до уништување на пчелите.

Проектот „Економско зајакнување на руралната жена преку Апикултура“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2 која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е ко-финансиран од општина Битола.