Како да заштедите струја кога готвите?

Фото: Unsplash
261

Германската влада има кампања за намалување на трошоците за струја, па дава дури и совети за готвење. Со советот, зеленчукот и јајцата да се варат во само 2 цм вода, се заштедувале 10 евра годишно. Не е многу, ама помножено со бројот на домаќинствата и не е толку малку.

Сите зборуваме за штедење на струја и за тоа колку тежок период не очекува, но дури и побогатите држави размислуваат за дребулии какви што се оние околу готвењето. Така на пример, германската влада има кампања за намалување на трошоците за струја, па дава дури и совети за готвење. Со советот, зеленчукот и јајцата да се варат во само 2 цм вода, се заштедувале 10 евра годишно. Претпоставувам дека за повеќето наши читатели ова е смешна сума, ама разликата е во тоа што другите размислуваат глобално, а не само за себе. Значи, 10 евра годишно помножено со бројот на домаќинствата и не е толку малку.

Еве го нашиот прилог за тоа како можете да заштедите енергија при готвење, благодарение на кои можете да ја намалите сметката за струја.
Има неколку трикови.

Домаќинство со три лица годишно троши околу 11 отсто од енергијата на готвење, а постојат неколку трикови за заштеда на енергија во кујната, пишува германската новинска агенција dpa.

За почеток, ако се користи капак, топлината не може да избега од тенџерето. Тоа е три пати поефикасно од готвењето без капак, а храната исто така ќе се загрева побрзо.

Енергијата може да се заштеди и со избирање тенџере и тава чии радиуси одговараат на големината на колото. Радиусот на садовите може да биде дури и малку поголем.

Дополнително, пари и енергија може да се заштедат доколку во тенџерето се истури само потребната количина на вода, бидејќи тоа го забрзува процесот на загревање и со тоа ја намалува потрошувачката на вода и енергија, пишува dpa.

Кампањата на германската влада нагласува дека јајцата и зеленчукот може да се готват во само 2 сантиметри вода – со други зборови, без да бидат покриени со вода. На овој начин можете да заштедите 10 евра годишно.

И последниот совет е за љубителите на тестенини – ставете ги во тенџере додека водата е се уште ладна. Така тестенините побрзо ќе бидат готови.