Како да се направи шлаг без белки?

Фото: Unsplash
457

Заборавете на јајцата, сега направете ги најубавите торти и колачи со посни состојки.

Почна Велигденскиот пост, но тоа не значи дека треба да се откажете од омилените слатки. Користете ги овие совети за да ги замените јајцата во секој рецепт.

Кога ќе се изматат белките и постепено ќе се додадат останатите состојки, кората или пандишпанот ќе бидат меки кога ќе се испечат. Сега не ви се потребни белки за да го направите шлагот, само заменете ги со овие евтини состојки.

Ленено семе
Состојки:

2/3 шолја ленено семе
6 шолји вода

Приготвување:

Измешајте вода и ленено семе, па варете ги половина час. Процедете и оставете да се излади во фрижидер. Добиената смеса матете ја околу 10 минути за да добиете шлаг. Три лажици од оваа смеса заменуваат една белка од јајце.

Шлаг од наут

Состојки:

300-400 мл вода
3-4 лажици шеќер
300 гр наут

Приготвување:


Наутот сварете го во вода и оставете го да се излади и да отстои во водата во која е варено преку ноќ (околу 8 часа). Потоа процедете го, а течноста ставете ја да зоврие за да добиете поголема концентрација на протеини (водата треба да испари околу 50 проценти). Течноста што ќе ја добиете треба да биде густа. Кога ќе ја протриете меѓу два прста, треба да има леплива текстура слична на текстурата на белките (имајќи предвид дека оваа течност има помала густина). Изматете ја оваа течност со голема брзина околу 5-6 минути. Кон крајот на матењето додадете шеќер за дополнително да го зацврстите. Уште поедноставно е ако купите лименка наут, па искористете ја водата од лименката.