Како се готви со четири раце… Величенствено гравче со шампионската сланина од Гаврилоски

1.035

Билјана и Дамјан Гаврилоски кои со своите домашни сувомеснати производи кои станаа парадигма за тоа какви треба да бидат овие, во т.н. здрава исхрана, забранети производи, на саемот Тера Мадре во Торино покажаа и како функционираат тие готвејќи со четири раце. Величенствената сланина од Гаврилоски спарена со грав беше едно од највеличенствените јадења послужени на македонскиот штанд

Билјана и Дамјан Гаврилоски се двојката заслужна за постоењето на македонскиот бренд за сувомеснати производи „Гаврилоски“ кој стана парадигма за тоа какви треба да бидат овие, во т.н. здрава исхрана, забранети производи.

Овие вљубеници во традиционално производство на месни преработки ѝ носат на Македонија бројни награди од светски натпревари за најдобри производи од овој тип.

Иако цел живот слушаме дека Србите се најголеми мајстори за сланина, нашите Гаврилоски во повеќе наврати „ги тепаат на нивни терен“.

И додека српските производители кои важат за врвни мајстори кога ја откриваат тајната на добрата сланина ги споменуваат главно, кошавата и љубовта, на Гаврилоски не им треба кошава. За нив најважна за добра сланина е љубовта кон работата, а секако, важни се и суровините, односно, домашните свињи. 

Дамјан и неговата сопруга Билјана се заедно на сите настани на кои ги презентираат своите производи, па така и годинава, на саемот Тера Мадре во Торино каде што покажаа и како функционираат тие готвејќи со четири раце. Величенствената сланина од Гаврилоски спарена со грав беше едно од највеличенствените јадења послужени на македонскиот штанд во Торино, а тие со многу љубов придонесоа за одличниот вкус на гравчето во казан кој на крајот беше испразнет до дното.

Правењето сланина и други сувомеснати трајни производи и колбаси долги години се дел од нивната семејна традиција и целото семејство Гаврилоски учествува во ова производство и му дава голема поддршка и помош на мајстор Дамјан.

„Овој начин на производство е наследство од моите баби и дедовци, и јас се придржувам на тој старински начин на производство“, објаснува Дамјан, додавајќи дека, иако лекарите препорачуваат консумирањето на сувомеснати производи да се сведе на минимум, кај нив дома се консумираат само нивните производи за кои тврдат дека се многу поздрави отколку некои други, т.н. здрави производи кои имаат вештачки ароми и адитиви.

„Целото мое производство се базира на традиционален начин на обработка без адитиви и додатоци“, вели Дамјан кој како мајстор, секако дека ги испробува сите производи и прави измени за да го подобри нивниот квалитет, а најголеми дегустатори на кои тој и најмногу им верува, се неговите потрошувачи.

Во Торино тие двајца ги претставија своите производи во најдобро светло, а покажаа и како изгледа кога сте неразделни во работата и во животот, ама и зад шпоретот.