Капари за медитерански шмек, ама и како превенција од срцеви болести и рак

403

Капари се оние ситни мали плодови (всушност, не се плодови, туку пупки) кои обично ги наоѓаме во рецептите од медитеранската кујна, на кои им даваат посебен вкус. Но капарите имаат и лековити својства: ги штитат црниот дроб и бубрезите, а треба да се консумираат и како превенција од срцеви болести и рак

Во медитеранската кујна капарите се одличен зачин за многу јадења, а салатите и сосовите поради нив имаат навистина посебен вкус. Неотворените цветни пупки, кои се користат како фин зачин и прилог за разни јадења и салати се берат во неколку наврати, почнувајќи од втората половина на мај, а може да се берат речиси цело лето, но со најдобар квалитет се токму на крајот на мај и почетокот на јуни, кога пупките се уште затворени. Имено, за разлика од повеќето растенија, кај капарите се берат само пупките, а не и плодот. Бербата се одвива во сушни денови, рано наутро или предвечер, кога топлината не е силна, а се берат само целосно затворени пупки.
Капарите се присутни низ Медитеранот, а често се наоѓаат на камените ѕидови од куќите. Растението, кое е познато под името Capparis Spinosa, расте како дива грмушка низ Медитеранот, особено во Италија, Турција, Шпанија и Хрватска.

Капарите се познати и по многу лековити својства и нутриенти поради кои спаѓаат во самиот врв на најздрави намирници на светот. Кај нас можат да се најдат закиселени и спакувани во мали теглички, во сите поголеми маркети. А како се прави тоа, односно, како се приготвуваат за да се зачуваат во тегличките, прочитајте ТУКА.

Железо

Железото е еден од најважните минерали кои им помага на црвените крвни зрнца да го пренесуваат кислородот низ крвотокот и им помагаат на клетките да произведуваат повеќе енергија за да функционираме подобро во извршувањето на секојдневните обврски. Капарите содржат прилично голема количина железо, но проблем е што обично тие не се консумираат во големи количини. Сепак, можат да бидат одличен додаток во вашата здрава исхрана.

Витамин К

Овој витамин е познат по тоа што ги апсорбира мастите и што игра многу важна улога во спречувањето на создавањето крвни згрутчувања. Витаминот К се наоѓа во приилично голема количина во малите плодови на лапарите па така, една лажица капари содржи дури 31 отсто од дневните потреби за витамин К.

Заштитници на црниот дроб и на бубрезите

Во дамнешните времиња капарите биле составен дел од народната медицина и со нивсе лекувале многу болести и состојби, на прво место, анемијата, потоа артритис и гихт. Често се употребувале и против надуеност како и за стимулирање на работата на црниот дроб и се верувало дека ги штитат црниот дроб и бубрезите од разни заболувања.

Модерните истражувања ги потврдиле антиоксидативните својства на капарите заради тоа што во својот состав содржат полифеноли, а особено биофлавоноиди, а докажано е дека делуваат превентивно на болестите на кардиоваскуларниот систем и канцерогените заболувања.

Како да се користат во исхраната?

Капарите ретко се јадат како засебна намирница и обично се користат како додаток, како зачин. Главно можеме да ги најдеме закиселени во мали теглички, во речиси сите поголеми маркети. Ако сакате да пробате капари, додадете ги во салата, во сосови за тестенини, месо или риба. За почеток, базирајте се на јадења со медитеранско потекло, а кога ќе се навикнете на нивниот вкус, можете да експериментирате. Имаат многу интензивен вкус и затоа на почеток, додека не се навикнете, бидете внимателни со количините.

Доколку ви недостасуваат идеи како да подготвите оброк со капари, само додадете си ги во чинијата со мезе како што направивме ние, или испробајте го овој многу едноставен рецепт со тестенини и тиквички.


Потребни состојки:
400 гр тестенини по ваш избор
2 тиквички
2 лажици капари
Свеж магдонос
1 чешне лук
Сол
Маслиново масло

Приготвување:
Исечете ги тиквичките на долги, дебели стапчиња, исчистете го и исечкајте го лукот. Во тава ставете маслиново масло и додадете ги тиквичките. Нека се динстаат 5 минути.

Додадете ги капарите и оставете ги да се варат полека уште 5 минути. Ставете ги да се варат тестенините, а во тиквичките додадете сечкан лук и динстајте поклопено 5 минути.

Сварените тестенини исцедете ги, но зачувајте една шолја од водата.

Во тавата со тиквички и капари додајте ги сварените тестенини и мала шолја вода зачувана од варењето на тестенините. Добро измешајте.

Поросете со свеж сечкан магдонос.