Кето „диета“, колеги и тим-билдинг

250

Кога речиси сите колеги се на кето „диета“, предновогодишната трпеза изгледа вака

Тимот на АРТ КУЈНА ја заврши годината со едномесечен тим билдинг, првиот на фитнес, а вториот по кафулиња и по кафани.

За да не биде дека само советуваме, а не применуваме ништо од тоа, нашиот тим реши последниот месец од годината да го искористи за физичка активност, во фитнес-клуб. Идејата беше да се оди чопоративно веднаш после неколку неколкучасовното седење пред компјутер. И навистина беше така. Ревносно, речиси секој работен ден, се одеше во блискиот фитнес клуб во кој секој се фаќаше за „својата“ справа. Секако, ако беше слободна, ако не, мирољубиво се одбираше алтернативна.

За понатаму, ќе видиме.

Вториот начин на тим билдање кој почнавме поинтензивно да го применуваме по олабавувањето на ковид мерките беа „колегиумите“ во кафулиња или кафани. Финалето беше секако, предновогодишниот собир – со сите салтанати, од обилна храна, до тортура со турбофолк. И додека храната може да се одбере, со музиката нема бирање – има да слушате турбофолк, и тоа за сите пари. И што да кажам повеќе освен дека сите присутни го знаат репертоарот и сите ги пеат песните уредно, од почеток до крај.

Се разбира, има утеха и за оние кои се алергични на турбофолк – тие си наоѓаат утеха во храна и вино. За оние кои постат пак, оваа вкусна и обилна трпеза беше веројатно најголемото искушение во текот на Божикните пости.

Во секој случај, беше тоа добро финале. Особено после оној тежок период минатата година.