Кох, шненокли, сутлијаш… Старите добри едноставни рецепти на нашите баби и мајки

Фото: „Ситно сецкано“
409

Ама добро се јадеше некогаш, нели? И не само затоа што така пееше Балашевиќ, туку и навистина. А трите најчесто правени слатки во секоја куќа беа токму овие

Три слатки задоволства кои сигурно ве враќаат во детството. Во некои куќи повеќе се правеше кох, односно, обичен колач кој кај нас дома често не успеваше да го дочека прелевањето со млеко туку го јадевме онака, сув и топол, а во други почесто беа на менито шненоклите. Сутлијаш пак, тој се јадеше во секоја куќа. Кога и да посакавме нешто благо, ова беше најбрзиот и наједноставен рецепт што го сакавме сите.

Има причина зошто се популарни и ден денес, а ние ви ги најдовме трите старомодни рецепти за нивна подготовка.

Кох

Состојки:

5 јајца
8 лажици шеќер
10 лажици гриз
1 литар млеко
2 ванилин шеќер

Приготвување:

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Одвојте ги белките, па пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот и ванилата. Во цврстиот снег од белки додавајте ги жолчките и гризот полека мешајќи со миксер на најмала брзина. Намрсете го плехот и поросете со гриз, па истурете ја смесата и печете околу 20 – 30 минути (во зависност од дебелината на кохот, односно, од големината на тепсијата во која се пече), на 180 степени. Кохот е готов кога ќе порумени и ќе почне да се одвојува од работ на тавата.

Додека се пече кохот, сварете го млекото. Ако сакате кохот да биде посочен, користете литар и пол млеко и додадете уште малку шеќер по вкус.

Испечениот кох прелива го со топло млеко, кутлача по кутлача, не наеднаш и оставете го да се олади и да го впие целото млеко.

Рецептот за овие шненокли е од нашите пријатели од Ситно сецкано :

Состојки:

1 л млеко

1 кесичка ванилин шеќер (јас ставив 1 лажица домашен ванилин шеќер)

6 јајца

6 лажици шеќер

1 лажица нишесте (или брашно)

Приготвување:

Одвојте ги белките од жолчките. Изматете ги прво белките со 1 лажица шеќер, додека не се добие цврст шлаг.

Загрејте го млекото со ванилата, скоро до вриење. Со лажица вадете кнедли од изматените белки и ставајте ги да се варат во млекото по две или три, но да имаат доволно простор, додека млекото полека врие. Варете ги околу 30-тина секунди од секоја страна, па вадете ги со решеткаста лажица и ставајте го во садот во кој ќе ги послужите.

Тргнете го млекото од шпорет додека ги матите жолчките. Изматете ги убаво со миксер, со 5 лажици шеќер и 1 лажица нишесте. Потоа ставете во нив малку од топлото млеко, околу пола шоља, промешајте, па ставете ја целата количина жолчки во тенџерето со млеко. Вратете го тенџерето на ринглата, загреана на средно и гответе го кремот додека не се згусне малку, со постојано мешање. Потоа додајте го кремот во садот со кнедли од белка, оставете ги да се оладат на собна температура, па ставете ги во фрижидер.

Шненоклите се највкусни кога се убаво оладени.

Сутлијаш

Состојки:

100 г ориз
750 мл млеко
4-5 лажици шеќер
Прстофат сол

Приготвување:

Варете го оризот во вода околу три минути, а потоа исцедете го. Во млекото ставете сол и ставете го на оган да зоврие. Додадете го оризот и варете на тивок оган додека оризот не го впие млекото.

Во сварениот ориз додадете шеќер и внимателно измешајте за зрната да останат цели.