Која храна освен месото, е полна со цинк? Најважниот минерал за имунитет ќе го најдете во следните намирници!

Фото: Unsplash
545

Ако сте го одбрале вегетаријанскиот начин на исхрана или од некоја причина не јадете месо, тогаш внесете во исхраната растителни намирници кои содржат цинк

Цинкот е суштинска хранлива материја која е неопходна за правилно функционирање на имунолошкиот систем и метаболизмот. Иако ни се потребни само мали количини, тој е најзастапениот минерал во нашите тела после железото.

Доволно количество на цинк може да се добие преку исхраната, а на тоа е особено важно да се внимава во сезоната на настинки, вируси и грип.

Нашиот имунолошки систем се состои од армија од клетки и одбранбени механизми потребни за борба против бактериите и вирусите кои можат да доведат до инфекции, а цинкот е исклучително важен за зајакнување на имунитетот.

Кои се знаците на недостаток на цинк?

Чести настинки и инфекции, сувост и грубост на кожата, бавно зараснување на раните, губење на косата (вклучувајќи влакна на веѓите и трепките), губење на апетит и нагло губење на тежината, тешкотии при прилагодување на очите на темнина, апатично однесување, заборавеност и депресивни чувства, импотенција и неплодност (кај двата пола).
Урамнотежената и разновидна исхрана е најдобриот снабдувач на овој минерал за телото. Цинкот е најзастапен во храната од животинско потекло, особено во црвеното месо, потоа во јајцата и млечните производи. Меѓутоа, луѓето кои се одлучиле за веганска исхрана, со добар план и добро избрана растителна храна богата со овој минерал, можат да добијат и доволна количина на цинк преку храната.

Намирници од растително потекло кои содржат цинк

Храна од растително потекло која содржи најмногу цинк се: мешунките (наут, леќа и грав), јаткастите плодови (кикирики, индиски ореви и бадеми). Исто така, минералот е присутен, но во помала мера, во темното чоколадо и житариците од цело зрно.

Вегански извори на цинк се, исто така, семките од тиква и од сончоглед. Само 2 лажици семки од тиква и 2 лажици семки од сончоглед додадени во појадокот ќе ви обезбедат 3,5 мг цинк. Додадете грст индиски ореви за уште 1,8 мг.

Темпех е производ од ферментирана соја и е одличен додаток на секоја исхрана поради неговото богатство со протеини, како и 1,8 мг цинк на 100 г. Ако уживате во киноа или кафеав ориз, бидете спокојни знаејќи дека ќе добивате 1,6 мг цинк со секоја порција. Додавањето житарки како киноа или кафеав ориз во вашата исхрана е одличен начин да додадете цинк во вашите оброци.

Други извори на цинк се интегрален леб, кус-кус, сусам, гравче тавче, кикиритки, овес, семе од коноп, спанаќ, наут, леќа, печурки, ореви и тофу.

Постојат многу растителни намирници кои обезбедуваат цинк, а тоа се намирници кои обично се консумираат во целост. Ако следите веганска исхрана, земајте храна од цели билки наместо преработена храна колку што можете, тоа ќе го поддржи внесот на витални хранливи материи.