Лесен и брз колач со овошје

523

Овој колач го направи нашата читателка Лихнида и секако, го послужи во Лихнидос, ама ни кажа дека рецептот го позајмила од Сузана Трајковска. Да нема кавги околу авторските права!

Овие колачи кои се прават брзо и со некое овошје по желба се секогаш лесни и за правење и за јадење. Ова второто им е и единствената маана.

Една тава си оди лесно и брзо и наместо десерт барем за 2 дена, останува празна тава уште истиот ден.

Состојки:

За тестото:

5 јајца

5 лажици шеќер

5 лажици брашно

5 лажици зејтин

1 прашок за пециво

За филот:

250 мл млеко

1/2 л вода

2 пудинга од ванила

1 кг овошје по желба (вишни)

3 лажици шеќер + 10 лажици шеќер

2 шлаг пени

Приготвување:

Се матат состојките за пандишпанот и се става смесата во подмачкано тавче да се пече на температура од 180 степени.

Додека се пече тестото се варат 250 мл млеко со 3 лажици шеќер. Кога ќе се испече пандишпанот се прелева со млекото

1 кг вишни или некое друго овошје по желба, се варат во 1/2 литар вода со 10 лажици шеќер. Само кратко да провријат, а потоа се вади овошјето и во истата вода се варат 2 пудинга од ванила.

Кога ќе се згусне пудингот се трга на страна и во него се враќа овошјето. Се прелива пандишпанот со пудингот со овошје и се остава да се олади и да се стврдне.

Откако ќе се олади, врз пудингот се мачкаат изматени 2 шлаг-пени.

После неколку часа може да се дегустира.