Леска или Нутела? Како Пеце од Струга триумфираше во татковината на Фереро

2.145

Ако знаете дека најпрепознатлив производ на провинцијата Пиемонт во која се наоѓа градот Торино и од која доаѓа семејството Фереро, е „Нутела“, тогаш, ќе признаете, вистинска храброст е токму тука да презентирате еден релативно нов производ во однос на овој светски познат и признат, кој патем, доаѓа од една толку мала држава како што е Македонија.

Во рамките на годинешното издание на Тера Мадре во Торино, Италија, како дел од Алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија и како струшки претставник во охридската екипа, нашиот стар познајник Пеце Клечкароски ги оправда своите титули и како готвач и како иноватор, креативен шеф кој подготвува домашни намази, путери и кремови од разни јатки и други локални состојки.

Сите пет дена, како дел од Алијансата на готвачи од Слоу Фуд Македонија, Пеце беше рамо до рамо покрај своите колеги Зоран Мајновски и Димитар Арнаудоски и иако знаевме дека порано работел како готвач во неколку ресторани, не го имавме запознаено во ова издание. Го знаевме само преку волшебните вкусови на неговата „Леска“, путери и крем намази базирани на јаткасти плодови и семки, но и преку неговото чоколадо кое го изработува од зрната какао кое до неговото родно место Дрслајца стасуваат директно од Гана, Африка и кое е првото македонско крафт чоколадо.

Она по што ќе го памтиме од овој негов ангажман на Тера Мадре е, меѓудругото и тоа што низ неговите раце поминаа околу 40 килограми брашно, а тој измеси на рака околу 800 лепчиња, но и по храбрата презентација на неговата „Леска“.

Имено, ако знаете дека најпрепознатлив производ на провинцијата Пиемонт во која се наоѓа градот Торино и од која доаѓа семејството Фереро, е токму нивната „Нутела“, производ со повеќедецениска традиција, тогаш, ќе признаете, вистинска храброст е токму тука, во ова опкружување, да презентирате еден релативно нов производ во однос на овој светски познат и признат, кој патем, доаѓа од една толку мала држава како што е Македонија.

А Пеце го направи токму тоа. Неговите вкусни намази со најразлични состојки и вкусови кои се далеку над Нутелата, особено со својот квалитет и со тоа што за разлика од Нутелата се сосема природни и без никакви конзерванси или други нездрави состојки, храбро ги презентираше во рамки на работилницата наречена „Алхемија на вкусовите”.

И не само тоа, туку волшебните смеси на овој мајстор на занаетот, беа „јаготка на шлагот“ на повеќето јадења кои ги подготвуваа нашите готвачи во Торино. 

Така, иако сите во некој период од животот можеби мислеле дека вкусот на Нутелата од Фереро е најдобриот вкус на сите времиња, откако ќе ги пробаат путерите од лешник, ореви, ф’стаци во различни нијанси и варијанти, не можат да не признаат дека се тие подобри од Нутела.

Пеце постојано ги усовршува своите намази, па иако секогаш ви се чини дека токму тој што го јадете во моментот е најдобрата можната варијанта, постојано прави нови неверојатни комбинации и вкусови кои ви ги галат непцата и ви предизвикуваат вистинска среќа!

Зарем постои нешто подобро од ова? Квалитет и здрави состојки и хедонизам со висока доза на серотонин.