Локални решенија за глобални проблеми: Тера Мадре 2022 и храната како мост до мирот

210

„Тера Мадре е оптимистичка заедница, која со дух на радост се соочува со големите предизвици на нашата планета. Овој оптимизам и верба во подобар свет е поважен од кога било, со оглед на кризите со кои се соочуваме. Потребно е посистемско преиспитување на нашиот свет – политичарите кои го признаваат ова се обвинети дека веруваат во утопии. Но, каква алтернатива постои“, запраша Паоло Џентилони, поранешен премиер на Италија и актуелен еврокомесар за економија во рамките на најголемиот меѓународен собир на Слоу фуд.

Terra Madre Salone del Gusto е најголемиот настан на Слоу Фуд, меѓународен собир што се случува на секои две години и е посветен на политиката за храна, одржливото земјоделство и животната средина. Оваа година се одржува во Парко Дора, Торино, од 22-ри до 26-ти септември, со над 600 изложувачи и серија работилници, конференции и дегустации кои покажуваат како можеме да ја обновиме нашата планета преку храна. Темата на ова издание е #Regeneraction.

Регенерирањето не значи обнова, туку оживување, од дрвјата од кои повторно растат исушените гранки до обновување на сиромашните почви и повторно раѓање на планинските заедници, обновувањето на екосистемите на свежа и солена вода и преиспитување на односот помеѓу градовите и селата.

Една од темите за кои се зборува на годинешното издание на Тера Мадре е и тоа дека пандемијата не го започна, туку само го забрза процесот на оттуѓување меѓу луѓето и заедниците, дека кризите со кои се соочивме пред ковид-19 се засилија, а нееднаквоста растеше паралелно со глобалните температури. Регенерацијата е покана до сите нас, по долгата пандемија, да погледнеме на светот со свежи очи и нов ентузијазам. Храната мора да биде во срцето на оваа регенерација и да делува како мост до мирот.

Во рамки на конференцијата и меѓу многуте говорници беше и Паоло Џентилони, поранешен премиер на Италија и актуелен еврокомесар за економија, кој донесе порака на надеж: „Тера Мадре е оптимистичка заедница, која со дух на радост се соочува со големите предизвици на нашата планета. Овој оптимизам и верба во подобар свет е поважен од кога било, со оглед на кризите со кои се соочуваме. Потребно е посистемско преиспитување на нашиот свет – политичарите кои го признаваат ова се обвинети дека веруваат во утопии. Но, каква алтернатива постои? Слоу Фуд отсекогаш бил пример за оваа можност за преиспитување, регенерирање, преобликување на светот на подобро“.

Ако сакаме да одгледуваме храна без да ги исцрпиме ресурсите на Земјата и да создадеме неприфатливо страдање, тогаш мораме да ги отповикаме разорните врски помеѓу монокултурите, експлоатацијата на почвата и интензивното земјоделство.

Слоу Фуд долго време работи на односот меѓу луѓето, животните и Земјата, па оттука и кампањата Slow Farming ги поддржува оние кои одгледуваат животни со почит, кои се грижат за почвата, биодиверзитетот на пасиштата и пејзажот: Почитувањето е клучната работа за сите нас, бидејќи мораме да ја вратиме вистинската вредност и вистинската цена на производите од животинско потекло, намалувајќи ја нашата потрошувачка и избегнувајќи го отпадот.


„Во име на хранење на светот, нашите полиња се претворија во бескрајни монокултури, додека животните се спакувани во лоши услови за производство на месо, а пловечките фабрики ги празнат нашите океани од риби. Во име на хранење на светот, ние ги исцрпуваме неговите ресурси со сè побрзо темпо. Време е да се грижиме за природата и да го вратиме она што сме го оштетиле. Време е за регенерација.Треба да ги препознаеме сите различни начини на кои ѝ штетиме на нашата планета и да разбереме како тие ветувања дека ќе го нахраниме светот се изградени врз политики кои ја ставаат во опасност прехранбената безбедност на милиони луѓе. Значи, кои се добрите практики што можеме да ги користиме за да управуваме со земјата, водата и да коегзистираме со сите други живи суштества на оваа планета?“, се некои од прашањата кои беа поставени првите два дена на Тера Мадре, а беа споделени и неколку конкретни примери со кои се покажа колку е витална регенерацијата за иднината на нашата храна.