Од ињера леб од Етиопија и сирова храна од Химaлаите, до балкански бурек и прилепски ширден

297

На Тера Мадре, најголемиот глобален самит за иднината на храната, кој се одржува од 22 до 26 септември во Торино, меѓу бројните од цел свет, ќе бидат презентирани и дегустирани и автентични македонски производи. Најпознатиот извозен бренд во Италија, овчеполското јагне, традиционални сирења, мед и пчелни производи, свадбарска валандовска погача и слатко од диви смокви, македонско вино, ама и македонска гостопримливост преку презентација на првиот водич „Слоу Фуд гостилници“.

Најголемиот и најважниот меѓународен настан посветен на политиката за храна, одржливото земјоделство и животната средина, организиран од Слоу Фуд, регионот Пиемонт и градот Торино, Тера Мадре 2022 ќе се одржи од 22 до 26 септември во Паркот Дора во Торино, Италија. Слоу Фуд Македонија како дел од глобалната мрежа Слоу Фуд Интернешенел и годинава ќе учествува на овој супер важен настан за иднината на храната во светот со повеќе од 50-члена делегација составена од  производители, едукатори, готвачи, активисти и членови на ова движење.

Тука, на овој глобален собир на производители на храна од целиот свет ќе се најдат многу производи, од ињера леб од Етиопија и сирова храна од Химaлаите, до балкански бурек, бугарски ферменти, валандовска свадбарска погача, прилепски ширден, сѐ што може да ја разбуди љубопитноста на посетителите кои ќе се сјатат деновиве во Торино!

Меѓу другите, ќе бидат презентирани и дегустирани автентични македонски производи на кои им се заканува опасност од исчезнување, како и дегустација и оценување на најпознатиот извозен бренд во Италија, овчеполското јагне, на традиционални сирења произведени од сурово млеко, а ќе бидат раскажани и македонски овчарски приказни за животот на високо, директно од хероите на млекото. Претставување на македонската медоносна пчела, дискусија за важноста и иднината на пчеларството и дегустација на мед и пчелни производи, претставување и дегустација на чурек, свадбарска валандовска погача и слатко од диви смокви, презентација на македонско вино, ама и на македонската гостопримливост преку презентација на првиот водич „Слоу Фуд гостилници“ и топло добредојде придружено со мал дел од понудата и мениата на гостилниците.

Ќе биде претставена и новата пивска сцена, младата генерација на пивари и дегустација на  занаетчиски произведени пива, дегустација на јадења карактеристични за македонската кујна и нови иновативни производи на млади производители.

Истовремено, заедно со претставници од мрежата на Слоу Фуд од повеќе земји на Балканот ќе се дебатира како да се валоризира наследството на храна и потенцијалот за развој на Балканот како заедничка туристичка понуда.

Накусо, гдинава, Слоу фуд Македонија ќе се претстави многу поорганизирано и со финансиска поддршка на  Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу фуд интернационал, како и со поддршка на  „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко Овчеполка“ и со логистичка поддршка од македонската заедница во регионот Пиемонт.

Сите презентации и дегустации на Слоу фуд Македонија ќе се одвиваат на простор од 100 метри квадратни со организирана кујна, сала за презентации и саемски изложбен простор и богата програма со активности, со цел да ја претстави во што подобро светло македонската кујна и храна, традиција и гостопримство, пред светот.

Инаку, оваа година, собирот во Торино ќе биде поставен на трите столба на модерните разбирања за храната: биодиверзитетот, едукацијата и активизмот, односно застапувањето на идејата за одржливото производство и користењето на храната во светот.

Биодиверзитетот, односно различностите во сфаќањата за храната го вклучуваат биолошкиот и културниот диверзитет во односот кон храната, како и традиционалниот однос во нашите општества. Токму големата распосланост на национални производи и сознанија и презентацијата на традиционалните сфаќања за храната ќе бидат највкусниот дел од оваа исклучителна можност за дознавање и учење за другите од страна на учесниците и посетителите.

Ќе бидат претставени и изложени најважните основни елементи на прехраната во светот, за кои во последно време се зборува со голем интерес, но и страв: житарките и брашната, мешунките и сушените овошја и јаткастите плодови.

Едукативните активности ќе бидат опфатени во контекст на градинарството, со цел да се поттикне поголема инспирација и интерес за одржливо производство на храна. Размената на искуства за храната и градинарството ќе бидат предизвик за многубројните делегати и посетители од целиот свет.

Многуте аспекти на храната ќе бидат претставени и преку активизмот и застапувањето на идејата за модерен пристап кон храната преку поставување и градење на подобри политики за подигнување на свеста и гласен повик кон луѓето низ светот да се обезбеди квалитетна, чиста и еднакво распоредена храна за сите.

Секако, во целата оваа приказна се важни и медиумите, па ние од Арт кујна со сигурност ќе бидеме на работилницата со Мајкл Мос: Медиумите се важни – Како да ја раскажете својата приказна?

Мајк Мос е еден од најголемите новинари, истражувачи и писатели за храна денес, добитник на Пулицерова награда.

Конечно, идејата на целиот овој настан е да се искористи енергијата и моќта на ова глобално движење со повторно обединување на производителите на храна  и активисти од целиот свет во Торино, да се воспостави поинаква иднина за храната, иднина која се обликува преку секојдневниот избор на поединци во колективните напори на заедниците и во политиките на јавните и приватните институции.