Мали зрна, голема филозофија

Фото: Unsplash
383

Како се готват интегрално жито, јачмен, хељда, просо, ориз, овес, ‘рж…
Дали со или без претходно потопување и стоење во вода. Што е важно при готвењето?

Житарки кои бараат претходно натопување се оние кои вклучуваат поголеми интегрални зрна: ориз, јачмен, овес, пченица, камут (древна египетска пченица). Овие житарки треба да се киснат најмалку 3-4 часа пред готвењето, а по можност 12 или повеќе часа. Натопувањето е важно не само затоа што таквите омекнати и набабрени зрна ќе се готват полесно и побрзо, односно ќе бидат посварливи и подобро искористени во процесот на варење, туку и затоа што со натопување на интегралните зрна започнува процесот на нивно „будење“ или ртење, со што се зголемува „ виталноста“ на храната. Ако е вистина дека сме тоа што го јадеме, сигурно е дека сакаме да бидеме како овие зрна, кои се будат, започнуваат нов живот и имаат креативна сила да прераснат во големи растенија!

Како се готват житарките и интегралните зрна зависи од тоа дали треба претходно да се потопуваат во вода или не.

Интегралните житарки во својата лушпа содржат фитинска киселина, која во дигестивниот тракт лесно се врзува за корисни состојки на храната како железо, калциум. или магнезиум.. Врзувањето за фитинска киселина произведува соединенија кои ги прават овие минерали практично неупотребливи. Еден дел од фитинската киселина веќе се намалува со готвењето, но за тој ефект да биде што подобар потребно е претходно да се натопат споменатите интегрални житарки.

Процесот на киснење изгледа вака: ставете 1 мерка житарки во поголем сад во кој ќе ја натопите. Исплакнете ги житарките 3-4 пати, користејќи вода од чешма, на следниов начин: наполнете вода до врвот на садот, измешајте ги зрната со рака и внимателно истурете ја водата. При истурањето на водата ќе забележите дека со неа излегуваат ситни нечистотии (земја, гранчиња, лушпи), како и оштетени „мртви“ зрна, кои и онака не ви се потребни. Кога ќе ја истурите последната вода, прелијте ги житарките со 2 пати повеќе вода, но овој пат користете изворска, флаширана вода или вода од специјални филтри за домаќинство. Нема смисла да се подготвува здрава храна во нездрава вода од чешма, полна со хлор и бигор. Натопувањето на житарките ќе биде поефикасно ако измешате лажичка сок од лимон или природен јаболков оцет во водата (ова им помага на бактериите и ензимите кои ја неутрализираат фитинската киселина да делуваат поефикасно).

Вака подготвената и натопена житарка покријте ја со чинија да не паѓа прашина, но да има воздух. Оставете ги житарките да киснат на собна температура неколку часа, по можност преку ноќ. Кога се храните здраво, нема да ви биде тешко да размислите дали утре ќе зготвите некои од овие житарки и ќе ги натопите навреме, т.е. пред спиење. Наутро, кога ќе станете, вашите житарки ќе се „разбудат“ како вас, подготвени за акција!



Процесот на готвење на житарките за кои е потребно претходно натопување изгледа вака: Најпрво не ја фрлајте водата од киснењето, туку ставете ја заедно со житарките во тенџерето во кое ќе готвите. Додадете прстофат сол на секоја чаша житарки. Оставете да зоврие, а потоа намалете ја температурата на готвење на најниска, така што водата ќе струи само благо, речиси незабележливо. Покријте, но не до крај, бидејќи житарките за време на готвењето се пенат, па пената може да претече. Покријте го тенџерето само кога водата ќе испари речиси целосно, што треба да биде после 30 минути.. Кога водата целосно ќе испари, исклучете ја ринглата и оставете ги житарките целосно покриени уште десетина минути, да ја впијат целата вода и да се доварат на пареа. Потоа растресете ги зрната, користејќи дрвена лажица и уживајте во оброкот. Може да прелиете многу малку соја сос врз житарките, а можете да додадете и сушено овошје, јачменов слад, банана, јаткасти плодови итн.

Готвење житарки кои не бараат натопување

Тие вклучуваат помали житарки како просо, хељда или киноа, кои не содржат фитинска киселина и полесно се варат. Овие житарки со ситно зрно ќе станат најдобри пријатели на секој зафатен човек кој сака да се храни здраво и брзо. Делумен исклучок е киноата, која сепак треба добро да се измие неколку пати со топла вода од чешмата, а потоа да се остави потопена околу 10 минути, по што водата од натопувањето мора да се истури. Тоа е затоа што киноата има горчливи сапонини на својата површина, супстанции кои на природен начин го штитат зрното од штетници, но за жал можат да предизвикаат и мали дигестивни проблеми, кои секако не ги сакаме.

Процесот на готвење житарки за кои не е потребно претходно натопување изгледа вака: измијте ги житарките во 3-4 води на начин што веќе е опишан погоре. Кога ќе ја истурите последната вода од плакнењето, ставете 2 пати повеќе вода од количината на житарки (на пример: 2 чаши вода на 1 шолја просо). Користете чиста флаширана или филтрирана вода. Додадете прстофат сол за шолја житарки и доведете ги до вриење. Кога ќе зовријат, намалете ја температурата на готвење на најниско и делумно поклопете. Гответе додека водата не испари речиси целосно (околу 10-15 минути), потоа целосно покријте и варете додека житарките целосно не ја впијат водата (уште 5-10 минути). Исклучете ја ринглата, а потоа сварената житарка оставете ја да отстои покриена околу 5 минути. Растресете ги зрната со дрвена лажица или со кинески стапчиња и вашиот здрав оброк е сварен, за само 20-25 минути!