Манастирски локум и византиско пеење: Кога ќе се најдете на слава со стари тафталиџани

1.444

Кога ќе се најдете на славска трпеза со отец Фотиј, игумен на Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Берово, но и со пејачот на „Мизар“, еден од ретките чувари на византиската традиција во црковното пеење, Зоки Тортевски, како и со членки на женскиот хор чиј учител по пеење е токму тој, не може а да не пробате манастирски локум со повеќе необични вкусови и да не слушнете барем малку византиско пеење.

Да се најдете на иста трпеза, на семејна слава, со отец Фотиј Беровски, игумен на Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Берово, но и со пејачот на „Мизар“, еден од ретките чувари на византиската традиција во црковното пеење, Зоран Тортевски, како и со членки на женскиот хор чиј учител по пеење е токму Зоки (домаќинката Ана и двете пријателки со исто име, Бубе и Бубе), а да не слушнете барем малку византиско пеење и да не пробате манастирски локум со најразлични необични вкусови, е речиси невозможно.

И се разбира, атмосферата не може да биде лоша кога сето тоа се случува во Тафталиџе, а домаќинот Стефан, отец Фотиј и Зоран Тортевски, се сите тафталиџански деца.

Од разни убави муабети и вкусна трпеза, до толку нови и интересни нешта, особено од онаа област која не интересира нас, од Арт кујна.

На пример, најава за уште еден интересен производ, покрај сите оние необични вкусови на локуми кои се изработуваат во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово, а тоа е ракијата од калинки.

Токму така, спокојно лупејќи калинки за сите околу трпезата, онака трпеливо, зрно по зрно, речиси како тоа што го држи во рацете да не е калинка, туку бројаница, Отец Фотиј ни прераскажа и дека нивните вредни раце во манастирот излупиле 1.100 килограми калинки од кои наскоро ќе се пече ракија.

Кој ќе ја проба, ќе прераскажува. Ние засега можеме да прераскажеме само за локумот кој го изработуваат монасите од овој беровски манастир, а чиј „мозок“ е токму Отец Фотиј.

За него велат дека направил револуционерен чекор во производството на локум, правејќи локум кој не е прелиен, туку е направен од чоколадо.

Ние имавме можност да пробаме локум од бело чоколадо и праски, но и локум од дуњи кој неодоливо потсетува на старото добро сирење од дуњи и беше нашиот фаворит.

Монасите го прават локумот веќе неколку години, а тоа си има и своја заднина. Имено, на Света Гора, секој посетител го послужуваат со локум и со една чашка ракија за да се окрепи, па веројатно оттаму и идејата на отец Фотиј.

Тие барале нешто што ќе биде автентично, а ќе има и некаков приход за манастирот, па така отец Фотиј почнал да се обидува да направи локум, па откако еднаш стасал до успешна формула, почнал да експериментира и со вкусовите и со аромите. На тој начин дошол до овој чоколаден локум за кој претходно со денови се обидувал да ја пронајде вистинската густина, но и до други интересни и необични вкусови, како што е локумот со зелен бибер и другите направени со сите видови овошје и јаткасти плодови што ги нуди Малешевијата.

Иако рецептот за локумот не е тајна, односно, се прави од шеќер, вода и од скроб, умешноста е всушност во дозирањето. А за да ја погодиш вистинската доза и времето потребно за да се свари локумот за да излезе каков што треба, сепак треба да си мајстор со искуство.

Овој манастирски локум, освен што се разликува по аромите и сите оние различни вкусови во зависност од состојките што ги додаваат, се разликува и по тоа што наместо во шеќер во прав, монасите го валкаат  во кокос.

Проверено, манастирскиот локум не се лепи за забите, а останува мек дури и кога е отстоен. Она што го прави поинаков и повкусен е и тоа што се прави рачно.

Монашкиот локум засега е привилегија за малкумина. Го нема по дуќаните, а можат да го купат само пријатели на монасите и пријатели на нивните пријатели и ете, имаат среќа да го пробаат и оние кои случајно ќе се најдат на истата трпеза.

И после сите вкусни приказни на отецот, како јаготка на шлагот беше и една интересна интимна приказна која ја сподели со нас Зоки, а беше поврзана со кратовските пишии. Секако, фокусот на оваа приказна не беа пишиите, туку нешто сосема друго, па сепак и таа одлично се надоврза на сите убави нешта од овој мал приватен собир.

На крајот, наеднаш, без да знаете кој, кога и зошто почнал, малиот византиски хор и запеа. Онака, ненадејно, на одење од слава, некаде околу полноќ.

Вистинско уживање, баш како локум, кафе и ракија!