Марко Прова: Ако нешто може да е добро во Италија, зошто да не може и во Македонија!

2.471

За македонскиот Италијанец кој се врати во татковината и отвори пицерии во Охрид и Струга и Македонија може да биде прекрасно место за живот и за бизнис. Неодамна ја направи и оригиналната македонска пица, а за да биде неговата среќна приказна целосна, заслужна е жената во која е вљубен. Пејачката Анита Мицова која ја овековечи нивната семејна идила во музички спот, сега е целосно ангажирана во семејниот бизнис.

Кој пробал, знае. Можеби оттаму и прекарот кој на македонскиот Италијанец Марко Трајкоски му го дал неговиот близок другар во Италија – Прова или во оригинал – Prova, што на италијански значи „пробај“, а на англиски пак ова значење го има зборот Тray, што пак е прв дел од неговото презиме (Трајкоски). Е сега, дали прекарот на почеток бил само семантички, а подоцна се покажал и како добар опис на неговиот карактер, не знаеме, ама ете, нашиот соговорник Марко покажа дека не се плаши да пробува. Пробува и обично не греши.

Со неговата сопруга, нашата поп-пејачка Анита Мицова, се запознале на Фејсбук. Многу брзо, поточно, за околу една недела пробале да формираат семејство, па после успешната проба и после 7-8 години заеднички живот во Италија, пробале да се вратат во Македонија. Откако се вратиле, пробале да отворат пицерија, па отвориле две. Сега имаат две деца и две пицерии во кои шефува Марко, додека пак Анета која се повлекла од издавање на авторска музика, е целосно посветена и ангажирана со останатите обврски во пицериите, иако одвреме навреме и доколку има време, знае да закаже и некој музички настап.

А дека нивната прва „проба“ е сега вистинска семејна идила е овековечено и во музичкиот спот за песната на Анита, наречена соодветно на она што тие заедно го живеат, а тоа е едноставно – „Рај“.

Анита раскажува дека првпат се виделе во живо во јануари 2011.година кога Марко дошол во Скопје, каде што во тој период живеела Анита и за една недела одлучиле да формираат семејство. Заминале во Италија и живееле таму 7-8 години, а потоа решиле да се вратат во Македонија, иако Марко всушност пораснал во Италија каде што неговиот татко заминал уште во времето на поранешната држава-СФРЈ.

Гратчето во кое живееле, Сан Поло ди Пиаве, имало само 5.500 жители, а од нив, четворица Македонци: Марко, неговите родители и неговата сестра. Затоа и неговите најдобри другари се Италијанци кои од секогаш го прифаќале како еден од нив, па и својот прекар Прова го добил од неговиот другар Масимилиано Пиаи, а од тие причини и јазикот на кој вели дека најдобро се изразува е италијанскиот.

Инаку, во неговото семејство никој не работел професионално со оваа, како што ја нарекуваат Италијаните, бела уметност (l’arte bianca), односно, уметност од брашно.

Марко од секогаш имал љубов кон храната и како мал најмногу си играл со тави и со ножеви. Си приготвувал сендвичи и пасти, а Италија како земја на многу вкусови му овозможила да ги испроба сите најдобри вкусови, од зреени пршути до квалитетни кашкавали, како Грана Падано и Пармиџано.

Пицата му била прва љубов уште откако ја видел на телевизија и ја терал мајка му да му прави, но вели, никогаш не било тоа – ТОА.

„Никогаш нема да ја заборавам пицата од Морено Ортолан, комшија кој држеше пицерија под нашиот стан во Сан Поло, максимално традиционална! Вистински уметник! Можеби токму тој вкус беше причина да се пријавам на огласот во локалната пицерија каде што бараа помошник пица мајстор на само 15 години. Се пријавив во Bottega della pizza, инаку, познат синџир на пицерии во северниот крај на Италија и имав можност да го спремам тоа што најмногу го љубам и до денес. Но не беше лесно на почетокот бидејќи работодавецот, Гвидо Гобо, беше многу строг со нас, помладите. Таму научив што е ред и дисциплина во кујната“, се потсетува Марко.

Тогаш сѐ уште не знаел дека тоа што почнало како привремена работа ќе му стане професија и дека големата љубов кон пицата и италијанската кујна, ќе му го определат животниот пат. На 20 години ја имал среќата да ги запознае Џенаро и Франко познати угостители од Венеција и околината, кои ќе му станат ментори. Потоа е време за градот симбол на Италија, Милано.

Понудата доаѓа од Farinella, познат синџир на традиционални италијански ресторани и пицерии што го има секаде низ светот, вклучувајќи ги Америка и Европа. Потоа се враќа во Конељано, Тревизо во познатиот ресторан Eat’s во центарот на градот. Следува Одерцо и врвниот ресторан Al Gambero d’oro, а на крај живее и работи на познатиот венецијански остров Бибионе во пицеријата Parise каде што е пица шеф во следните 5 години.

Анита во тој период настапувала, пеела и свирела во ресторани, најчесто во Венеција и во Бибионе.

Во есента 2018.година решиле да им се вратат на корените, па сега Охрид и Струга се побогати со двете места кои нудат автентичен производ, спремен од експертските и искусни раце на маестро Марко – пицериите PROVA.

„Идејата беше да го работам тоа што најдобро го знам и така во зимата 2018., во центарот на Охрид ја отворивме Prova l’arte della pizza која го носи италијанскиот начин на готвење. Мисијата на Prova l’arte della pizza е да нуди автентичен производ со врвни материјали, да се запази традицијата, но и да се внесува иновативност“, вели Марко.

Кога ќе го прашаат дали рецептот за некоја пица му е традиционален, италијански, се смее и објаснува дека во Италија  бидејќи всушност не постои рецепт за само една традиционална пица, туку има повеќе регионали варијанти.

„Иако се зборува за наполитанската пица како прва, реалноста е дека насекаде се консумирала на сличен, но сепак различен начин. Не дечки, нема еден единствен рецепт, туку има бескрајно многу варијанти на тесто и брашно и експерименти кои успеале, а уште почесто и не успеале! Така што, мора да се истражува, да се пробува, па и да се греши“, се смее Марко.

Ако го прашате како и зошто одлучил да дојде во Македонија, вели:

„Решив да дојдам тука каде што ми е потеклото бидејќи верувам дека Македонија може да биде прекрасно место за живот и за мал бизнис. И на крајот на краиштата, ми беше предизвик. Ако нешто може да е добро во Италија, зошто не би било добро и во Македонија. Да, има многу работи кои ме чудат, но сепак ми е супер.

И морам да признаам дека во овие 4 години постоење на Прова, од Охрид и од охриѓани добив поддршка и љубов. Лани се проширивме и во Струга, ама со концепт на ресторан-пицерија и се надеваме на квалитетна македонска франшиза со италијански шмек“, вели Марко и додава дека неговата сопруга Анита е буквално 50 % од приказната!

„Без нас двајца Прова не би постоела. Таа е мојата најголема поддршка и најголемата кочница за некои мои луди идеи околу кулинарството“, се смее тој.

А Анита се вложува максимално и, како што вели Марко, на неа е буквално сѐ, од маркетинг до папирологија.

Шеф Марко посакува нивните две деца, Деа (10 години) и Јан (3 години) да ја продолжат традицијата, но времето ќе покаже дали тоа ќе биде и навистина така.

„Знам само дека Деа често помага во работата во „Прова“ во Струга и го прави тоа самоволно… Значи, има надеж“, признава нашиот соговорник.

Тој пак, никогаш не се откажува од својата голема љубов од детството и јаде пица секојдневно, ако не повеќе, бареш по едно парче на ден.

Она со што најмногу го привлече нашето внимание е и неговата македонска пица направена со 100 отсто македонски состојки која беше дел од неодамнешниот пазар на Слоу фуд во Охрид, движењето кое нему му било познато уште од неговите почетоци во Италија.  

„Што е до мене, јас би сакал екогаш да подготвувам храна со локални производи, па логично ми се наметна идејата за пицата – Македонка во која има: сос со павлака и копар, прова моцарела, домашен ајвар, овчо тврдо македонско сирење, гевгелиска маслинка. Целта сѐ повеќе да се користат локални и сезонски намирници, што е дел од добро развиено општество“.

Според Марко, има многу начини и методи за да се добие совршено тесто и за тоа не е неопходно и најдобро брашното тип 00, туку постојат разни методи за развивање на добра глутенска структура.

Наместо препорака за најдобар рецепт, шеф Марко порачува: „Почнете со вода, квалитетно брашно, квасец и сол и експериментирајте“.