Мир, љубов и гранола: Нераскажаната приказна за недостатокот од храна на Вудсток

Фото: Pixabay
42

На Вудсток нe се вртело крукче само со џоинт, туку и со порција гранола. Ако не сте знаеле, тоа е онаа мешавина од житарки, семиња и јаткасти плодови спакувана во крцкави мусли која поради недостаток на храна на најпознатиот музички фестивал на светот, била омилена храна

Насекаде околу вас, огромна толпа чиј број не можете ни да го замислите, пее, игра и шлапка во калта на околу 600 акри земјоделско земјиште. Луѓето танцуваат, повеќето од нив се и на ЛСД и не јаделе ништо повеќе од 24 часа. не сакате некој да ви го фати вашето место близу бината. Во магла се вртите во надеж дека некој ќе ви подаде – не, не џоинт – голема шолја полна со гранола. Годината е 1969., а каде на друго место, освен во Вудсток.

Знаејќи за поврзаноста помеѓу хипиците и гранолата, оваа сцена може да звучи како измислена приказна направена за да одговара на стереотипот – за да се ‘нахрани’ вкоренетата митска врска во романтичната визија за една ера. Меѓутоа, врската помеѓу хипиците и гранолата е повеќе од тоа. Она што навистина се случувало е недостигот на храна за време на најголемиот музички настан од 60-тите години, а една од намирниците што ја задоволувале гладта на присутните била токму гранолата. Да, хипиците на Вудсток јаделе гранола.

Во август 1969 година, повеќе од 400.000 луѓе присуствувале на тридневниот фестивал. Надминувајќи ги очекувањата на сите, толпата што се соединила на земјата на фармерот Макс Јасгур била толку масовна што тој викенд ова место станало трет по големина град во државата Њујорк. Учесничката на овој концерт Ди Луис од Бруклин раскажува дека дури и не можела да слушне многу од музиката затоа што морала да кампува далеку од сцената. Таа можела да ја слушне музиката кога ги користела мобилните тоалети.

Очигледно било дека организаторите на концертот биле лошо подготвени, со оглед на тоа што се појавиле повеќе од двојно од очекуваниот број на луѓе. Многу луѓе биле принудени да пешачат со километри за да стасаат до влезот.

Имало огромни количини на недозволени супстанции за консумирање во Вудсток, но храна било тешко да се најде. Списанието „Smithsonian“ го опишало недостатокот на храна на фестивалот во една статија објавена во 2009. година со наслов „Вудсток – Како да се нахранат 400.000 гладни хипици“. Организаторите на фестивалот брзо научиле дека набавката на доволно храна е потешко отколку што очекувале.

Во својата книга „Патот до Вудсток“, организаторот на фестивалот Мајкл Ланг не потсетува дека никој од најголемите снабдувачи на храна за големи настани во паркови и арени не сакал да работи со Вудсток. „Никој дотогаш не работел со снабдување на храна за настан со ваква големина“, напиша Ланг. Малкумина знаеја колку голем ќе стане овој настан.

Две недели пред денот на отворањето на Вудсток, Ланг ангажирал група наречена Food for love (Храна за љубов) да служи храна на штандовите. Се разбира, Food for love не биле подготвени. Редовите пред штандовите растеле, а цените драстично се зголемиле. Тие наплаќале „1 долар за хот-дог кога цената на чинење била четврт долар“, пишува во книгата на Ланг.

Хот-договите не биле единствената работа со доплата. Ричард ДеЛиси од Њу Џерси се сеќава дека на патот за време на фестивалот, ги видел „мештаните како доаѓаат до автомобилите со чаши полни со вода што ја добиле од градинарските куќи и ги продавале за срамна цена од 50 центи до 1 долар за чаша“. Мери Акерсон од Кембриџ, Масачусетс, вели: „Се сеќавам на некои празни маси каде луѓето продаваа или делеа барови од гранола и малку сода и вода, но тие беа брзо потрошени и не се сеќавам дека подоцна имаше нешто да се купи. Моравме да се потпреме на љубезноста на странците “.

Камиони за храна се собраа на врвот на природниот амфитеатар на теренот, но и тие брзо останаа без резерви. Џеф Блумберг од Бостон потсетува дека ако го оставевте ќебето или шаторот за да се снабдите со нешто без никакви ознаки и патокази било речиси невозможно да го најдете патот назад до вашето ќебе.

Џим Шели, волонтер и службеник во Museum at Bethel Woods, кој ги чува спомените од Вудсток и е домаќин на изложби за фестивалот, рекол дека неговата ‘приказна е гладна’. Тој планирал да купи храна откако ќе пристигне, но открил дека сè е распродадено кога отишол да побара нешто во саботата навечер. На патот кон своето ќебе, некој споделил неколку портокали со Шели и неговиот пријател, и тоа е сè што јаделе целиот викенд. Тој се сеќава на цената од 1 долар за хот-дог.

Појадок во кревет

Организаторите на фестивалот го ангажирале како обезбедување Хју Ромни, оснивач на групата позната како Hog Farm. Попознат како Вејви Грејви, Ромни се покажал многу покорисен за избегнувањето на гладот ​​отколку како заштита од насилство.

Имено, Вудсток е познат по изненадувачки недостаток на насилство во услови на огромен број на млади луѓе. Сепак, се случил еден пример на насилство. Тој бил поврзан со недостигот на храна и зголемувањето на цените.

Кога Food for love останале без храна, а заглавениот сообраќај спречил нови испораки, стапил на сцена тимот за обезбедување.

„Приказните за бесплатната кујна на Хог Фарм се легендарни“, раскажуваат. Лиза Лоу, позната фотографка во тоа време и член на Хог Фарм, заедно со другите членови на комуната, отишле во Њујорк за да купат кујнска опрема, хартиени чинии и чаши. Групата собрала свежи производи од локалните фарми и им послужувала вегетаријанска храна со кафеав ориз на посетителите на концертот. Розмари Форест рекла дека донела со себе само „конзерва сирење во спреј (тогаш ова било многу ново), кутија крекери и лименка пилешко“, очекувајќи, како и другите, дека ќе може да си купи храна. „За среќа, група на макробиотски хипици подготвуваа кафеав ориз и зеленчук и ги споделуваа со сите. Беше лудо, без сомнение, но сепак убаво сеќавање“. Членовите на Хог Фарм, исто така, „запознаа многу приградски деца со гранолата“.

Во неделата наутро, Вејви Грејви застанал на сцената и го најавил славниот „појадок во кревет за 400 000 лица“. Во книгата, овој момент е забележан како запознавање на хипиците со гранолата. „Никогаш порано не виделе гранола, а ние им ја донесовме додека беа во вреќи за спиење во ‘Дикси’ чаши. Се разбира, гранолата не беше нова за сите во Вудсток, но ќе биде тешко да се најде подобар агент за рекламирање во тоа време од Вудсток.

Помошта со храна не дошла само од внатре во фестивалот. Локалната заедница слушнала за недостигот на храна, и била организирана достава со помош на армиски хеликоптер со храна, ќебиња и медицински материјали. Според списанието Смитсониан, овој пакет од воздухот вклучува и околу 10,000 сендвичи, покрај вода, конзервирана храна и овошје.

Различни времиња

Тешко е да се замисли денеска музички фестивал кадешто храната не е белег. На најпознатите светски фестивали денес менијата содржат најразлични деликатеси, пршути, чадени сендвичи со моцарела, помфрит со бели тартуфи, пармезан и ленти од сланина со сол и карамел. Сето тоа покажува колку длабоко храната е навлезена денес во општеството.

Слушајќи ги луѓето што ги раскажуваат своите искуства од Вудсток, една заедничка нишка е дека сите многу малку се сеќаваат на храната освен на две работи: Храната брзо ја снемуваше и сите го делеа тоа што го имаа. „Имаше менталитет на споделување и луѓето што беа подготвени, беа дарежливи со она што го имаа“, велат тие.

„Помеѓу големата толпа луѓе на обработливото земјиште, дождот, калта, дрогата и секако, музиката, храната беше последна. Музиката никогаш не запре“.

Домашна гранола

За оние кои не знаат, тоа е крцкаво мусли кое го наоѓаме претежно во готова амбалажа, полна со додаден шеќер. Малку е познато дека домашната варијанта е едно од најздравите и неверојатно вкусните јадења, и дека е направено во американските кујни пред многу векови. Мешавината од житарки, семиња и јаткасти плодови за прв пат се појавила на пазарот во Соединетите Држави во 1863 година, но станала популарна во шеесеттите години, со ширењето на хипи-движењето, што промовираше живеење во хармонија со природата, а најдобрата промоција ја има токму на Вудсток.

Поради својата енергетска вредност и едноставната подготовка, гранолата, била омилена храна на учесниците на Музичкиот фестивал Вудсток во 1969 година.

За вистинска гранола, треба да измешате состојки од четири групи на храна: житарки, ореви, сушено овошје и семе, како и мед.

Состојки (за 5 чаши):

300 г овес во зрна

80 г сирови бадеми

30 г сув кокос

50 г семки од тиква и сончоглед

50 г суво грозје

50 г сечкани урми

30 г семе од лен

1,5 лажичка цимет

2 лажици рендана кора од портокал

3 лажици маслиново масло

80 г мед

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 160 ºC. Во широк сад измешајте ги овесот, бадемите, кокосот, семето, циметот, кора од портокал и маслото и измешајте додека не добиете компактна маса. Ставете ја оваа смеса на плехот за печење на кој претходно сте ставиле хартија за печење и раширете ја по целата површина. Истурете мед над смесата и промешајте. Печете 25 минути. За да ја направите гранолата крцкава, мешајте ја на пет минути. Десет минути пред крајот, додадете суво грозје и урми. Тие се полни со шеќер, такашто можат да изгорат при подолго печење. Оставете ја гранолата да се излади и спакувајте ја во затворени садови. Може да се јаде со млеко, јогурт или кефир. Ако ја јадете како закуска, додадете сезонско овошје. Вкусот ќе биде незаборавен!

Гранолата, односно оние крцкави мусли кое сите ги сакаме, и ги наоѓаме претежно во готова амбалажа, полна со додаден шеќер, можеме да ја направиме и самите дома. Домашната гранола е еден од најздравите и неверојатно вкусен појадок, а во американските домаќинства се правела уште пред многу години.

Фото: Pixabey