Нанижан тутун, суви пиперки, леб и буковец, макало со лук, печено јагне…

1.786

На штандот на Слоу фуд Македонија на Тера Мадре се служи највкусната храна, од леб и буковец измешан со нане, макало со лук и ореви, ајвар и лепче, слатко од зелени смокви, гравче, до печено јагне.

За разлика од последното издание на Тера Мадре, пред почетокот на пандемијата, кога на штандовите со храна локалните производители на Слоу фуд од многу земји ширум светот великодушно ги делеа своите производи, годинава кризата се чувствува и тука, на најголемиот собир на Слоу фуд во Торино, Италија. По едно лешниче, едно зрно чоколадо, трошка пармезан и капка вино, дегустациите се скромни и минимални, а како по обичај, оние најсиромашните се и највеликодушни. Па така, на штандот на Слоу фуд Македонија се служи највкусната храна, од леб и буковец измешан со нане, макало со лук и ореви, ајвар и лепче, слатко од зелени смокви, гравче, до печено јагне.

На 22.09 (четврток) павилјонот на Македонија беше отворен во присуство на Весел Мемеди – македонскиот амбасадор во Рим, Лидија Попандонова – претставничката на Македонија во Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО, воедно и заменик претседавач со Европската комисија за земјоделство на оваа организација и други членови на делегацијата.

Оттука почна и патот на македонската арка со презентација и дегустација на автентични македонски производи, дегустација и оценување на овчеполското јагне, најпознат извозен бренд во Италија, во организација на земјоделската задруга „Еко Овчеполка“, презентација на македонското сточарство и млекарство, кампањата „Млеко“ и дегустација на традиционални сирења произведени од сирово млеко. Се разбира за готвењето се задолжени готвачите на Слоу фуд, Зоки, Димитар и Пеце кои неуморно ја подготвуваат сета храна.

Вториот ден, пак, помина во знакот на македонската медоносна пчела Apis mellifera macedonica како симбол за зачувување на генетските ресурси и основна цел на
здружението Макби, кое е президиум на Слоу Фуд Македонија, како и дискусија за важноста и иднината на пчеларството и дегустација на мед и пчелни производи заедно со производителот Дичо Димкоски. Беше претставена и валандовската свадбена погача Чурек, која ја изработи вредната Македонка Узунова од Слоу Фуд Валандово, пекарка и производителка на слатко од диви смокви која не воведе во ритуалот на подготовка на оваа свадбарска погача.

Слободан Чокревски ги презентираше македонските вина, како и првото издание на водичот Slow Wine и секако, се дегустираа одбрани вина, препорачани
во водичот.

Следуваат уште интересни настани на нашиот штанд и генерално, во рамките на целиот настан за кои ќе следуваат уште многу интересни приказни.