На македонскиот штанд на Тера Мадре се чекаше ред за специјалитетите на тројцата виртуози

3.589

За пет дена на саемот за храна во Торино, македонските готвачи Зоран Мајновски, Димитар Арнаудоски и Пеце Клечкароски зготвија околу 4 тони храна, вклучувајќи и 800 рачно месени лепчиња и ги збудалеа посетителите со своите специјалитети кои се јадеа и со очи и со уста

Годинава, на саемот за храна „Тера Мадре“ во Торино, македонскиот штанд беше сврталиште на многумина кои се враќаа дури и по неколку пати водени од своите сетила за мирис. Не беше лесно да се одолее на мирисот на потпечените суви пиперки кој како што се ширеше низ просторот, така ги привлекуваше и минувачите.

А да беше само тоа… Мирис на топла јагнешка чорба и на печено јагнешко месо спакувано во сендвичи заедно со крцкав чипс од суви пиперки, гравче со еден куп потпечени суви пиперки, ширден, пржени јагнешки џигери со праз, тарана со афион и овчеполско сирење, јајчаник со јуфки, тарана и свинска маст, ама и јаболки полнети со кадаиф и крем од ореви и слатко од смокви, пелте со шира и нишесте, јаболка, суво грозје и едно чудо сечкани оревчиња и уште многу, многу други вкусни нешта.

На македонскиот штанд, постојано се редеа само нови и нови специјалитети подготвени од нашите тројца мускетари, Зоран Мајновски, Димитар Арнаудоски и Пеце Клечкароски, кои неуморно изнесуваа нови и нови деликатеси. Кој од кој поубав за очите и повкусен за непцето.

Тројцата шефови за овие пет дена потрошија околу 40 килограми брашно и направија околу 800 лепчиња кои, со оглед на тоа што немаа на располагање машина за месење тесто, ги месеше на раце најмладиот од шефовите, нашиот стружанец Пеце. Да, да, оној истиот што стои зад веќе познатиот бренд на најразлични намази од јаткасто овошје, „Леска“ и крафт чоколади изработени од зрната какао кои Пеце ги набавува од Гана.

Секој од нив одличен во она што го прави, додаваше финален тач на сите овие вкусни деликатеси кои исчезнуваа пред нашите очи додека да трепнеме. Како цело Торино само да чекало можност да ги испроба најдобрите македонски специјалитети на штандот на Слоу фуд Македонија.

На претпоследниот ден од саемот во Торино (25.септември), на најпосетениот штанд, македонскиот, освен што се служеше најубава и највкусна храна, имаше и македонска музика и убава забава, а се случија и уште две промоции. Онаа на водичот на Слоу фуд гостилници, на новинарката Вања Тодоровска, каде што присутните беа пречекани во духот на македонската традиција, со слатко и чаша вода, послужени со вевчански луканци од Пансион Кутмичевица (која е дел од Слоу фуд гостилници) и испратени со прегратката на авторката, а потоа и онаа на нашиот експерт за пива, Марјан Костадиновски, кој ги промовираше најдобрите македонски крафт пива.

Можеби да можеше да потрае, немаше никој да си оди дома, а за таа атмосфера да ги привлече и да ги задржи луѓето токму на македонскиот штанд, освен шефовите, беа заслужни и производителите на сите тие македонски намирници кои си ги донесовме со нас во Торино, но и домаќините од Слоу фуд, Николче, двете Елени, Македонка и Јасна, Наташа која ги учеше Италијаните да сучат комат, Димитар, Иво, Здравко, Анита, Тодорка и сите други вредни и убави слоуфудаши.

Настанот се реализира и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу Фуд Интернационал, „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко Овчеполка“.