Највкусното лепче со повеќе видови брашно и семки

323

Кога ќе ви се погоди лепчето кое сте го направиле играјќи си со различни видови брашно и семчиња, со грамажа од око, без никаков рецепт, можете да го јадете со што било, па дури и без ништо и да уживате во вкусот. Ама штета ако не знаете да го повторите

Порано, кога ќе се заинтересирав за готвење и ќе посакав да научам нешто да правам, најмногу се нервирав и се обесхрабрував кога мајка ми не знаеше да ми каже што ставила точно во рецептот, а и кога ќе знаеше што ставила, не знаеше баш точно колку ставила. Ќе кажеше, ќе видиш, кога тестото ќе биде таман, ниту да се лепи, ниту да е тврдо. Тоа за некој што нема поим од готвење и месење, баш и не е некоја инструкција. И така брзо се откажував.

Или пак кога ќе ми се допаднеше некој рецепт, па следниот пат ќе сфатев дека не е баш ист како првиот пат, секогаш имаше некое објаснување: немав млеко, ставив јогурт, немав суви сливи, ставив суви смокви, намалив од шеќерот, ставив мед или немав ореви, немав чоколадо, ставив какао… Не беше дека не е вкусно, ама не беше истото што толку многу ми се допаднало. Ама мајка ми беше таква, и кога ќе запишеше некој рецепт, потоа го менуваше или пишуваше: шеќер по вкус, брашно по потреба, …

И сега кога ја разгледувам нејзината стара тетратка со рецепти, ќе ми светнат очите кога ќе наидам некој рецепт за колачи кои порано многу сум ги сакала, а потоа ќе видам дека во него баш и нема прецизни мерки. Ама сега веќе не ми е проблем. Сега ја разбирам. Како и за сите други работи кои порано ме нервираа, така и за оваа, за готвењето, станав иста мајка ми.

Дури понекогаш си звучам сама на себе како да не сакам да го откријам рецептот за нешто што им се допаднало на луѓето, бидејќи зборувајќи за него, се колебам околу состојките и грамажата, ама тоа е затоа што речиси се што правам, правам онака, стихијно, како ќе ми дојде во моментот. Им се воодушевувам на домаќинките кои си ги подготвуваат однапред состојките во посебни садови па кога ќе се фатат за миксерот само си истураат една по една, мешаат и печат. Признавам, тоа е најдобриот начин, ама кога би имало кој да ми ги подготви така.

Вака, почнувам со некој рецепт, а потоа наеднаш, наместо да го следам, добивам идеја некоја состојка да заменам со друга, да пробам со поинаква и тоа е тоа. Понекогаш излегува слично, понекогаш и подобро, но знае да биде и полошо.

Е овој леб излезе совршен.

Има вкус кој дозволува да се јаде и онака, без ништо друго, а фантастичен е во комбинација со мед и со таан.

Што има во него, можам да набројам, но за грамажите, не гарантирам.

Сепак, сите рецепти некој ги направил за првпат, не се Светото Писмо, нели?

Лепчето почнав да го правам со 100 грама мелено ленено семе. Додадов грахам брашно (околу 2 шолји), една шолја бело брашно, малку хељдино брашно, семе од сончоглед, сол, шеќер, сув квасец, ладно седено сончогледово масло и млака вода….по потреба, за да се добие тесто кое нема да се лепи многу, но треба да се лепи малку затоа што водата подоцна се апсорбира па може да ви стане премногу тврдо. Оставете го покриено да отстои барем 1 час, а потоа обликувајте го во векни, засечете ги по површината, премачкајте ги со малку масло и поросете со семки по ваш избор.

Нека отстојат уште 40 минути, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути.

Кога ќе се испече, покријте го со крпа и почекајте да се излади.