Нешто како чизкејк, ама со урда

392

Не мора да купувате крем сирење или слатка павлака бидејќи вкусот е подеднакво добар и со урда и кисела павлака.

Чизкејк е можеби најпопуларниот колач кој се прави во билион варијанти и за љубителите на лесни и освежителни колачи, сите се прифатливи. Некои го прават и во чоколадни верзии, некои онака, како традиционалните германски колач со сирење, без ништо одозгора, а најчесто се прави со шумско овошје кое се прелива со желатин.

Овојпат ние го направивме со тоа што имавме во фрижидерот, без крем-сирење, маскарпоне или слатка павлака – само урда и обична кисела павлака.

Состојки:

За кората:

300 г брашно
200 г путер
100 г шеќер
1 јајце
1 ванилин шеќер

За кремот:

500 г урда
100 г шеќер
2 ванилин шеќер
50 г пудинг од ванила
3 јајца
200 мл кисела павлака

Приготвување:

Сите состојки за кората добро измешајте ги и направете тесто кое ќе го растегнете во калапот претходно намачкан со малку путер и поросен со брашно.
Загрејте ја рерната на 180°C и ставете го тестото да се пече.
Се пече во рерна на 180°C околу 10 минути
Во меѓувреме направете го кремот.

Во еден сад постепено додавајте ги состојките за кремот и соединете ги убаво за да нема грутчиња. Извадете го тестото и прелијте го со кремот, па вратете го во рерна и печете уште 50-60 минути на 150°C.
Кога колачот е готов, треба добро да се излади.

По желба наредете некое овошје.