Не апсорбира нитрати, пестициди и други хемикалии! Можете да го јадете безбедно!

Фото: Freepik
244

Најдобрата особина на дајконот е тоа што не апсорбира нитрати, пестициди и други хемикалии, па е безбеден за јадење. Исто така е и нискокалоричен, а содржи и супстанции кои имаат антибактериско дејство. Богат е со витамин Ц, а исто така е добар извор на калиум, калциум и железо.

Дајконот кој е познат како јапонска ротквица и чии попознати блиски роднини кај нас се црната и белата тркалезна ротква, содржи многу различни витамини, минерали, ензими и други корисни нутритиенти. Освен коренот, се користат и младите листови на дајконот, кои се богати со витамин Ц, бета-каротин, калциум, калиум, железо. Дајконот содржи многу фруктоза, скробни состојки, пектин и целулоза, кои го потпомагаат варењето на храната, па затоа често им се препорачува на лицата кои имаат проблеми со варењето. Од минерали содржи калиум и калциум, а е богат извор и на витамин Ц (обезбедува 34% од дневната препорачана доза на овој витамин). Богат е со гликозиди и специфични материи со бактерицидно дејство.

Лековито дејство

Дајконот е природно помагало против вишок килограми и целулит, добар е за стимулирање на работата на бубрезите и на жолчката и за балансирање на шеќерот во крвта. Исто така, може да раствори и одредени врсти на камчиња во жолчната кеса, како и ротквицата и ренот. Бидејќи не ги апсорбира тешките метали, пестицидите и други хемикалии, дајконот може да се одгледува и на загадено земјиште, а сепак да е безбеден за јадење. Дајконот помага при варењето на храната, ги отстранува масните наслаги и слузта акумулирани во организмот.

Свежиот изрендан дајкон помага при варењето на мрсната храна, ги прочистува крвните садови, го намалува ризикот од атеросклероза, срцев и мозочен удар. Поради присуството на железо и витамин Ц, дајконот е многу корисен и во лекувањето на анемијата. Поради богатството на витамини, минерали, ензими и други антиоксиданти, дајконот има и антиканцерогено дејство и е одличен за исфрлање на токсините од организмот т.е. за детоксикација на организмот.

Како се користи во кујната

„Дајкон“ на јапонски значи „голем корен“. И навистина е голем, па неговата тежина понекогаш достигнува и неколку килограми!

За разлика од нашите црни и бели тркалезни роткви, има поблаг вкус, без горчина. Дајконот се користи многу во кујните на Кина, Кореја, Виетнам и Тибет, а Јапонците го додаваат во секојдневната исхрана: во мисо супа, морска храна и во суши.

Коренот се јаде сиров, во вид на салата или прилог на јадењето или термички обработен на разни начини, најчесто кратко пржење со малку масло. Може да се пече и на скара, во рерна, да се вари и да се додава во разни супи и чорби од зеленчук. Сепак, најдобро е да се јаде свеж и зачинет со лимон и ладно цедено масло по ваш избор.

Коренот дајкон се користи и сушен во приготвување јадења, а може и да се кисели како цвекло и да се готви со грав.
Листовите кои најчесто се користат за лековити препарати, може да се додадат во јадења, особено во салати. Сувите листови на дајконот пак, се користат за подготовка на бањи кои помагаат при болна менструација, воспаление на мочниот меур, болести на јајниците и на матката.