Ова кремасто смути од три состојки ќе го зајакне вашиот цревен микробиом и ќе се бори против воспаленијата

Фото: Pexels
465

Најдовме совршено едноставен рецепт кој ќе ги надополни вашите електролити, ќе го подобри здравјето на цревата и ќе ја задоволи вашата желба за слатко. Содржи само три состојки: замрзнати банани, урми и вашето омилено млеко.

Саманта Касети, диететичарка и експертка за исхрана и здравје, вели дека ова смути не само што е одличен десерт, туку може да ни помогне да ја достигнеме дневната препорака за внесување овошје. Има и импресивни седум грама влакна. Но, тоа не е сѐ.

Урмите се одличен извор на полифенолни антиоксиданти. Овие антиоксиданти делуваат како пребиотици, па се разградуваат во храна за корисните бактерии во цревата, а здравите црева се патот до здравјето. Вашите црева ги регулираат воспаленијата, имунитетот, нивото на шеќер и холестерол во крвта, коскената маса и расположението, па ако тие страдаат, големи се шансите вашето тело да не е во најдобра форма, објаснила Касети за Well+Good.

Исто така, таа нагласува дека не треба да се плашиме од шеќерот од урмите и бананите.

Природните шеќери во овошјето доаѓаат со корисни хранливи материи, како што се витамини, минерали, влакна и антиоксиданти, така што природниот шеќер е во сосема поинаков табор од додадениот шеќер, истакнува таа.

Диететичарката цитира студија од 2020 година објавена во списанието Nutrients која покажала дека кај луѓето со дијабетес тип 2, јадењето три урми секој ден во текот на четири месеци доведува до намалување на вкупниот и LDL холестеролот, како и подобрување на менталното здравје, во споредба со избегнувањето на овошјето. Исто така, оваа студија истакнала дека урмите се богати со влакна, витамини и антиоксиданти кои телото различно ги обработува. Ниту една група не забележала промени во тестот за гликолизиран хемоглобин (тест за контрола на дијабетесот).

„Освен ако не сте нетолерантни или алергични на одредено овошје, нема причина да го ограничувате“, заклучила таа.

Состојки:

2 големи замрзнати банани
4 урми
225 мл млеко по избор
3-4 коцки мраз
По желба можете да додадете: путер од ореви, ореви, чоколадо, цимет, мача прашок

Приготвување:

Урмите и 110 мл млеко ставете ги во блендер и блендирајте.

Додадете ги замрзнатите парчиња банана, преостанатото млеко и коцките мраз и измешајте додека не се изедначи.

Додадете повеќе млеко ако смутито ви изгледа премногу густо.

Истурете во чаши и уживајте.