Река како синоним за канта за ѓубре? Порано скопјани пливале во оваа река, а сега пливаат само амбалажи од храна

170

Мислите дека порано немало ништо, а сега има сѐ? Па да, точно е, денес има многу работи што порано ги немало, па веројатно затоа и не ни недостасувале, ама сѐ помалку има култура на живеење, па реките станаа синоним за канти за ѓубре, а амбалажата од храна стана доминантен вид во нив

Сите знаеме дека порано во Скопје имало плажи, а реката Вардар била главно капалиште и им овозможувала на скопјани пријатно разладување од високите температури.

Но порано, немаше ѓубре. Јас барем не се сеќавам на вакви количини на отпад во реките и по парковите и улиците, како што има денес. Иако во мое време веќе не се бањавме во Вардар, често ги слушавме приказните на повозрасните членови во семејството за нивните доживувања на плажите на Вардар. Што ни се случило потоа? Зошто станавме толку валкани?

Зошто не си го носиме ѓубрето во џеб или во ташна додека не најдеме место за фрлање отпад или додека не стасаме дома? Што ли си мислат оние кои фрлаат во Вардар додека ги зафрчуваат пластичните шишиња што подалеку во реката? Или не мислат? Веројатно не се способни за ваква мозочна активност, инаку сигурно би знаеле дека заради нивното ѓубре ќе страдаат и нивните деца, не само нашите.

Може ли да ми кажете каде ја фрлате амбалажата од храната што ќе ја изедете, пијалаците што ќе ги испиете, од марамчињата со кои културно ќе се избришете на крајот?

А: Во Вардар

Б: На кеј

В: Во парк

Г: На Водно

Д: На која било улица

Ѓ: Во својата или во некоја градска канта за отпадоци?

Мислам дека нема потреба од толку многу варијанти за оние кои не размислуваат, тие, очигледно од состојбата на теренот, ѓубрето го фрлаат таму каде што се наоѓаат во моментот.

Приказните, фотографиите и сцените од загадените реки одамна се дел од нашето секојдневие. Понекогаш нешто нè изненадува малку повеќе, како кога реките што се повлекуваат покажуваат асортиман и тони пластична амбалажа, но приказната завршува исто – реките се загрозени, а ние сè уште ги третираме како корпи за ѓубре.
„Некои работи се препуштени на стихијата, додека не станат очигледни и не предизвикаат проблем, било да е тоа хемиско или физичко загадување. Мислам дека тоа е до поединци, но и дека за таквите работи не се води систематска грижа, отсуствува култура на одговорност и негрижа за природата околу нас. Што се однесува до ѓубрето во реките, лесно може да се каже дека институциите се виновни. Да, тие се секогаш место број еден каде што треба да се обратиме, но наша граѓанска должност е да се грижиме за реките. Навистина нема смисла туку така да се фрли искористениот картон , шише, пластика и други материјали во реката.

Секоја чест за оние кои организираат акции за собирање на туѓото ѓубре, за оние кои своето го носат ако треба и во џеб додека не стасаат дома, а потоа си го фрлаат во својата канта. Браво за оние кои го селектираат и кои одат ако треба и две улици подолу за да најдат канта за стакло и хартија, бидејќи кај нас, ете, ја немаме ни основата од која се почнува во државите кои мислат на екологија – трите канти за селектирање на ѓубре кои треба да стојат пред секоја куќа и пред секоја станбена зграда.

Ама овие другите, овие кои амбалажата од сѐ што ќе изгнетат, излокаат и издркаат, ќе ја фрлат во Вардар, овие би ги натерала да влезат внатре и да соберат сѐ што фрлиле тие и сите како нив. И би им ставила по една етикета на чело која би морале да ја носат барем една година, сѐ додека не се научат каде се фрла ѓубре.