Од колачите во Палма до ќебапите во Дестан, сѐ ме потсетува на мојата баба

3.463

Замисли, додека денес шетав низ центар, една жена викна по мене: „Спасиа?!“ Јас се чудев која е, а таа почна да вика по маж ѝ: „Еве ја таа со бурекот од Лондон!“ Сакаше да се сликаме како да сум некоја ѕвезда, ми го прераскажа своето доживување од последниот ден во Скопје Спасиа Динковски, девојката со македонско потекло родена во британскиот град Кроли, за која македонската јавност дозна откако за неа пишуваа најпознатите британски медиуми

Ако досега британскиот град Кроли ни беше познат најмногу заради едѐн од најголемите бендови во историјата на популарната музика, „Д Кјур“, отсега ќе ни биде асоцијација и за нашата Спасиа Динковски. Оваа 35-годишна девојка за која ние во Македонија дознавме од најголемите британски медиуми од типот на „Гардијан“ и „Обсервер“, е родена во Кроли во семејство на македонски иселеници. Речиси целиот живот, освен оние 4 години во Њујорк и летните распусти во Македонија, живеела прво во родното Кроли, а потоа во Лондон.

Летните распусти често ги поминувала кај баба ѝ Славка во Карпош 4, а потоа во Тафталиџе 2 и секако, во нивното омилено сврталиште, легендарната слаткарница „Палма“. (Кој растел во овој дел од градот сигурно барем еден дел од младоста „излегувал“ и пред „Палма“.)

Последниве две години, од речиси анонимна готвачка во повеќе мали ресторани во Лондон, Спасија стана вистинска ѕвезда со својот Mystic Borek.

На почетокот од 2022. година во онлајн и во печатеното издание на британскиот Гардијан, рецензијата на 50 најдобри омилени јадења на Observer Food Monthly (ОФМ) која се објавува секоја година, започнува токму со Спасиа Динковски и нејзиниот Mystic Börek: најдобрите печива на Инстаграм.

Станува збор за креативна и умешна готвачка која 15 години работела во угостителскиот бизнис, а за време на карантинот решила да се фокусира на себе, базирајќи се на усовршување на нејзиното омилено печиво кое го правела нејзината баба Славка.

Го лансирала Mystic Börek на Инстаграм и оттогаш нејзините обожаватели и клиенти растат со брзина на светлината.

Таа и нејзиното семејство никогаш не ги заборавиле корените и иако за себе вели дека како дете се чувствувала по малку несигурно и помеѓу врсниците во родниот Кроли каде што мислела дека е премногу балканка и помеѓу врсниците во Македонија каде што мислела дека е премногу Британка, денес е комотна во сопствената кожа.

Вели дека секогаш се чувствувала поблиска до некои други култури, па најдобрата другарка не ѝ била Англичанка, туку била од Кенија, а исто и повеќето други пријателства во текот на животот. Се сеќава и дека во детството сендвичите што ѝ ги подготвувала за на училиште нејзината мама Светлана, биле секогаш поинакви од оние на другите, британските деца.

Паси, како што ја викаат пријателите и роднините, отсекогаш ја обожавала македонската кујна, па истата секогаш претегнува и во нејзините кулинарски креации.

Иако се пробала и во ресторан со Мишелин ѕвезди, вели дека не се пронашла таму. Наспроти мишелинските порции, нејзините по големината се типично македонски. Дури и своите волшебни буреци ги пакува, како што се вели обично за обилните оброци, како „оброк за шампиони“.

Деновиве во Скопје за првпат долета сосема сама и овојпат со посебна мисија: да најде инспирација и да собере материјали за својата книга за македонската традиционална храна за која се заинтересирала издавачка куќа од Лондон и тоа токму благодарение на нејзиниот „Мистик борек“.

„Следејќи ме на Инстаграм тие забележале дека, освен за готвење, имам талент и за пишување и ми побараа да направам некаков концепт како би можело да изгледа тоа. Сè уште не е ништо сигурно околу издавањето на книгата, но бидејќи одамна сакам да направам спој на моите две омилени работи во кои сум добра, креативното пишување (извесно време токму тоа го студирав) и готвењето, дури и ако тие не се нафатат да ја печатат мојата книга, јас сум решена да ја направам.

Тоа ќе биде остварување на мојот сон од пред околу 12 години заради кој заминав дури во Њујорк. Тогаш работите тргнаа во друг правец и освен што го печев кулинарскиот занает правејќи интересни сендвичи кои се продаваа во повеќе локали на Менхетен, не успеав да направам ништо во врска со книгата. Сега гледам дека инспирацијата за ова сум ја барала на погрешно место и дека ниту еден познавач на историјата, традицијата и културата на Македонија, не може да ме инспирира повеќе од сето она што имав можност да го видам за овој кус престој во родната земја на моите родители“, вели Спасиа.

А за да види што повеќе за време на овој кус неколкудневен престој, се погриживме токму ние, од „Арт кујна“. Со неа поминавме неколку интензивни денови и се обидовме да ѝ покажеме неколку одбрани локации и да ја запознаеме со неколку навистина посебни и инспиративни луѓе.

Таа пак, уште од првиот ден тука, храбро го вежбаше мајчиниот јазик на родителите кој, како што вели, како дете го зборувала одлично, но последниве години малку ѝ „рѓосал“.

„Кога бев мала дома секогаш зборувавме на македонски, па јас кога тргнав на училиште дури и имав македонски акцент. Секое доаѓање во Македонија зборував македонски со мојата баба и со роднините, но последниве неколку години малку го подзаборавив, затоа овие 4-5 дена постојано го вежбам во разговор со луѓето“, вели Спасиа со својот симпатичен британски акцент.

Токму акцентот или можеби сличноста со нејзината баба, биле причина уште првиот ден кога дошла да си го испие кафето и да си купи од омилените колачи во скопската слаткарница „Палма“, веднаш да ја препознаат.

„Малку ми е жал затоа што стариот газда на „Палма“ се растажи кога од мене дозна дека моите баба и дедо починале во меѓувреме, ама ми беше мило затоа што бев повторно на моето омилено место каде што толку често сум доаѓала со нив“, раскажува Спасиа.

Токму рецептите на нејзината баба, вели, се нејзината најголема инспирација во кујната, а сѐ што знаеше дека сака повторно да проба тука е она што го пробувала порано со својата баба.

„Денес отидов во „Дестан“ затоа што мојата баба јадеше кебапи само од тука. Но, кога ми ги донесоа, толку се растажив што не можев да ги изедам. Дури и се расплакав па морав да им објаснам дека не е до кебапите, дека се тие супер вкусни, туку дека плачам за мојата покојна баба. Затоа ми ги спакуваа и си ги земав за подоцна“, се смее Спасиа која деновиве, вели, во себе има цел вртлог од емоции.  

А каде и да оди, што и да вкуси, таа постојано прашува и учи. Смета дека е најважно за нејзината работа токму тоа што навистина ја сака и ужива во неа,  прашува, учи, усовршува и се разбира, дегустира.

Дознавме дека многу сака сирење и дека извесно време работела во најстарата и најпозната продавница за сирење во Англија. Правела селекција за менијата на едни од најдобрите ресторани и хотели во Лондон, а бидејќи станува збор и за продавницата од каде што се купува сирење за Кралицата на Англија, имала можност неколку пати и лично да го однесе во Бакингемската палата. Иако ѝ било интересно тоа што успеала да ѕирне во кујните на најголемите и најпознатите ресторани и хотели во Лондон, со време ѝ здодеало да го работи ова само затоа што немала можност секојдневно да готви. Таа пак, без готвењето е како риба на суво па и овојпат не издржа да не ги извалка рацете со брашно.

По инструкции на Валентина Петерсен, го направи своето прво тесто за јуфки, го расука како вистински професионалец и го спростре да се суши.

Сигурни сме дека лондонци наскоро ќе добијат уште еден македонски производ збогатен со чудесните филови, сосови и преливи на Спасиа, јуфки во некоја нова варијанта, ала Спасиа, токму каков што е и бурекот.

Откако почнала со својот „Мистик борек“, Спасиа прави дневно најмногу по 30 пити. Вели дека не сака да зголеми на квантитет иако има интерес, затоа што сака да го задржи квалитетот, но и задоволството додека ги прави.

„Англичаните, но и Балканците кои живеат во Лондон навистина се навлекоа на мојата храна, а најомилена им е вртената пита со фил од кремав спанаќ со пармезан, варени и рендани компири и чили. Многу успешен производ е и благиот бурек. Тој го правам така што секоја кора ја преливам со карамел, малку сол и јајца. Потоа го печам, па го сечам, ставам мед и путер, па го ставам во фрижидер. Во него оди и сладолед од бело овчо сирење прелиено со карамел со таан алва. Лудо звучи, нели? Ама навистина е вкусно и сите мои клиенти многу го сакаат“, тврди Спасиа.

Инаку, во моментов Спасиа е најдобриот туристички промотор на Македонија. Додека е тука, со своите следбеници на социјалните мрежи и со пријателите во Лондон ги споделува фотографиите од сета прекрасна храна што имаше шанса да ја испроба овде, па многумина од нив веќе размислуваат и самите да не посетат.

Неа деновиве најмногу ѝ се допаднало сирењето на скара што ѝ го направиле во некој од локалите во Дебар Маало, како и свинското со праз потпечено во фурна.

Многу ѝ е жал што нема да може да однесе во Лондон некоја пита бурек и падобранци од „Ригара“ како што правеле кога била помала, со оглед на тоа што допатувала со авион на Wizz Air. 

Спасиа досега најмногу ги сакала прошетките во скопската чаршија каде што пред повеќе години ја запознала и жената која, вели, ги прави најубавите тулумби, па отишла да ја посети и сега.

„Жената се вика Достана и многу се радуваше кога ѝ кажав дека сум готвачка. Ми се пожали дека нејзините синови се адвокати, а тоа според неа, баш и не е некоја професија. Знам дека ѝ е криво заради тоа што тие не се заинтересирани да ја продолжат семејната традиција. Затоа отидов да ја видам и таа многу се израдува што повторно ме гледа“, ни се пофали Спасиа која навистина максимално ги искористи овие денови. Успеа да ги види старите, но запозна и многу нови пријатели кои ширум ѝ ги отворија своите срца и своите домови и ѝ покажаа како тие ја одржуваат во живот македонската традиција правејќи здрава, природна и домашна храна, карактеристична за нашето поднебје.

Па така, за време на посетата на „Био оил“, Спасиа „фрли“ 2-3 чашки ладно цедено сончогледово и ладно цедено афионово масло, а го испроба и нивното експериментално масло од орев. Си ја излижа дланката полна со семе од афион токму онака како што правевме како мали кога речиси сите семејства кои имаа селски имоти, имаа на нивите и чушки со афион.

Кај Давид Неделковски и неговите родители Снежана и Зоран, на фармата „Кози, млеко, планина“ ѝ приредија пикник кој, како што рече, ќе го помни до крајот на животот. Младо козјо сирење, зреено сирење, крем-сирење и павлака, ама и сѐ уште топло, тукушто измолзено млеко. Да, а претходно, на пикникот на ливадата, убаво изладена „станушина“ од семејната винарија Захарчев.

Кај Валентина Петерсен во скопско Моране ги запозна своите сонароднички, кокошките од Сасекс, доби „боговски“ ручек – јуфки од домашни јајца со фил од домашно мелено месо и уште една варијанта со домашно овчо сирење, како и крупни органски, морански цреши.

Спасиа им возврати со љубовта вградена во нејзините корени, со својата широка насмевка, поглед полн со воодушевување после сите вкусни залчиња и искрено им порача на сите: „Ова беа најубавите денови во целиот мој живот. Ќе се вратам во септември!“