Празнични „ѓумбировки“

243

Еве го наједноставниот рецепт за овие колачи кои за разлика од крцкавата варијанта, се помеки и се топат во уста.

Рецептот и фотографијата за овие колачи кои се прават за новогодишните и Божикните празници се од нашата читателка Зорица Блажевска.

Состојки:

3 Шолји брашно
¾ шолја кафеав шеќер
1 лажица мелен цимет
1 лажица мелен ѓумбир
½ лажичка мелени каранфилчиња
¼ лажичка сол
¾ лажичка прашак за пециво
150 г путер исечен на коцки и малку омекнат
¾ шолја темен мед
1 јајце + 1 жолчка
2 лажици млеко

За украсување:

2 белки
250 г шеќер во прав
Сок од ½ лимон

Приготвување:

Измешајте го брашното со сите зачини и суви состојки, а потоа додадете ги путерот и јајцето и месете со раце или во блендер се додека не добиете ситни трошки без големи грутки путер. Потоа полека додавајте ги медот и млекото и замесете тесто.
Завиткајте го тестото во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер на 1 час.
Вклучете ја рерната на 180C, поросете ја работната површина со брашно, расукајте го, поросете со брашно и одозгора за да не ви се лепи и со калапи вадете форми и редете ги врз хартија за печење.
Печете ги околу 10-15 минути.
Изматете ги белките и полека додавајте шеќер во прав и сок од лимон се додека не добиете изедначена смеса со која ќе ги украсите колачите по ваша желба.