Чија е таа сарма? Изгледа дека е сечија

733

„Она што е малиот црн фустан во гардеробата на секоја жена, тоа е сармата во кујната“, рекол некој. Колку и да звучи смешно, не е далеку од вистината. Сармата е класично јадење кое речиси сите го сакаат и кое традиционално го поврзуваме со зимските денови, особено со новогодишните и Божикните празници. И не е само наша

Во повеќето балкански земји, сармата стана традиционално јадење, толку автохтоно што многумина ја сметаат за производ на нивната национална кујна (поточно, на славенската кујна), и покрај тоа што вистината е дека сармата доаѓа од традиционалната турска кујна.

Самиот збор сарма е турски збор и во основа станува збор за турско јадење кое навлегло во нашата кујна во текот на 15 и 16 век.
Турците како свој специјалитет ги довеле до совршенство сармичките од лозов лист, а ние ја усовршивме сармата од кисела зелка.
Затоа, кога зборуваме за сарма, всушност зборуваме за сармата која на Балканот се прави од кисела зелка и мелено месо. Инаку, сарма може да се направи и од лозов лист, блитва и слично.

Сармата е јадење направено од мешавина од мешано месо и ориз, завиткано во лист кисела зелка. Додуша, ова е верзијата која најчесто ја гледаме и јадеме кај нас. Во бугарска верзија, наместо кисела зелка се употребува свежа бела зелка.

Доколку во зима посетите некоја од поранешните југословенски републики или која било друга балканска земја, сигурно во понудата на менијата ќе најдете и сарма.

Иако сакаме да веруваме дека е сармата наше, балканско јадење, таа се подготвува во многу светски кујни и вклучува две основни работи:
– фил кој може да биде со месо или само од растително потекло (ориз, пиперка, домати и сл.).
– обвивка, лист од растение, кисела зелка, зелка, лозов лист кој се полни со фил и се витка во мали пакетчиња.

Можеби ќе скршиме нечии илузии дека сармите се наши, балкански, но ќе наведеме само некои од јадењата кои се направени од кисела зелка и многу личат на „нашиот“ специјалитет:
Holubky во Чешка, golubki во Полска, sarmale во Романија, golubtsi во Русија или Kohlrouladen во Германија.

Видете повеќе за овие рецепти ТУКА.

А ние ќе го споделиме со вас рецептот и фотографиите на нашата читателка Марија Најдовска.

Состојки:

Мелено месо

кромид

праз

сланина

чадни ребра

ориз

сува црвена пиперка

свинска маст

сол и црн пипер

кисела зелка

Приготвување:

Се пржи сланината исечкана на коцки. Се додаваат сечканите кромид и праз. Потоа се додава месото. Се пржи и пред крајот се додава оризот, сол, црн пипер и сува пиперка. Се виткаат сармите и се редат во тенџере. Најгоре се покриваат со кисела зелка, чадено ребро и свинска маст. Се покриваат со чинија за да се притиснат, па се ставаат да се варат на тивко 3 часа. На крајот се потпекуваат во рерна.