Пусто турско: кафе варено на морски песок

804

Она што е актуелно последнава година откако во скопската чаршија господин Бурхан Асан го донесе мангалот со морски песок е турското кафе сварено во врелиот песок и послужено онака мераклиски, по старски, со локум и вода.

Со оглед на тоа што, за разлика од порано, последниве години стана вистинска реткост да најдете кафуле или ресторан во кој ќе сакаат да ви направат турско кафе, не е изненадувачки што луѓето полудеа по турското кафе кое се врати на голема врата во нашето секојдневје.

Она што е актуелно последнава година откако во скопската чаршија господин Бурхан Асан го донесе мангалот со морски песок е турското кафе сварено во врелиот песок и послужено онака мераклиски, по старски, со локум и вода.

Станува збор за традиционален начин на приготвување на кафе кое на времето се подготвувало на мангал, ама на жар, а денес овој модерен мангал работи на плин и наместо на жар, кафето во него се вари во врелиот песок.

Бурхан Асан е стар скопјанец и стар чаирчанец од саук чешма (ладна чешма), во Серава маало. Неговиот татко Таксим, за жал, починат, до 1981-1982 година печел и мелел кафе за сите хотели во државата.

„Татко ми до 1981-82 работеше во „Југ турист“, сегашен хотел Бристол. Зад хотелот имаше барака и таму печеше кафе, со вреќи, имаше и машини за мелење и од таму се снабдуваа сите хотели во Македонија. Памтам дека како дете одев таму и топлите зрна печено кафе ги јадев како леблебии. Ама тогаш не бев заинтересиран да се занимавам со тоа. Завршив средно во „Коце Металец“, за златар и до 1990-тата работев во златарскиот дуќан на чичко ми, во чаршијава“, ни раскажа Бурхан додека го густиравме кафето.

Вели дека таа година се оженил и бидејќи немал капитал и алати, не продолжил со занаетот, чичко му го дал дуќанот под кирија, а тој си тргнал по својот пат. Подоцна се вработил во средното училиште „Јахја Кемал“ кадешто останал цели 22 години, прво на информации, а потоа како одговорен за кујната и за кантината. Сѐ до почетокот на пандемијата со ковид-19. Отпрвин биле испратени дома со 70 отсто плата, а потоа кога требало да се вратат на работа, му кажале да не доаѓа.

Ова му се видело како добар момент да си го исполни она за што размислувал и претходно, но овојпат, со оглед на околностите, морал да реагира веднаш.

„Со сопругата и со ќерка ми дојдовме, го видовме дуќанот и сѐ беше готово за три дена. Го средивме, го декориравме во турски стил, донесов некои предмети од Турција, некои работи кои со генерации сме ги чувале, ги донесов од дома и почнав со работа“, раскажува господин Бурхан.

Така почнала убавата семејна приказна на „Отоман кафе“ во кое за време на викендите луѓето дури се јавуват за да си резервираат место со оглед на тоа што станува за малечок простор. Кафето испиено тука има навистина посебен шмек и прави да се чувствувате посебно. И заради специфичниот начин на кој кафето се вари и заради неговиот вкус, а особено заради начинот на кој ќе ви го сервираат, како да сте во сарајот на некој султан, а не во едно мало кафуле во скопската чаршија.

Нашиот домаќин пак веќе станал вистинска ѕвезда и телефонот постојано му ѕвони, а луѓето се менуваат како на лента.

Господин Бурхан работи сам, од 8 наутро до 22 часот. Неговата сопруга е задолжена за традиционалните слатки кои ги служат со кафето и чајот, гурабии, шеќер паре, ама и сок од рози и лимонада со нане, а ќерката која е четврта година на катедрата за англиски јазик на „Свети Кирил и Методиј“ му помага секогаш кога е послободна.

„Летоска кога имаше доста работа, доаѓаше секој ден и додека таа ги спремаше кафињата, чаевите, салепот и сѐ друго, јас ги служев муштериите“, објаснува тој.

Засега некако успева да постигне па дури стасува и да однесе нарачка во некои од поблиските дуќани.

Со оглед на тоа што и самиот како момче работел во чаршијата, има тука голем број стари пријатели, но стекнува и многу нови.

Редовни гости му се и луѓето од турската амбасада, а летоска му доаѓале и туристи од Полска за кои варењето кафе на песок било вистинска атракција.

Инаку, во неговото кафуле нема никогаш да добиете кафе од амбалажа, туку самиот секојдневно си меле 5-6 пати на ден по 200 грама кафе, па така секогаш има тазе смелено кафе.

Освен новиот мангал со песок на кој го спрема кафето, во кафулето почесно место има и мангалот на жар кој го наследил од дедо му и е во нивното семејство веќе 1 век, како и двата бокали во кој се вари салепот.

„Почнав со оригинален салеп од корен од дива орхидеја, кој прво се суши, па се ренда, каков што се правеше порано во слаткарницата „Охрид“, ама сега луѓето не го знаат веќе овој вкус, па не го прифатија баш добро. Затоа сега користам салеп од Турција, а од оригиналниот ставам малку во смесата и муштериите го обожаваат“, вели господин Асан.

Новите муштерии веќе чекаа на малите масички за да бидат послужени, па си заминавме со ветување дека следниот пат ќе дојдеме да ги пробаме гурабиите што неговата сопруга ги прави по старите оригинални рецепти наследени од претците и стариот добар турски чај.